Mitsubishi работи напорно за да ги дотера
финесите на Evo X и ги претставува во детаљи технологиите што стојат зад
управливоста и трансмисијата кои конкуренцијата ја фрлат в очај.
Прво тука е системот S-AWC – Super
All Wheel Control или супер контрола на погонот на четири тркала – кој користи
повеќе сензори вклучувајќи ги и АYC - Active Yaw Control или активна контрола на аголот на свртување и ACD - Active Central
Differential или активен средишен диференцијал, за да му помогне на Evo да ја
испорачува моќтта на подлогата дури и при ниско ниво на тракција.
Важен напредок на системот S-AWC е
стабилноста при сопирање што беше слаба страна на претходната едиција на Evo.
Mitsubishi исто така потврди дека ќе користи
трансмисија со две спојки SST – Sport Shift Transmission или трансмисија со
спортско менување на степените - што ќе му овозможи на Evo X да ги
префрла степените мазно без прекини во испораката на моќноста. Слично како кај DSG од VW двете
спојки треба да му обезбедат подобри забрзувања и да ја смалат
потрошувачката.
Менувачот на новиот Evo ќе има три
различни модуси на работа: Normal, Sport и S-Sport што ѕверчево го
прави идеален високо перформансен, но достапен тркач.
Се очекува Mitsubishi да го претстави Evo на салонот
во Токио, како против тег на Subaru Impreza WRX STI, Lexus LF-A и Nissan
Skyline GT-R, доволно имиња за едно прекрасно шоу.
Сега да видиме всушност каква технологија стои зад
силните кратенки со кои се гордее десетата генерација на Evo.
S-АWC – Super All Wheel Control
Системот за динамичка контрола на автомобилот S-АWC
ги интегрира и менаџира четирите под системи AYC, ACD,
ASC и Sport ABS со што се овозможува целосна контрола над возилото во
секоја возачка ситуација од секојдневно возење до остро маневрирање во случај
на опасност.
ACD – Active central Differential
Активниот средишен диференцијал работи со помош на
повеќеламелна електронски контролирана виско-спојка. Системот овозможува
пеглање на разликите во бројот на вртежи на предната и задната оска и ја
оптимизира распределбата на вртежниот момент напред/назад обезбедувајќи
најдобар баланс меѓу тракција и управливост.
AYC – Active Yaw Control
Активната контрола на свртување користи механизам за
трансфер на вртежниот момент во задниот диференцијал кој ја, контролира разликата
во вртежниот момент на секое од задните тркала посебно во зависност од условите
на возење и го ограничува моментот на свртување на автомобилот, со што, ја
подобрува стабилноста и ја зголемува брзината во свијок. AYC воедно игра улога на активен диференцијал недозволувајќи
им на задните тркала да пролизгуваат со што се подобрува тракцијата. АYC првпат беше претставен во Lancer Evolution
IV во април 1996 и претставуваше револуционерен чекор во подобрувањето на
перформансите во свијок.
ASC – Active Stability Control
Активната контрола на стабилност го стабилизира
автомобилот додека одржува оптимална тркација со регулирање на моќноста на
моторот и силата на сопирање на секое тркало одделно. Поставувањето на сензор
кој го мери притисокот на сопирачките на секое тркало овозможува попрецизна
контрола при сопирање. ASC ја подобрува тракцијата при забрзување спречувајќи ги
тркалата да се вртат во место на лизгава подлога. Воедно ја подобрува
стабилноста на возилото со спречување на пролизгувањето кое настанува како
резултат од нагли и неконтролирани маневри.
Sport ABS – Sport Anti-lock Braking Sistem
Спортскиот ABS во Evo X му
овозможува на возачот да ја задржи контролата и да го одржи автомобилот
стабилен недозволувајќи им на тркалата да блокираат при нагло сопирање или при
сопирање на лизгава подлога.
Дополнувањето од сензорите од AYC и
сензорите што го контролираат притисокот во сопирачките во Sport
ABS го подобрува сопирањето во свијоци во споредба со Evo IX.
Како работи S-AWC
Споредувајќи ги информациите од вртежниот момент на
моторот и притисокот во сопирачките добиени од ACD и AYC, системот S-AWC може
побрзо да одреди дали возилото забрзува или успорува. Воедно S-AWC за првпат
ја зема предвид и информацијата за степенот на свртување на возилото.
Ситемот со обработка и споредување на податоци од
сензорите му помага на возачот прецизно да ја следи избраната линија на движење
така што ја корегира секоја аномалија при возење. Дополнувањето од регулација
на силата на сопирање му овозможува на AYС прецизно
да го распредели вртежниот момент на левото и десното тркало и му помага на S-AWC да
воспостави целосна контрола над однесувањето на возилото кога се вози на лимит.
Зголемувајќи ја силата на сопирање на внатрешното тркало
при подуправување и на надворешното при надуправување и распределувајќи го
вртежниот момент меѓу две соседни тркала S-AWC му
овозможува на возилото да постигне поголема брзина низ свијок заедно со
зголемување на стабилноста.
Значи со користење на сите овие системи S-AWC
ефикасно и флуидно ја контролира возната динамика на возилото при забрзување,
сопирање и во свијок во сите возни услови.
S-AWC нуди три модуси на работа: TARMAC за возење
на сув асфалт, GRAVEL за мокро или за лизгава подлога и SNOW за на снег.
Кога возачот ќе избере модус кој најдобро одговара со
состојбата на патот S-AWC го контролира однесувањето на возилото така за да му
овозможи на возачот да извлече максимум перформанси.
Двојна спојка SST – Sport
Shift Transmission
Кај SST непарните степени 1, 3, 5 и парните степени 2,
4, 6 се наоѓаат на две различни вратила секое поврзано со посебна спојка. Со
систем кој прецизно ги контролира и двете спојки, ваквиот распоред на степените
овозможува молневито и флуидно менување без пад на вртежите и на моќноста на
моторот. Со користење на спојки место претворач на вртежниот момент SST ги смалува
губитоците моќноста низ трансмисијата и овозможува ефикасност која води до
смалување на потрошувачката.
|