Употребата на електромоторите во современите хибриди, или
пак, во електричните возила не е единствениот начин за да се заштеди енергија,
односно да се потроши што помалку гориво.
Не требаше долго време за конструкторите да се сетат дека
електриката може да се искористи и за задвижување на механички компресор со што
моторот ќе се растерети и следствено ќе троши помалку гориво.
Идејата на конструкторите е едноставна. Вообичаено
механичкиот компресор добива погон од моторот, поточно од коленестото вратило
со кое е врзан преку ремен.
На тој начин се одзема голем дел од енергијата на моторот
кој, иако добива повеќе снага благодарение на компресорот, голем дел од снагата
троши на задвижување на истиот и на тој начин троши повеќе гориво.
Кога компресорот би имал независен погон од моторот тогаш
само ќе додава енергија без да се расипува истата произведена од моторот. На
тој начин моторот ќе произведува уште повеќе коњски сили и вртежен момент, а ќе
троши многу помалку бидејќи губитоците ќе бидат сведени на минимум.
Во моментов еден ваков електричен механички компресор се
тестира од страна на британската фирма Controlled Power
Technologies CPT, а е развиен специјално за мотори со мала зафатнина кои
забрзано се развиваат од страна на производителите со цел смалување на
емисијата на издувни гасови, пред се СО2.
Наречен Variable Torque Enhancement System VTES или
варијабилен систем за зголемување на вртежниот момент, овој систем е веќе во
поодмината фаза на развој, подготвен е за масовна продукција и може да се
вградува во сите видови на мотори и бензинци и дизели, дури и кај оние што веќе
сериски доаѓаат со турбополнач.
Тестирањето на електричниот компресор докажува дека еден
1.2 литарски бензински мотор остварува моќност која е еквивалентна на еден
атмосферски 2.0 литарски бензинец. Прилично импресивно.
Кај дизелите пак зголеменото снабдување со воздух уште од
лер-гас овозможува остварување на уште поголем вртежен момент со минимална емисија
на издувни гасови со што се намалува и вредноста на испуштениот СО2 во
атмосферата, но и честичките чад.
Успешната конструкција на проектот им овозможи на CPT да
потпишат договор со компанијата Switched Relucatnce Drives Limited кои ќе
почнат со развој на модел на електричен компресор погоден за сериско
производство кој набрзо би требало да се појави во сериски произведените
автомобили.
Сеуште нема прецизен датум кога овој компресор ќе се
појави на пазарот, но со оглед на веќе очајничките напори на производителите за
драстично смалување на потрошувачката и емисијата на издувни гасови и најавите
од властите за воведување на се постороги норми тоа ќе се случи наскоро.
|