На салонот во Париз, Peugeot го
претстави својот нов иновативен хибриден погон на четири тркала кого го нарече HYmotion4 и од кого
профитираат новите концепти на групацијата PSA.
Покрај концептите на Peugeot, Prologue
и RC кои ги најавивме минатиот месец од HYmotion4
профитираат и концептите на сестринската марка Citroen како што се
Hypnos и C4 WRC HYmotion4.
Погонот HYmotion4 е создаден за подеднакво да испорачува перформанси и
ефикасност, две диајметрално спротивни категории кои прераснуваат во
апсолутен предизвик за конструкторите ширум светот.
Според вредностите дадени од инженерите на PSA
Peugeot Citroen, HYmotion4 е способен да постигне просечна потрошувачка од само 3,5
L/100 km додека во исто време нуди задоволство при возење кое го
обезбедуваат преку 200 дизелски или бензински коњи и уште 50 до 100 електрични коњски сили.
Суштината на HYmotion4 е во комбинирањето
на класичен мотор, дизел пред се, кој нуди ефикасност, моќност и голем вртежен
момент со електричен мотор кој обезбедува економичен и чист превоз во градска
средина при ниски брзини.
Со комбинирање направен е погон на четири тркала чива
конфигурација ги елиминира примарните недостатоци на ваков тип на погон, а тоа
се големите отпори при тркалање и големата тежина.
Сето ова е постигнато со разделување на функцијата на
двата мотори. Имено моторот со внатрешно согорување е поставен напред под
хаубата и ги задвижува предните тркала, додека електромоторот е поставен на
задната оска и ги задвижува задните тркала. Или обратно.
На овој начин е елиминирана потребата од поставување на
централен диференцијал, кардански вратила, диференцијал на предната и на
задната оска и дополнителни полувратила.
Со исфрлање на сите овие паразитски механички делови и потрошувачи на
енергија значително е намалена тежината на погонот и отпорите при тркалање од
каде и доаѓа бројката за минимална просечна потрошувачка.
Секако улогата на примарниот погон ја превзема класичниот
мотор со систем старт/стоп и шест степен мануелен или автоматски менувач. Електромоторт е
секундарен, добива енергија од литиум-јонски батерии кои се полнат од работата
на обичниот мотор и од регенерирање на енергијата при сопирање и забавување.
Во основа HYmotion4 претставува
паралелен хибриден погон кој овозможува максимална тракција и проодност, а со
тоа и безбедност, високи перформанси и ниска потрошувачка.
|