|
Новата, втора по ред, генерација на BMW Серија 1 тестира на големо со цел да се исполнат плановите на одговорните во Минхен компактот да се појави на пазарот некаде во текот на следната година.

Прототипот е уловен за време на тестирање и иако прекриен со масивна камуфлажа открива многу детали меѓу кои и конечниот облик кого можеме да го споредиме со актуелниот модел.
Заклучокот е дека генералниот облик на автомобилот не претрпел големи измени, но затоа предните светла имаат нов облик и интегрирани светлечки диоди во неправилна кружна форма околу проекторите.
Технологијата на светлечки диоди ја користат и задните светла и трепкачите поставени на надворешните ретровизори. Се препознава и комплетно новата кабина иако е прекриена со масивна камуфлажа.
Централната конзола има комплетно нов дизајн со екран од навигацијата кој се вовлекува во арматурата, нов е и дизајнот на воланот, а се препознава и рачката од автоматскиот менувач на BMW.
Новата генерација на Серија 1 носи кодна ознака F20 и четири цилиндрични бензинци и дизели со турбо натполнење. Се претпоставува дека во спрега со најмоќните изведби ќе биде и автоматскиот менувач со осум степени на пренос.
Инсајдери во компанијата велат дека во развој се и мотори со три цилиндри кои подоцна ќе влезат во понудата. Се очекува премиерата да се случи на есен во Франкфурт, а стартот на продажбата во 2012 година.
|