Францускиот компакт бавно старее тука.
Само C4 се продава подобро во класата. Со фејслифтингот „307” повторно зема
залет.
Фејслифтингот е многу искрена работа.
Тоа што се покажало лошо ќе се промени, тоа што се покажало малку ќе се
дополни. И вистински момент е за будење на ловците по добри понуди. Бидејќи
освен што го доведува возилото во чекор со најновите конкуренти, фејслифтингот
носи и побогата опрема.
Првото што паѓа в очи кај новата
„тројка” од Peugeot е носот. Исто како кај „407” и „1007”, сега огромниот отвор
за воздух и кај компактот става главен печат врз предниот дел од возилото.
Двете пластични џумки отстрана освен што го дополнуваат дизајнот, штитат и од
погруби гребаници при паркирање.
Впечатливи се и предните магленки
обрабени со хромирани прстени. Во целина, предниот дел сега зрачи со многу
поизразена динамичност. Се разбира дека овие промени се заеднички за сите
верзии, вклучувајќи ги благородниот комби SW и севременскиот CC. Единствената
промена одзади се светлата со ЛЕД-техника. Под мазната површина се поставени
црвени призми и мали проѕирни полиња што ја прекршуваат белата светлина така
што трепкачите и светлата за рикверц се појавуваат во вообичаените бои. Новакот
се препознава однатре по променетите инструменти, како и по комплетно новиот
дизајн на полињата за ракување со климата и со радиото.
Моторот и подвозјето на компактот на
Peugeot, во основа, се преземени непроменети од претходникот. Вистина, тука и
немаше некоја потреба од позначајни промени, посебно не кај дизелската понуда
на мотори. Тука стартот, како и претходно, е со 1,4 HDI со 70 КС за 13.990
евра, а врвот го означува 2,0 HDI со 136 КС, кај нас понуден со пакетот XS за
19.450 евра. Богатиот пакет опрема се подразбира: автоматски клима-уред,
електрика за предните прозорци и за ретровизорите, централна брава со
далечинско ракување, патен компјутер, радио, ABS и 6хAirbag - во основното
ниво!
Од фејслифтингот многу ќе профитираат и
возачите што сакаат да комбинираат задоволство во возење и задоволство во
штедењето: во купе-кабриолетот почна да се вградува дволитарскиот дизел со 136
КС. Французите сега имаат два кабриолета со дизел, овој и 206 CC 1,6 HDI, кого
го возевме минатата пролет.
Изгледот е нов, опремата е збогатена,
но чувството при возење ќе му биде познато на секој што поминал неколку
километри зад управувачот на првиот „307”. Шасијата и амортизацијата се речиси
нечепнати - што, секако, не претставува лоша вест бидејќи добриот сетап му
помогна на лавовскиот компакт да ја освои титулата Европски автомобил за 2002
година. Нерамнините се придушуваат меко, управувањето е прецизно. Во споредба
со поодморните соперници се чувствува разлика само во префинетоста.
Нема сомневање дека промените ќе му
внесат нова свежина на „307”. Во време кога дури и еден Clio почнува да чини
12.000 евра, а државните парочувачи држат фиксен курс, фејслифтингот на докажан
компакт изгледа уште попривлечно.
|