Автомобилот е концепт кого Morgan го
најавува веќе подолго време, а ќе го претстави на салонот во Женева. Се работи
за спортски автомобил на горивни ќелии поставен на основата нa Aero
8.
Наречен LIFECar овој Morgan е развиен во соработка со повеќе фирми и организации
меѓу кои се наоѓа и Универзитетот Оксфорд, а цената на проектот се проценува
на над 2 милиони евра.
Потпирајќи се на својата спортска историја со развојот на
LIFECar, Morgan сака да му покаже на светот дека еден спортски автомобил
може да има нула емисија на издувни гасаови и воедно да биде брз и забавен за
возење и дека горивните ќелии нe претставуваат ограничување доколку инженерингот
е направен како што треба.
LIFECar го задвижуваат електро мотори поставени на секое тркало
кои имаат функција за регенерирање на енергијата од забавување и сопирање, а ги
задвижува електрична струја добиена од горивни ќелии.
Четири пакети горивни ќелии направени според технологија PEM Polymer
Electrolyte Membrane согоруваат водород сместен во резервоарот и кислород
вшмукан од надвор и создаваат електрична енергија.
Вообичаено горивните ќелии што се користат во
автомобилите имаат напон не поголем од 1,16 V. Бидејќи е
потребен поголем напон за задвижување на автомобил повеќе горивни ќелии се сместени во еден пакет. Колку
горивни ќелии има во еден пакет зависи од потребите, големината на горивните
ќелии и големината на пакетот.
Горивните ќелии што работат во LIFECar се дело на
компанијата QinetiQ и вкупно генерираат
22 kW електрична моќност и емитуваат единствено вода и топлина, што значи дека
автомобилот има нула емисија на издувни гасови. Тука секако не е вкалкулирана
емисијата на издувни гасови нуспроизвод на процесот за добивање на водород.
Предноста на горивните ќелии во однос на моторите со
внатрешно согорување е во високата ефикасност од дури 45 проценти што значи
многу помало растурање на енергијата.
Електричната струја произведена од горивните ќелии ги напојува
четирите електро мотори кои пак ги задвижуваат тркалата и на крај го
задвижуваат LIFECar. Способноста за регенерирање на енергијата од страна на
електромоторите кај LIFECar е доведена на многу повисоко ниво отколку досега
познатите системи.
Имено регенеративните електромотори што се вградуваат во
некои автомобили успеваат да вратат до 10 проценти од кинетичката енергија
добиена при забавување или при сопирање. Моторите на LIFECar враќаат
близу 50 проценти од кинетичката енергија. Оваа енергија се складира во така
наречена банка од кондензатори со исклучително
голем капацитет и по потреба повторно се испорачува кон моторите.
Сето ова звучи исклучително добро и технолошки напредно,
но без податоци за остварувањата во реална ситуација на идниот купувач не би
му значело ништо. Затоа инженерите во Morgan ги даваат и
основните податоци за перформансите и потрошувачката на LIFECar.
Бидејќи нема начин како да се направи паралела меѓу
потрошувачката на гориво позната денес и колку би не чинело возењето во LIFECar на секои
100 километри во Morgan направиле пресметка: Таа вели
дека претворено во литри на 100 километри LIFECar троши во
просек 1,8 l/100 km бензин.
Перформансите од друга страна пак се многу поопипливи. Morgan
LIFECar забрзува до 100 km/h за околу 7 секунди, а максималната брзина изнесува околу
135 km/h. Автономијата на движење изнесува пристојни 400
километри со еден резервоар водород.
Несомнено концептот Morgan LIFECar е еден
напреден автомобил кој би можел уште денес да се најде на патиштата. Единствено
што му недостасува е инфраструктура на станици за точење водород и повисока
максимална брзина за да се оправда она спортски автомобил.
|