Audi долго им се спротивставуваше на SUV
аргументирајќи дека се мода што постепено ќе избледи. Компанијата згреши, но
побрза да ја исправи грешката.
И тоа го стори со стил. Хитот за 2006 година Q7 беше
неверојатен успех. Audi со Q7 погоди на среде. И покрај поделените мислења за неговиот
стил никој не можеше да остане рамнодушен на препознатливиот лик на Audi. Со
аглести светла и моќна маска пресликана од храбриот концепт Pikes
Peak, претставен уште во 2003 година на салонот во Детроид, Q7 плени.
Аudi Q7 не остава сомнеж за тоа што ви се плетка во ретровизорот
кога ќе ја здогледате огромната маска и амблемот од четири круга сместени во
горната фиока. Спортските линии на предницата успешно го скриваат остатокот од
овој колос кој мери преку 5 метри во должина и безмалку 2 метри во широчина.
Она што импресионира уште повеќе се безмалку 2,5 тона кои притискаат на пат
преку четири тркала со пречник од 20 инчи и гуми 275/45.
{shsmoothslideshow audiq7}
Импресивните димензии надвор се повторуваат и внатре.
Доволно за сопстениците да уживаат во кабината на Q7. Audi доследно
води кога станува збор за дизајн на интериерот. Исклучок не е ниту Q7 со високо
квалитетни материјали, чисти линии на арматурата и многу опрема што се
испорачува во серија. Радуваат бројчаниците во јајцевидна форма, стилизираниот
финиш на хром и контролниот систем MMI (Multi Media
Interface) кој е изненадувачки лесен за ракување. Основниот Q7 доаѓа со
пристојна збирка од играчки, поддржани од еден од најдолгите списоци на
дополнителна опрема во понудата на еден производител.
Простор има и повеќе од што е потребно како за патниците
напред така и за оние на задните седишта. Сместувањето зад волан е во склоп со
имиџот на марката па така секој, од едно огромно човечиште до некаква џебна
Венера во улога на мама, може да најде идеална возачка позиција. Третиот ред
седишта никнува од дното на багажникот. Спуштањето и кревањето на седиштата е
безболно, тука се препознава експертизата на Audi.
Сместувањето на возрасни луѓе e може да се опише како адекватно додека децата
сигурно ќе уживаат. Она што одушевува кај Q7 е
големината на багажниот простор. Дури и со подигнат трет ред седишта собира 330
литри најмногу меѓу конкурентите, а како петтосед големи 775 литри. Доволно за
да сместите се она што ви е потребно за викенд во природа.
А каде во природа? Да речеме Кожуф планина. Негибната
природа која како со магнет привлекува секого што барем еднаш стапнал на
зелениот тепих од планински ливади или пешачел низ прастарите шуми што се
протегаат во бескрај. Место каде се полнат батериите. Совршено прибежиште за
современиот човек оптоварен со секојдневието. Блиску, но, сепак далеку. Влечен
од неопислива желба да и се препушти на природата потребно е да се стигне до
таму. Како? Прво брзо по автопат, а потоа полека и внимателно по стрмните
планински патишта преполни со замки кои водат до неоткриената убавина.
Напредокот низ техника скриен длабоко под ламарината ќе
се погрижи патувањето да се претвори во микс од уживање и одушевување. Дизелот
не е најмоќниот во ергелата на Audi, но, со напредното вбризгување Piezo во пет
фази успева да комбинира рафинираност со пристоен удар во грб од високиот
вртежен момент. Се врти тивко во празен од и повлекува нагло од ниски вртежи.
Темпо 100 лови за 9,1 секунди што би требало да е доволно брзо за било кого,
посебно во сегментот на двотонци.
Управувањето е прецизно и мами да се претера во свијок
додека воздушната суспензија го држи Q7 како залепен за
асфалт. Какво задоволство крие овој Колос. Зарем е можно границите на физиката
да се поместени толку што воопшто не се чувствува големата тежина. Како на пат
така и на терен.
Таму каде што завршува асфалтот познатитот погон на
четири тркала Quattro добива нова улога: Да го
однесе Q7 каде што останатите модели на Audi не смеат
ниту да помислат да стапнат, распределувајќи ја моќта на моторот за да се добие
задоволителна тракција.
Шестстепениот Tiptronic е совршен за на терен и
дозволува со леснотија да се тргне на голема стрмнина. Или, пак, да се лази
преку дупки и камења. Доколку при возење на нагорнина ви пречи постојаното
префрлање и барање на оптимален режим на работа, со цел да се заштеди некој
литар гориво, поиграјте си со палките зад воланот (се добиваат со доплата) и
рачно префрлете во посакуваниот степен.
Серискиот ESP не може да се исклучи. Но, без страв
дека при пролизгување ќе ја смалува моќта на моторот и ќе ве остави заглавени
во кал. Притиснете го копчето „ESP Offroad”, подигнете ја каросеријата на
максимум и Q7 со леснотија ќе ве однесе во зелениот рај.
Технички податоци:
Audi Q7 3.0 TDI
Дизел V6 со директно вбризгување и турбонатполнење · 2x2 брегасти
оски во глава · четири вентили на цилиндар · зафатнина 2.967 cm3 · моќ 171 kW (233 КС)
при 4.000/min · вртежен момент 500 Nm при 1.750
– 2.750/min · шестостепен автоматски менувач Tiptronic · погон на
4 тркала · празно возило 2.325 kg · д/ш/в 5.086/1.983/1.737 mm ·
меѓуоскино растојание 3.002 mm · багажник 330 до 2.035 литри · резервоар 100
литри · забрзување до 100 km/h за 9,1 s · Vmax 215 km/h · потрошувачка просек
10,4 литри
|