Љубителите на жешки мали автомобили кои веќе збеснуваат
по новото Clio RS кое под хаубата пакува 200 КС и чив мотор
врти преку 7.000 врт/мин сега имаат на што да се надеваат кога ќе го изгустираат.
Станува збор за неговиот наследник кој, претпоставувате,
доаѓа директно од Renault Sport, ќе нуди повеќе од 200 КС задоволство
и што е најважно пристигнува за околу две години.
Доволно време за да се откријат сите финти на сегашното
Clio RS за да може да се споредува со наследникот. Компјутерски
создадената фотографија овој пат не е дело на некој надворешен дизајнер, туку
доаѓа директно од дизајнерските бироа на Renault.
Барем така тврди францускиот магазин за автомобили Auto
Plus. Уредниците на магазинот уверуваат дека информацијата е веродостојна и
дека доаѓа од прва рака од извори во Renault.
Дизајнерите во Renault се погрижиле
новата генерација на Clio RS да биде веднаш препознатлива на улица. Едноставно еден
кус поглед и веднаш станува јасно која е мини бомбата на тркала.
На предниот дел ќе доминира беџот на Renault со издашни
димензии и големите отвори на воздух кои се распоредени така да даваат попривлечен изглед на автомобилот без да бидат нападни.
Од зади ова Clio RS личи далеку
поагресивно, со високо дигнат задник, спојлер на кровот, аглеста задна врата
која продолжува во исто такво аглесто стакло, централно поставен топ од издувот
и масивен дифузор.
Под набабраните крила се сокриваат
леснометални бандажи на Renault Sport со пречник од 18 инчи, традиционално
обуени во гуми на Michelin.
Агресивниот дизајн на Clior RS може да се
каже дека е последното дело на шефот на дизајн во Renault, Патрик Ле
Квемент којшто го напушта францускиот производител на крајот од годината.
Негов наследник е актуелниот шеф на дизајн во Мazda, Лоренс
Ван Дер Акер кој сака да направи радикални промени во дизајнот на
автомобилите на Renault и комплетно да го смени стилот и имиџот на
производителот.
Рековме дека новото Clio RS ќе нуди
повеќе од 200 КС. Тие ќе доаѓаат од ситиот атмосферски бензинец кој работи
и во актуелното Clio RS, но според изворот ќе се врти уште повисоко и ќе има
пониска емисија на СО2. Се спомнува просечна потрошувачка од околу 6.0 L/100
km и емисија на СО2 пониска од 180 g/km.
Четвртата генерација на Clio, на која и
припаѓа и најавеното Clio RS ќе почива на сосем
нова платформа. А Clio RS ќе се нуди во две верзии исто како сега Sport
и Cup. Првиот покомфорен, вториот поекстремен.
Стартот на продажбата се очекува кон средина на 2011.
|