Историскиот беџ на Audi, RS конечно ќе
ја краси и маската на најбрзиот, најмќониот и најжешкиот TT на сите
времиња кој со гордост може да го понесе епитетот помалиот брат на R8.
Прототипот кој е фатен од ловците на автомобили за време
на тестирање се прикажува во вистински светло. Не носи никаква камуфлажа што
упатува на заклучок дека токму вака ќе личи сериската верзија на Audi
TT RS.
Агресивните аеродинамични додатоци кај кои се гледа
влијанието на дизајнерските идеи од R8, големите
елипсовидни издувни цевки, хромираните странични ретровизори, го прават TT RS
препознатлив на прв поглед. Едноставно кога ќе се здогледа нема двојба за која
верзија станува збор.
Проширени се и арките над отворите на тркалата со цел да се
направи доволно место за во нив да можат да се сместат големите леснометални
бандажи од 19 инчи, а одзади во браникот е интегриран и дифузор со чија помош TT RS дополнително притиска врз асфалтот при високи брзини.
За да се оправда беџот RS инженерите
во Audi под хаубата на TT го поставиле
новиот пет цилиндерски трубо бензинец, прв по паузата од повеќе од една
деценија. Ваквата конфигурација на мотор влече корени од популарното купе Quattro
од 80. години од ХХ. век и последен пат е користена кај S6 од 1995
каде остваруваше моќност од 227 коњски сили.
Пет цилиндерскиот 2.5 литарец во себе ја пакува најновата
генерација на технологијата TSI која подразбира вградување на два турбополначи и која
сама по себе е доволна за да измами насмевка на лицето на возачот кога со притискањето
на педалот за гас од под хаубата ќе се разбудат и збревтаат моќни 350 коњи.
Секвенцијалните турбополначи се грижат за линерана испорака
на снагата низ целиот дијапазон на вртежи на моторот. Помалечкиот турбополнач
пумпа при пониски вртежи држејќи ја моќноста на некој оптимум пред поголемиот
турбополнач да почне да дува обезбедувајќи максимална моќност и вртежен момент
се до почетокот на црвеното поле на бројачот на вртежи.
Погонот е на сите четири тркала, а снагата се пренесува
преку шест степен DSG менувач, а како опција ќе се нуди и седум степена
менувачка кутија, исто така DSG.
Претпоставките се дека кога ќе се спои снагата на
моторот, менувачот DSG, погонот на четири тркала и за околу 160 kg помалата
тежина во однос на R8, TT RS не би требало да заостанува премногу
зад својот поголем брат кога е во прашање забрзувањето.
Треба да се очекува катапултирање до 100 km/h за помалку
од 5 секунди, додека максималната брзина ќе биде електронски ограничена на 250 km/h.
Внатре возачот и совозачот ќе седат во тркачки кади,
возачот во рака ќе го стега малиот дебел волан со три пречки со рамно дно, а
стапалата ќе притискаат врз педали од алуминум.
За удобноста, но и за беспрекорното лепење врз асфалтот
ќе се грижи суспензијата на Audi, Мagnetic Ride, со адаптибилни амортизери, а тука е
и втората генерација на системот MMI, Multi
Media Interface со кого се управува преку Touchscreen
LCDisplay.
Првите примероци треба да стигнат до купувачите кон
крајот на годината. Воедно се очекува и датумот кога ќе почнат да се прават
првите нарачки што веруваме ќе биде многу скоро. Секако оваа информација
најдобро ја знаат дилерите на Audi.
И на крај цената. Иако сеуште нема официјална потврда
треба да се очекува сума од околу 50.000 европски банкноти кои ќе треба да се
издвојат доколку сакате во гаражата да ви лежи еден Audi TT RS.
|