|
Volkswagen развива технологија со која прозорците на автомобилот остануваат чисти и не замрзнуваат при температури до 18 степени под нулата, но затоа јавува пречки кај радијата и мобилните телефони.

Од VW пристигнува официјална информација дека нивното одделение за развој на нови технологии во соработка со Институтот за развој на површински технологии Фраунхофер од Брауншвиг го претставува првото автомобилско стакло отпорно на мрзнење и замаглување.
Новите стакла се засноваат на физички принцип кој недозволува да се формира мраз на површината на стаклото при температура до -18 целзиусови. Тајната се сокрива во тенок слој на оксид на хемискиот елемент индиум кој е нанесен на површината на стаклото.
Инженерите од VW овој нанесен слој на стаклото го нарекуваат Low-E (low thermal emissivity) или слој со ниска емисија на топлина, кој во суштина е на ниво на совршен изолатор и недозволува топлината да се емитува на надворешниот слој на стаклото, односно да избега од него.
Low-E го заштитува стаклото од ладење поради што водата на надворешниот дел од стаклото не кондензира и не замрзнува. Формирањето на филм од мраз е забавено заради тоа што е забавено и емитувањето на насобраната топлина, што само по себе го одложува ладењето на површината на стаклото.
Секако од VW се свесни дека оваа нова Low-E технологија не го спречува замрзнувањето на стаклата во потполност, но значително ја намалува оваа физичка појава.
Единствениот проблем во оваа фаза на развој на новото стакло е филмот кој нанесен на стаклото го спречува и продирањето на електромагнентните бранови поради што радио приемниците и мобилните телефони јавуваат пречки во работата.
Заради ова од VW истакнуваат дека ќе мине уште некое време пред оваа нова технологија да биде спремна за сериско производство и за масовно користење кај автомобилите.
|