|
Производителот од Минхен работи на цела серија нови високи технологии кои во блиска иднина ќе почнат да се вградуваат во сите модели на производителот од најмалата Серија 1 се до Серија 7.

Моделите што ќе ги носат новите високотехнолошки системи BMW ги нарекува „интелигентни модели” и истите ќе имаат способност сами да се прилагодуваат кон конкретните услови кои владеат на пат нудејќи висока возна динамика, ниска потрошувачка и висока безбедност како за патниците така и за пешаците.
Новата технолошка филозофија во BMW ја нарекуваат Connected Drive meets Efficient Dynamics. Овој сложен поим зад кого се сокриваат системите од новите технологии бара разложување и објаснување на начинот на делување.
Првиот поим Connected Drive од BMW го објаснуваат како систем кој овозможува проток на информации, односно влез на информации во возилото и излез на информации од возилото.
Овој проток на информации му овозможува на системот да управува со возилото. Информацијата влегува во возилото преку надворешни давачи како што се сензори за паркирање, камери, сензори за дожд, сензори за светло, ласери со сензори кои ја скенираат патната сигнализација како знаци, семафори итн.
Понатаму информациите кои доаѓаат од надворешните давачи ќе се дополнуваат со информации кои пристигнуваат од други автомобили, односно од комунукација автомобил – автомобил, плус тука се и информациите за патниот сообраќај кои доаѓаат од радио мрежата и интернет конекцијата достапни во реално време.
Информациите добиени од надворешни давачи ќе се комбинираат со информациите кои ги генерира автомобилот како местоположба добиена од уредот за навигација и глобално позиционирање, и начинот на работа на моторот и останатите внатрешни системи на автомобилот.
Со комбинирање на двата вида информации автомобилот ќе може сам да одлучува за начинот на возење, кој пат да го избере, кога да ја зголеми претпазливоста, како да го предупреди возачот за евентуалните предизвици кои стојат пред него на патувањето до саканата дестинација.
На овој начин со користење на системот за размена на информации или поврзано возење како што вели поимот Connected Drive во BMW веруваат дека ќе успејат значително да ја подигнат безбедноста, да го скусат времето потребно да се стигне до одредената дестинација.
Со додавање на системот за ефикасна динамика или Efficient Dynamics кој веќе работи во одредени модели на BMW баварците очекуваат да ја намалат потрошувачката на целата гама за високи 15%.
Комбинирањето на двата системи во еден Connected Drive meets Efficient Dynamics не е едноставно и инженерите сеуште работат на неговиот развој кој треба да заврши наскоро, а во наредните пет години ќе ја покрие целата гама.
BMW планира новиот систем да го вгради во новата генерација на Серија 3 и премиерно да го претстави на пазарот во 2013. Според инженерите на марката со помош на Connected Drive meets Efficient Dynamics новиот BMW 320d би имал емисија на СО2 од 99 g/km.
Освен системите кои ќе ја подигнат ефикасноста, динамиката и безбедноста, автомобилите на BMW ќе профитираат од уште еден систем кој ќе овозможи комуникација на возилото со домашните системи за забава па така одредени функции на автомобилот ќе може да се управуваат со помош на мобилен SmartPhone, но и обратно кога со клучот од автомобилот ќе може да се плаќаат сметки, паркинг, да се отклучува домот и слично.
Од BMW се убедени дека новите високотехнолошки системи во следните 5 години ќе доведат до револуционерни промени кај автомобилите.
|