Баварскиот производител на автомобили е еден од
најагресивните кога е во прашање изнаоѓање на нови технологии за зголемување на
ефикасноста, но не на штета на перформансите.
Последната информација за BMW е дека неговите
инженери бараат начин како да извлечат електрична енергија од жештината што ја
произведуваат врелите издувни гасови и истата да ја надополнат со електрична
енергија од фотоволтаични ќелии попознати како соларни ќелии.
Целта е да се растерeти моторот од производство на
електрична енергија за напојување на системите во автомобилот со што ќе се
зголемат перформансите и воедно ќе се намали потрошувачката.
Според пресметките направени во лабораториите на BMW издувните
гасови преку термоелоектричен генератор можат да создадат до 1kW електрична
енергија која гледано во глобални рамки може да ја намали потрошувачката за 5
проценти.
Продобивката на системот доаѓа од можноста за складирање
на електричната енергија, која подоцна може да се искористи за предзагревање
на моторот кој така троши помалку и испушта помалку отровни гасови, но и за задвижување на
клима уредот и останатите големи електро потрошувачи.
Подолу на фотографиите е приказ за положбата каде на
возилото би можел да биде монтиран термоелектричниот генератор.
Втората идеја на BMW е
користење на фотоволтаични или соларни панели во сончевиот кров на автомобилот.
Испитните модели произведувале и до 200 W електрична
енергија што повторно гледано во глобални рамки би ја намалило потрошувачката
на фосилни горива за 1 процент.
Но, ова е генерирање на соларна енергија само од
сончевиот кров. Доколу соларните панели би се распоредиле по целата должина и
ширина на кровот на автомобилот тогаш би се генерирала електрична енергија од 1 kW исто како
и кај термоелектричниот генератор, а подеднакво ќе се намали и потрошувачката.
Покрај овие два системи во развојните лаборатории на BMW се работи
на регенеративен сопирачки систем, унапредување на веќе вградуваниот старт/стоп
систем, варијабилна аеродинамика на предниот дел од автомобилот, електрично
серво управување и сателитски систем за помош при избегнување на сообраќаен
метеж кој пресметано на годишно ниво само во Германија би заштедил 12 милијарди
литри гориво кое се троши залудно поради застои.
Всушност целата оваа збирка на технолошки иновации е дел
од системот кого во BMW со едно име го нарекуваат EfficientDynamics.
|