Инженерите на Nissan отсекогаш имале
добри и иновативни идеји и скоро секогаш како да се чекор понапред од останатите
производители на автомобили.
Во случајов се работи за економичност и екологија. И
додека останатите штедат на тежина, ја подобруваат аеродинамиката со цел да
заштедат што повеќе гориво во Nissan тргнуваат по друг пат.
Целта според нив е да се натера возачот да вози што
подефанзивно и поконстантно место да притиска на педалот за гас и кога треба и
кога не треба. На тој начин ќе заштеди многу повеќе гориво отколку ако има
автомобил што во просек троши литар помалку.
Со сето ова на ум, Nissan, на светот
му ја претстави првата еколошка педала за гас која го возвраќа ударот односно
го бутка стапалото нагоре секогаш кога ова силно ќе притисне за нагло да додаде
гас.
Системот, кога е вклучен, го следи секое притискање на
педалот за гас и препознава дали возачот стиска повеќе од потребното, по што го
активира механизмот за регулација, кој пак, врши повратен отпор сугерирајќи му на
возачот дека најверојатно троши повеќе гориво отколку што е потребно во
дадената ситуација.
Индикатор за еко-возење е вграден во таблата со
инструменти и го информира возачот во реално време за нивото на потрошувачката
и на тој начин влијае врз неговите возачки навики.
Системот користи податоци како што се нивото на
моменталната потрошувачка, ефикасноста на трансмисијата при забрзување, односно
дали менувачот е во соодветен степен на пренос и на тој начин го пресметува
оптималниот степен на забрзување.
И како што рековме, кога возачот ќе претера со
притискањето врз педалот за гас тогаш системот возвраќа со соодветна сила
туркајќи го стапалото наназад.
Покрај туркањето на стапалото системот го информира возачот и со помош на
сијаличка ECO-P која свети на инструмент таблата.
Во текот на возењето кога потрошувачката е оптимална
индикаторот свети зелено. Кога системот ќе препознае поснажно забрзување, а
потрошувачката сеуште е во границите на оптималното индикаторот почнува да
трепка и на крај доколку наглото забрзување продолжи и потрошувачката се
зголеми индикаторот почнува да свети жолто.
Инженерите на Nissan по вршењето на
обемни испитувања практично пресметале дека заштедата на гориво со еко-педалот
изнесува од 5 до 10% во зависност од условите на патот.
Бројките се доволни за да ги убедат раководните структури
во компанијата за воведување на системот во серија. Испораката на првите
автомобили со еко-педал би требало да стартува веќе следната 2009 година.
Еко-педалот е дел од проектот на Nissan наречен -
Зелената програма 2010 која опфаќа развој на нови технологии, производи и
услуги кои ќе доведат до значително смалување на емисијата на издувни гасови,
пред се на предизвикувачот на стаклена градина јаглерод диоксид.
|