Peugeot умее да направи добро купе. До толку, што 407 Coupe повеќе како да е
изведено од престижната лимузина „607”. Новото купе го возевме на презентацијата во Шпанија
Дури 50 години купеата на Peugeot му ги црташе Pinifarina, а дел од нив беа
и произведувани во Сан Џорџо Канавезе. Сега со 407 Coupe оваа традиција
завршува. Домашниот Centre de Style Peugeot победи на интерниот конкурс за
формата на новото купе.
Белегот на марката се гледа јасно: огромната муцка во стил на Ferrari, која
изгледа како да сака да проголта с¢ пред себе, и патот и возилата што возат
пред неа. За среќа, со хромираната решетка во маската купето не изгледа толку
алчно.
Сосема се нови линиите на задникот. Тука дизајнерите покажуваат истенчен
вкус со тоа што дариле форма што може да се смета за една од најубавите во
денешното автомобилско креирање. Ова мора да се види!
Со формата ниту за момент не е жртвувана функционалноста. Одзади се крие
резервно тркало со нормална големина, а над него искористлив транспортен
простор од 400 литри, кој благодарение на поделената задна клупа мошне лесно се
зголемува. Се чини премногу ова додевање со транспортните можности на купето?
Токму тоа е мајсторијата што Peugeot ја има извежбано во овие педесет години
колку што н¢ снабдува со купеа, да не дозволи никаков пропуст, па макар бил тој
и во најспоредното подрачје. Се знае колку е чувствителна целната група за
купеата: „… клиентела што му се препушта на животот, ориентирана кон уживање и
консумирање, која повеќе не мора да работи”. За да биде појасно: не мора да
работи за да преживее, туку за да ужива во тоа што го работи.
Преведено на разбирлив јазик: господа, подгответе си нешто помалку од
25.000 евра ако сакате да го подигнете Вашето идно купе директно од Рене (плус
за транспорт, па за акциза, па ДДВ, па…). За платеното се добиваат од 163
(бензинец од 2,2 литри) до 204 КС, односно 211 КС (дизел и бензински V6). Двата
шестцилиндарци заслужуваат најтопла препорака. Бензинецот ќе ги одушеви
традиционалистите, сака вртежи и му требаат вртежи (1,7 тони празно возило) за
на автопат да се врати на третата лента. Техничките податоци на Peugeot
пријавуваат 7,8 секунди до темпо 100 во комбинацијата со шестостепен мануелен
менувач. Автоматиката малку ја разблажува работата и го завршува спринтот за
9,1 секунда.
Наспроти тоа, дизелот е уживање излеано во вермикуларен графит [во споредба
со обичиот сив лив има двојно поголема цврстина при тежина пониска за 15
проценти]. Моторот од 2,7 литри своите 440 њутнметри вртежен момент ги истура
веќе при 1.900 вртежи од шестте цилиндри, што гарантира мошне релаксирано
возење. Најдоброто: исто како во Citroën C6, до шест вшприцувања по работен
такт се грижат за примерно спречување на бучавата, до толку што во кабината не
се слуша апсолутно ништо од типичното дизелско тропање. Начинот на работа се
чувствува само по пораното задремување некаде околу 4.500 вртежи (тука
трилитарскиот бензинец штотуку почнува да се буди).
Зад управувачот купето се чувствува лесно исто колку лимузината, им
дозволува на звуците од возењето само минимално да навлезат внатре и се
однесува многу комфорно. Во изведбите со шестцилиндарски мотори што ги возевме
на презентацијата во Гранада, годеше автоматското приспособување на
амортизерите според начинот на возење и квалитетот на патот.
Поубавата „407” ја црпи елеганцијата од должината поголема за 14
сантиметри. Кога се паркира во рикверц, кај сите верзии на опрема помагаат
сензори. При возење по тесни улички мора да се има на ум дека на купето му
треба круг на вртење од 12 метри.
Малку работи стојат на списокот на дополнителна опрема, дури и кај
основниот модел. Се уште зборуваме за француски цени и опрема бидејќи кај нас
407 Coupe се очекува кон крајот на првото тромесечје во 2006 година.
Основната опрема „Sport” вклучува многу работи: ЕЅР, двозонска автоматска
клима, патен компјутер, радио со цеде, алуминиумски бандажи од 17 инчи, сензор
за притисок во гумите, мултифунциски колорекран, ксенонски предни светла,
темпомат, сензори за паркирање назад.
Марката планира годишно да произведува по 25.000 примероци, од кои
половината со 2,7 V6. Имајќи предвид дека цените ќе бидат значително под оние
на Mercedes CLK, а нему овој Peugeot ќе може без проблем да му парира, ваквите
продажни проекции може да се покажат прескромни.
|