Get Adobe Flash player

Се крчка Golf VII
27.02.2009
vw-golf-7-1.jpgVolkswagen не сокрива дека шестата генерација на Golf e доработена и добро избалансирана верзија на Golf V, која треба да трае до појавувањето на комплетно нова генерација.

Инженерите во развојните центри од поодамна работат на седмата генерација на Golf чива задача нема да биде само продолжување на еволутивниот напредок на автомобилот, туку промовирaње на една сосема нова модуларна платформа.

Под водството на визионерот Др. Фердинанд Пих, Volkswagen на почетокот од деведесетите од ХХ. век започна да создава модуларни платформи кои служат како основа за лансирање на повеќе модели.

Пих кому му се припишува креирањето на првиот Светски рели автомобил со погон на четири тркала Audi Quattro, ја креираше и платформата на која беше поставена четвртата генерација на Golf. Истата ја користеа четиринаесетина модели од Skoda Octavia до Audi TT.

Секако платформата на Golf IV ја користеа поголемите модели од групацијата. Помалите користеа платформа на Polo. Истото се случува и денес со платформата на Golf V, подобрена за во Golf VI, и со платформата на која лежи новата Seat Ibiza, а ќе послужи и за новата генерација на Polo која се очекува наскоро.

Но, ова е веќе познато. Тогаш каде се сокрива новината што ќе ја донесе седмата генерација на Golf VII.

Делче се сокрива во создавањето на нова платформа која ќе ја користи Golf VII и следствено уште еден куп модели од групацијата. А делче се сокрива во фактот дека истата платформа ќе ја користат не само поголемите туку и помалите возила од новата генерација на групацијата VW.

Каде лежи есапот? Едноставно во создавањето една, исклучително модуларна платформа, место во две различни платформи.

Можностите за менување на меѓуоскиното растојание и трагата се само дел од понудата на новата платформа на Volkswagen. На репертоар е и можноста за користење за различни носечки мостови кај задната оска.

Ова значи дека малите автомобили како и до сега ќе носат полукрута оска која е поевтина за изработка и зафаќа помалку простор.

Додека, предната оска со попречни водилики, стабилизатори, управувачкиот склоп, ќе биде иста како кај поголемите модели.

Со ова Volkswagen сака да ги разбие информациите во кои се вели дека новата генерација на Golf, поточно Golf VII, ќе биде поставен на платформата на новата генерација на Polo, односно актуелната Ibiza.

Покрај кратењето на трошоци за производство причината за една ваква одлука лежи и во најавата на Volkswаgen за пласирање на Polo на пребирливиот пазар во САД. Каде покрај Golf ќе биде вториот модел со кој германците сакаат да и парираат на јапонската и кореанската конкуренција.

Golf VII ќе користи нова генерација на мотори со мала зафатнина, бензински и дизели, сите опремени со турбо полначи.

Инженерите работат и на создавање на мотор HCCI - Homogenous Charge Compression Ignition или хомогенизирано полнење и палење со помош на компресија , кој претставува комбинација од бензинец и дизел.

Односно има ефикасност на дизел со емисија на издувни гасови од почистиот бензинец. Моторот првпат е претставен од истражувачите на сеучилиштето MIT во САД, а е најавен и за во Opel Insignia.

Истражувачите истакнуваат дека моторот HCCI има најголемо корисно дејство кога работи при константен број на вртежи и затоа планираат истиот да се користи како генератор во plug-in хибридната верзија на Golf VII која ќе биде слична на хибридот на General Motors, Chevrolet Volt.

На фотографијата е тестното муле фатено од ловците на автомобили, додека талентираните дизајнери ширум светот побрзаа да ја претстават својата визија за Golf VII создавајќи компјутерски генерирани фотографии. 

Планот е седмата генерација на Golf да биде претставена кон крајот на 2012, додека комерцијализацијата би стартувала во првата половина на 2013.

Секако не е исклучено претставувањето на новиот модел дополнително да биде одложено исто како што беше случајот со Golf VI.


 
Get Adobe Flash player