Новиот играч во средната класа Suzuki Kizashi се
подготвува веќе следната година да ја заостри конкуренцијата која и без него е
доста голема.
Да наброиме само дел од конкурентите Citroen
C5, Ford Mondeo, Opel Insignia, Peugeot 407, Renault Laguna, Toyota Avensis,
Volkswagen Passat… Но, купувачите наскоро ќе можат да го избираат и Suzuki
Kizashi.
Ова е првиот автомобил на Suzuki кој ќе се
бори во овој сегмент од пазарот и за кого одговорните кај јапонскиот
производител веруваат дека ќе успее да се наметне како сериозен играч кому
купувачите ќе му веруваат.
Ваквите предвидувања не се без основа. Suzuki
до сега го докажал својот квалитет во пониските класи и откако истиот ќе го
пренесе и во средната класа Kizashi може да се покаже како издржлив траен производ кој на
својот сопственик ќе му понуди години безгрижно возење.
Ловците на автомобили успеле да го фатат Kizashi како
тестира на патеката Нирбургринг каде инженерите на Suzuki го
дотеруваат подвозјето.
Kizashi е поставен на основата на истоимениот концепт претставен
на салонот во Њујорк годинава, иако најавата за Kizashi пристигна уште 2007. Од фотографиите може да се забележи дека стилот
на концептот е задржан и кај сериската верзија.
Сеуште нема сознанија за механиката на Kizashi односно
кои мотори ќе работат под хаубата, со какви менувачи ќе бидат врзани и дали ќе
има погон на четири тркала.
Се претпоставува дека во Suzuki ги
предвиделе бензинските мотори од 2.0 и 2.5 литри и дизели кои треба да дојдат од
некој од европските производители, најверојатно Fiat.
Гласините велат дека врвниот модел во понудата на Kizashi
под хаубата ќе носи V6 бензинец со зафатнина од 3.6 литри и моќност од преку
300 коњски сили. Снагата би требало да се пренесува на асфалтот преку сите
четири тркала.
Kizashi ќе се произведува во погоните на Suzuki во Делхи,
Индија од каде ќе се дистрибуира низ цел свет.
|