|
30.04.2007 |
Continental разви сензорски систем кој му помага на возачот при сопирањето. Новиот систем ќе почне да се вградува во возила од сериско производство во 2008 година
Околу две третини од незгодите во кои се случуваат телесни повреди се во град. Затоа инженерите на Continental развија оптички сензор кој е способен да ја намали повредата или дури и целосно да ги спречи незгодите при пониски брзини. Системот му асистира на возачот при сопирањето доколку постои опасност да се удри во автомобилот напред. Contitental го разви сензорот за вградување во возила од сериско производство во соработка со европска автомобилска марка, која ќе ја дознаеме догодина кога системот ќе биде вграден во првото возило, заедно со уште неколку иновативни безбедносни системи.
Сензорскиот систем го скенира просторот околу возилото на оддалеченост од 10 метри во три правци: напред, лево и десно. Кога во тој простор ќе влезе некое возило, сигналот на сензорот се рефлектира. Приемникот за рефлексираните сигнали се наоѓа покрај внатрешниот ретровизор и од добиениот сигнал ги пресметува растојанието и брзината на приближување до другото возило. Доколку растојанието се менува пребрзо и постои опасност од судир, во системот за сопирање расте притисокот со цел сопирачките да можат веднаш да реагираат кога возачот ќе притисне на педалот на сопирачките. Истовремено, откако ќе се отпушти педалот за гас, се активира претсопирање, со интензитет од 0,5 g. Како дополнителна функција, системот може да ги затегне безбедносните ремени.
При развојот на системот се покажа дека на овој начин може да се спречи судир ако возилото се приближува со брзина до 35 километри на час кон друго возило што е во мирување. Сензорот (CV = Closing Velosity, брзина на приближување) може да препознае и велосипеди, мопеди и пешаци. Со тоа ги штити и овие учесници во сообраќајот. Понатаму, контролната електроника на воздушните перници може подобро да го процени интензитетот на сударот со помош на податоците од новите сензори и да ги активира перниците само во случај кога тоа е неопходно. Така се намалуваат трошоците за поправка на системот од воздушни перници по судирот.
Со сензорот CV автомобилската индустрија добива безбедносен систем со цена што дозволува тој да се вградува и во возилата од пониските класи, а не само во престижните лимузини како досега. Лесно се интегрира во електрониката на возилото и не се потребни промени во конструкцијата. Во 2008 година системот ќе почне да се вградува во возило од сериско производство, од европска марка која Continental засега ја држи во тајност.
|