Get Adobe Flash player
Постојано со долги светла, а никому не му пречи
25.04.2007
hellaМоже ли светлата да бидат паметни? Инженерите на Hella работат на системи потпомогнати од камери, кои светат далеку, но не му пречат никому.

Следната генерација светла можеме да ја очекуваме во 2009 година. Се работи за усовршување на веќе постоечкиот систем AFS, со кој Mercedes го приспособува осветлувањето на патот во пет степени, зависно од патот и временските услови.

Новите светла ќе имаат приспособливо подрачје на премин меѓу темно и светло. Тоа значи: се додека камерата зад ветробранот не препознава друг автомобил во близина, светлата ќе го осветлуваат патот што подалеку.

Кога системот ќе препознае друго возило што е на растојание помало од 800 метри, досегот на светлата се менува за снопот да не му пречи на возачот на другото возило. Ако возилата возат во спротивна насока, светлата постепено го скусуваат досегот на светлосниот сноп.

Ќе има и други помошни системи. Инженерите на Hella исто така работат на долго светло што не заслепува. Посебниот проекциски модул во светлото може да ги исклучи деловите од светлосниот сноп што паѓаат врз ретровизорот на возилото што е напред или во очите на возачот од спротивната насока. И тука системот се состои од камери, моќен компјутер и брзи сервомотори во куќиштето на светлото.

Сосема спротивно од ова работат светлата за обележување. Овие светла зрачат кон пешаците на или покрај патот или на други потенцијални опасности. Така возачот ги забележува порано и се подготвува навреме. Предноста во споредба со сегашните системи: со ова светло погледот не мора да се префрлува на посебниот монитор за да се забележи опасноста. Системот што ќе се појави во 2012 година се базира на LED-Arrays, односно одделни модули во светлото со LED техника, што можат независно едно од друго да се насочуваат во одреден правец. И за овој систем се потребни камери и компјутер.

Самите LED светла имаат и други предности. Трошат малку струја и трајат до 10.000 часови. Повеќе слобода за игра добиваат и дизајнерите. Светлото може да се направи да изгледа како логото на фирмата или да се вклопи во необичната линија на предниот дел од возилото.

Досега производителите ја користеа техниката со светлечки диоди за стоп-светла и задни светла, како позициски и дневни светла за возење. Сега диодите што емитираат светло може да произведуваат и соборено или долго светло. Уште годинава ќе се појават првите системи на пазарот, во спортскиот Audi R8 и во Lexus LS 460.

 

 

 

Facebook