Тестирањето на прототиповите од кои треба да произлезе
новата генерација на Volkswagen Polo е во полн ек. Еден таков прототип е
забележан на патиштата низ Италија.
Може да се забележи дека предницата личи како да е
инспирирана од Scirocco, но и од шестата генерација на Golf, додека профилот
е типичен за еден хечбек на Volkswagen.
Интересно е што задниот дел е прекриен со многу помасивна
камуфлажа со што дополнително се подгрева љубопитноста и се поставува прашањето:
каков ли задник сега нацртале дизајнерите во VW?
Новата генерација на Polo како што
вeлат во Volkswagen генерално е
наменета за две групи на купувачи. Првите се оние кои пред 30 години возеле Golf и денес
најверојатно се пензионери за кои Golf VI е преголем и затоа
се свртуваат кон Pоlo кое сега ги носи истите димензии како Golf
II. Втората група се млaди купувачи на кои Polo им е прв
автомобил.
Убаво од Volkswagen што олку рано ја има намирисано својата
целна група на купувачи.
Иако сме сведоци на постојаниот раст на автомобилите, кај Polo тој раст како да е сопрен. Точните димензии сеуште се
тајна, но добиените информации велат дека новото Polo е
незначително поголемо од актуелниот модел.
Новата платфрома која веќе одамна вози во новата Seat
Ibiza гарантира повеќе простор во кабината и подобри возни својства. Покрај хечбекот
со пет врати на располагање ќе биде и верзија со три врати, а на некои пазари и
седан.
Со новиот Pоlo доаѓаат и
нови мотори. Бензинската понуда стартува со трицилиндерскиот 1.2 HTP со моќност
од 60 КС и 70 КС. Понатаму следи 1.4 литарецот со 85 коњски сили и неговите
верзии со турбо натполнење TSI кои остваруваат 105 КС и 170 КС. Помоќната
ќе го задвижува Polo GTI.
Дизелите стартуваат со новиот супер штедлив 1.2 TDI кој
остварува моќност од 75 коњски сили и максимален вртежен момент од 180 Nm. Моторот
ќе работи и во верзијата BlueMotion за која се најавува дека ќе има
просечна потрошувачка од 3,5 L/100 km.
Останатата дизелска понуда се врзува исто така за новиот 1.6
TDI кој како и бензинскиот турбо доаѓа во две верзии со
моќност од 90 КС и 105 КС.
Покрај дизелите новина кај Polo е и новата
менувачка кутија. Се работи за DSG менувачот со седум степени кој треба во целост да го
замени досегашниот шест степен менувач DSG.
Моделите кои ќе носат највисоко ниво на опременост ќе
доаѓаат со систем за автоматско паркирање, систем за навигација со touchscreen LCD монитор,
камера за паркирање наназад, адаптибилни предни светла, адаптибилни
амортизери, систем за предупредување при ненамерно напуштање на коловозната
лента итн.
И бидејќи е најавено дека на пазарот ќе се појави за 6
месеци од сега, светската премиера на новата генерација на Pоlo ќе биде на
салонот во Женева во март 2009 по што ќе стартува и комерцијализацијата.
|