Новиот систем за заштита на пешаци Night
View дебитира во моделот Crown Hybrid наменет само за
јапонскиот пазар, а стартуваше со продажба во април годинава.
Станува збор за луксузна лимузина која е набиена со
висока технологија, а како врв претставува системот за ноќно гледање и
детекција на пешаци. Овој систем и припаѓа на втората генерација на Night
View на Toyota. Првиот кој исто така се вградуваше во Crown беше
поврзан со хедап дисплеј прикажувајќи ги информациите на предното стакло како
кај авионите ловци.
Сепак, својата втора генерација на ноќно гледање Toyota одлучи да
ја вкомпонира во LCD мониторот кој всушност ја сочинува таблата со
инструменти кај Crown. Интересна досетка која е практична и штеди пари.
LCD мониторот или таблата со инструменти прикажува неколку
модуси на работа. Еколошки модус или Eco mode, како што се
прикажува на таблата, кој тахото и бројачот на вртежи ги бои во зелено, потоа
спортски модус каде двата главни инструменти се обоени во црвено и Night
View mode или модус за ноќно гледање со инфрацрвен приказ на патот.
Интегрираниот компјутерски систем за ноќното гледање во
темницата постојано бара објекти во облик на човек и на LCD мониторот
ги претставува како слика од силуета на пешак, притоа обележувајќи ги во жолти
правоаголници. На тој начин го предупредува возачот да внимава.
И покрај тоа што е од голема помош системот не е семоќен
и има свои ограничувања. Брзината на автомобилот и временските услови во голема
мерка влијаат врз перформансите и способноста да детектира пешаци крај патот.
Возењето со брзина поголема од 60 km/h му ја
отежнува работата да ја процесира сликата и доцни со прикажувањето на пешаците
на мониторот. Во такви моменти системот смета дека не дава веродостоен приказ и
за да не го доведе возачот во забуна автоматски се исклучува.
Истото се случува и кога врне, бидејќи тогаш, движењето на
брисачите го попречува процесирањето на сликата.
Системот за ноќно гледање на Toyota во
моментов е способен на пат да детектира само пешаци, но развојните инженери
работат на нова генерација која ќе биде во можност да детектира животни,
велосипедисти и други статички или мобилни предмети што најчесто се среќаваат
крај пат.
|