Гласините што кружеа за првиот дизел на Porsche не беа
напразно. Во Цуфенхаусен дефинитивно се подготвуваат да му го претстават на
светот првото возило на Porsche со дизел под хауба.
И покрај обидите работава да се држи во најголема
тајност, сепак папараците во овој случај победија. Според информациите што
доаѓаат од нив овој црн Cayenne, фатен некаде во Скандинавија, звучи како дизел, а како
потврда ги наведуваат двете издувни цевки за кои сите ќе се согласат не
изгледаат баш како на бензинец.
Тие се колнат дека едноставно неможеле да згрешат бидејќи
и покрај сите современи технологии, изолирање на моторот и умешности при
маскирање, звукот на дизелот и на бензинецот сеуште се разликуваат, толку многу
што секој може да ја препознае разликата.
Не се знае дали под хаубата на овој Cayenne
работи 3.0 литарскиот V6 TDI земен на заем од VW Touareg, или пак,
станува збор за масивниот 6.0 литарски V12 TDI што ќе го задвижува и Audi Q7.
Очекувано, одговорните во Цуфенхаузен сеуште молчат околу
сета оваа работа, но треба да се забележи дека не негираат. Во секој случај Porsche
Cayenne дизел ќе се појави на пазарот некаде во 2009.
Можеби за многумина ова ќе личи како сквернавење на
реномето и на името на Porsche, но факт е дека
новото време носи нови работи, а доколку носи и добра заработка уште поубаво.
И на крај што останува, можеме да го прифатиме како
реалност, но не значи дека ни се допаѓа.

|