Get Adobe Flash player
Тест: Audi A3 Sportback 1.6 Attraction
30.07.2007
a3-1Audi тврди дека тој гo измислил сегментот „премиум компакт” кога првпат го претстави својот А3 во 1996 и погоди в центар. Без сомнеж првиот А3 беше златна кокошка за Audi.

Но, првата генерација на Audi A3 мина релативно лесно. Бидејќи конкуренцијата во тоа време сеуште спиеше во длабок сон и А3 реално немаше се кого да се натпреварува. Времињата се сменија. Денес А3 е исправен пред два жестоки ривали BMW Серија 1 и втората генерација на Mercedes Класа А. Па така Audi мораше да измисли нешто ново за да ги надмине конкурентите и да го собере шлагот од продажбата. Пет вратната верзија Sportback совршено се вклопи во овој план на експертите за маркетинг во Инголштад.

a3-3

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Иако има посебно и пред се специфично име Sportback не нуди многу повеќе отколку постариот брат со три врати кога се во прашање димензиите. Багажникот е поголем за 20 литри, но кога ќе се преклопи задната клупа која безмалку тоне во просторот зад предните седишта се добива рамен под со волумен од 1.120 литри. Освен ова некој би можел да се пожали дека Sportback нуди малку иновација. Сепак влегувањето и излегувањето од задниот дел од автомобилот е многу полесно, а и патниците назад имаат повеќе простор за нозе. Напред се останува исто. Дизјнот на арматурата и квалитетот на кабината остануваат, својствено за Audi, безгрешни.

Однадвор печат остава предна маска превземена од концептот Novolari и дефинитивно покрај него претходникот личи на нешто што е сплескано набрзина. Издолжувањето од само 83 милиметри и дава на каросеријата многу повиток став. Иако овие 83 милиметри не се доволни за да го претворат Sportback во вистински караван со што би го заслужил името Avant во моделската понуда на Audi.

Концептот е различен и тоа се забележува. Страничната линија на Sportback нуди купеовски лик кој асоцира на спортски возни карактеристики. Предната маска не е единствениот детаљ кој е позајмен од некој концепт на Audi. Задните светла со LED исто така можат да се пофалат дека претходно се перчеле на концепт. Станува збор за Le Mans. Нивниот дизајн е толку погоден што цртачите во Audi подоцна одлучија да ги стават и на другите модели кои завршуваат со вертикална врата одзади.

a3-2

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Едноставно дизајнот на Sportback мами да се свртите по него секогаш кога ќе мине покрај вас или пак кога ќе го забележите на паркинг. А уште повеќе доколкуимате прилика да го свртите клучот во бравата и да го стартувате.

Многумина ќе помислат дека почетокот од моторната понуда на A3 Sportback, 1.6 литарскиот четирицилиндричен бензинец, е премногу анемична. Секако 102 КС и вртежен момент од 148 Nm се малку во споредба со погорниот дел од понудата, но сосема доволни за пристоен транспорт на едно нормално семејство. Максималната брзина од 185 km/h и забрзувањето до темпо 100 од 11,9 секунди обезбедуваат мирно бродење по автопат. Задоволството го надополнува пристојната потрошувачка. Вашиот џеб полн со банкноти ќе се гордее на просечните 7,1 литри безоловен.

Одушевувењето од Sportback расте со секој изминат километар пред се по кривулест пат. Иако тука веќе се забележува недостатокот од коњи. Тракцијата е одлична. Слабиот мотор нема тенденција да ги сврти тркалата во место што би го предизвикало автомобилот да отстапи од замислената линија во свијок. Управувањето е прецизно и во соработка со супензијата остава впечаток дека во секој момент автомобилот е подготвен да ги исполни и најлудите желби на возачот. Во Sportback ќе ужива секој што сака да вози на нож.

a3-4

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Типичниот минимализам на Audi се чувствува. Основното ниво на опременост Attraction нуди четири воздушни перничиња, електрично задвижувани стакла напред и назад, електрично местење на ретровизори, централно заклучување со далечинска контрола и местење по висина на предните седишта. Клима уредот и радиотот со CD треба да се побараат на списокот на дополнителна опрема, а тој не е евтин. За автомобил кој стартува од 20.433 евра е навистина малку.

Сепак, критиката за шкртоста во поглед на безбедноста не стои. Тука Audi не штедел. Sportback и во најниското ниво на опременост доаѓа со ABS и со програма која штити од пролизгување на погонските тркала ASR. Ете така. Sportback е автомобил за возење, а тој што сака да се лади и да ужива во убава музика треба да плати.


Аudi A3 Sportback 1.6 Attraction
 Мотор  R4 бензин
 Вентили/брегасти оски  2 на цилиндар/1
 Зафатнина (cm3)  1595
 Моќност kW (KS)/вртежи  75 (102)/5600
 Вртежен момент Nm/вртежи  148/3800
 Менувач  5-степен мануелен
 Погон  напред
 Сопирачки  дискови/дискови
 Багажен простор (l)  350/1120
 Резервоар (l)  55
 д/ш/в (mm)  4205/1765/1420
 Тежина на празно возило (kg)  1245
 Потрошувачка (l)  9,6/5,6/7,1
 Цена  20.809 евра

 

 

 

 

Facebook