Неколку прототипови од новата генерација на Astra сокриени под
масивна камуфлажа се забележани како вртат во близина на Нирбургринг, но сеуште
ниту еден не излегол на патека.
На фотографијата може да се забележи новата Opel Astra, автомобил
кој е од исклучително големо значение за германскиот производител, но и за
целата групација на General Motors.
Токму со помош на новата генерација на Astra, Opel и GM очекуваат
дека ќе успеат да вратат дел од загубениот пазарен колач во сегментот.
По првата патка во форма на скица објавена од страна на
одделот за маркетинг на GM, сега е претставена и компјутерски генерирана слика која
во најголема мерка го прикажува дизајнот на новата Astra кога автомобилот ќе се
симне од производната лента.
Секако на сликата е караван изведбата на автомобилот. Но
и покрај комбиевски издолжениот заден дел, флуидните линии ставаат на знаење
дека кога ќе се појави на пазарот Astra Сaravan ќе биде една од
најубавите комби изведби во класата.
Светската премиера е најавена за салонот во Франкфурт
следната година, по што веднаш се очекува и стартот на продажбата во Европа. А
бидејќи е глобален автомобил една година подоцна ќе се појави и на пазарот во
САД под беџот на Saturn.
Сега дефинитивно се знае дека Opel ќе
претстави и хибридна верзија на Astra во 2010
кога ќе започне и комерцијализацијата. Освен кај хибридот останатите
мотори што ќе работат под хаубата на Astra нема суштински да
се разликуваат од денешните.
Секако големо внимание ќе биде посветено на емисијата на
издувните гасови со цел задоволување на новите строги европски норми, но и дополнително
смалување на потрошувачката и покрај тоа што ниската потрошувачка од секогаш била посилна страна на моторите
на Opel.
Бензинците ќе располагаат со дијапазон на моќност од 75
до 240 коњски сили, а дизелите со моќност од 90 до 150 коњски сили. Но, се
очекува и верзија на дизел од 170 коњски сили, а врвот на понудата вообичаено ќе
биде верзијата OPC.
|