Звучи совршено: Немаат штетни гасови, тивки се и секаде може да се паркираат. Колку и да изгледаат привлечни, малите електрични автомобили се вистинска реткост. Но, иднината за нив веќе почнува
Според статистиката, во минатите осум години во Европа се регистирале само по 420 возила на електричен погон во просек во секоја година. Се работи пред се за модифицирани верзии на Peugeot 106, Fiat Panda и Ford Ka. Уште помалите автомобили на струја воопшто не се ни појавуваат во статистиката.
Но, токму нив се почесто ги забележуваме на автомобилските салони. Фирмата Visiongreen во соработка со Reva од Швајцарија го покажува како новитет Greeny AC1. Од летово градската бува ќе се продава по цена од околу 13.000 евра. Европската верзија се базира на ElectriCity кого производителот го фали како најпродаван електричен автомобил.
За уживањето зад воланот да не се уништи, градскиот четирисед долг 2,64 метри има интересен изглед и по желба може да се облепи со фолија со изглед на зебра, тигар или леопард. Погонот е од електромотор со сила од 13 киловати, односно 18 КС, кој се напојува од оловен акумулатор кој може да држи 50 до 80 километри. Со тежината од 680 килограми, Greeny може да забрзува за единаесет секунди до 50 километри на час и постигнува максимално 80 km/h. Потрошувачката на енергија на Greeny е аналогна на еден литар бензин.
По сличен урнек е направен и BluEcar на францускиот производител Bollore, со должина од 3,20 метри и тежина од 1100 килограми. Тука има место за три патници напред и два патника одзади.
Енергијата ја црпи од литиум-јонски акумулатори кои се полнат за четири часа и држат до 250 километри. Силината на електромоторот е 50 киловати (68 КС), а максималниот вртежен момент е 170 њутнметри. Со тоа возилото може да постигне 125 километри на час.
Меѓу ваквите возила се вбројува и малечкото Think развиено од Ford пред неколку години и сега повторно актуелно. Тие значително ќе придонесат за поштедување на градот од штетни материи од сообраќајот и за намалување на метежот. Но, проблемот е во свеста на купувачите. И малечките автомобили со обичен погон на бензин или дизел не се прифаќаат.
Единствен исклучок е Smart, кој истовремено покажува до каде смее да се оди при соголување на претставата што ја имаме создадено за изгледот на еден автомобил.
Секако дека постојат недостатоци. Автономијата е малечка, инфраструктура за полнење струја не е развиена, одржувањето е скапо. Дури и доколку се реши тоа, од ренесансата на малечките електро автомобили нема да се случи ништо доколку некоја голема автомобилска марка не настапи посериозно на пазарот и развие комплетна продажна и сервисна мрежа.
|
Минатата година актерот Џорџ Клуни го замени својот BMW со
автомобил со погон на струја
|
Идејата не може да дотурка далеку доколку не се прифати во масовните возни паркови, на пример од рент-а-кар компаниите. И јавниот притисок може да помогне. Во Лондон се наплаќа такса за влез со возило во центарот на градот - логично, електричните автомобили се ослободени.
Електричните возила се поскапи од еден Smart на пример. Но, тоа воопшто не им пречи на сопствениците. Тоа што ратата за отплата им е повисока, го надоместуваат со штедење на такса за возење во град.
|