|
Од BMW пристигнува информација дека нивните инженери се во напредна фаза на развој на нова генерација менувачи која работи во соработка со глобалниот систем за позиционирање GPS.

Интеракцијата меѓу менувачот, системот за динамичка контрола на стабилноста DSC и GPS му овозможуваат на новиот менувач да предвидува и соодветно да ги вклучува степените на пренос.
Менувачот добива информации за состојбата на патот, густината на сообраќајот, временските услови, па дури и сообраќајните знаци и семафори. Така менувачот ги предвидува условите и ги менува степените најоптимално.
Интересно е што комбинирањето на DSC и GPS со менувачот му овозможуваат тој да ја предвиди и трасата на патот како различна надморска височина, односно угорнина и надолнина, или свијоци кои претстојат.
На тој начин се создава така наречен план на делување кој е подготвен далеку пред да дојде времето за соодветна промена на степенот на пренос со што се овозможува помазно менување во најпогодниот момент и со тоа заштедува и гориво.
Инженерите кои работат на новиот менувач уверуваат дека со негова помош дури и просечниот возач ќе може да оствари динамика при возење рамна на еден професионален тест пилот со мануелен менувач.
Покрај врзување со системите како DSC и GPS менувачот ќе биде поврзан и со камери и со радарски сензори кои препознаваат пречки на патот и брзина на движење и со сензорите за паркирање.
|