Get Adobe Flash player
Удар од гром
13.06.2007
lightning1Компанијата Lightning од Велика Британија создаде нов електричен автомобил, со 700 коњски сили, предница од E-Type, профил од Marcos и задник од TVR, кого го нарече GT.

Под каросеријата се кријат четири мотори поставени на главчина од секое тркало кои, според најавите од Lightning, заедно произведуваат околу 700 коњи. Секој од моторите има вртежен момент од 750 Nm, расположиви од безмалку 0 вртежи.

Планирани се три модели. Луксузна верзија GT, спортска GTS која од 0 до 100 би стигала за помалку од 4 секунди и штедлива варијанта GTSE способна да мине 400 километри со едно полнење на батериите кое трае едвај 10 минути.

Во Lightning тврдат дека постигнувањето на овие импресивни вредности се должи на батерии и системи од најнова технологија.

GT користи Nanosafe батерии од фирмата Altairnano кои се развиваат од почетокот на овој век. Батериите користат материјали од нано-титан место графит што ги прави термално постабилни. Во нив нема токсични материи и тешки метали што воедно ги прави и пријател на животната средина.

Нивниот животен век се проценува на 12 години спроти животниот век од 3 до 5 години на останатите батерии. Воедно можат да задржат капацитет од 85 проценти по 15.000 полнења. Со моментално испорачување на моќта дури и при екстремни температури, Nanosafe батериите испорачуваат моќ, врз единица тежина и единица волумен, неколку пати поголема од онаа на конвенционалните литиум-јонски батерии.

Овие батерии задвижуваат моторен систем наречен Ha-Pa Drive од компанијата PML Flightlink.

Ha-Pa Drive го интегрира моторот и управувачката електроника во една целина што овозможува постигнување на моќ и до 20 пати поголема од моќноста на конвенционалните системи.

Компактниот, енергетски ефикасен електричен мотор, поставен директно на тркалата во кој се вградени запечатени тркалачки лежишта способни да издржат големи попречни оптоварувања, произведува неверојатен вртежен момент недостижен за другите производи од ваков вид. Системот се гордее и со тотална водонепропустливост, целосен трансфер на енергија и со неколку нивоа на заштита, па така откажување на еден систем нема да го спречи возилото да продолжи да вози безбедно.

При сопирање електричните мотори кај Lightning GT се претвораат во генератори кои создаваат електрична енергија која ги полни батериите  за понатомошно користење. Всушност при секое забавување системот ја користи инерцијата на автомобилот за генерирање електрика.

И покрај најновата технологија под каросеријата GT наликува на британските автомобили од шеесетите. Шасијата е монокок од алуминиум зајакната со карбон од кој е направена и каросеријата.

GT е голем автомобил долг 4,5 метри и широк околу 2 метри, но и покрај тоа тежи 1350 килограми.

Lightning ги планира првите нарачки за старт на 2008 година, но најава зе цена сеуште нема. Сепак треба да се очекува дека најскапиот GTSE ќе чини околу 220.000 евра.

Единствено останува да лебди прашањето дали олку мала компанија ќе успее да постигне олку многу со користење на најнова технологија?

lightning2lightning4lightning5

 

 

 

Facebook