Get Adobe Flash player
Get Adobe Flash player
Тест: BMW M5
27.03.2007
P0017081Ако за ознаката М5 некој помисли дека e ставка од мени на кинески ресторан, молиме нека чита за нешто друго. Овој М5 има поинаков вкус. Тој е лимузина од BMW, чијшто V10 реактор ослободува 507 КС.

Специјалност му се високите вртежи. Речиси како мотор на Формула 1. Сепак, неделниот автомобил на Марк Вебер и новиот М5 имаат исто толку заедничко колку кенгур и Зајко Кокорајко.И многу подобро што е така. Овој М5 се вози. Сосема обично. Стравот од владеењето со 507 КС брзо се губи. На 1 септември еден М5 се појави во селото Мрзенци, во близина на Гевгелија. Може и кротко да се вози оваа михненска лимузина - која, инаку, сосема случајно изгледа како лимузина. Повеќе и прилега купеовска форма. На пример, формата на М6.Сепак, не му забележуваме на Маккар што на „Деновите на перформансот” или во оригинал, сосема негермански „Performance Days”, не го донесе ултимативниот претставник на школата за правење спортски автомобили - М6.

Кога чувството при возење Superbmw треба да се преточи во зборови се добива нешто вакво: М5 е остар како скалпел. Преведено од автомобилскиот жаргон, острината значи прецизност, значи вистинско диригирање на автомобилот, чувствување на нијансите на свијоците, на нивниот карактер. М5 има прецизна сепарација како грижливо избрана аудиофилска опрема, или повторно во превод, ги сецира и ги филетира силите на физиката и нефилтрирано ги пренесува до нашите сетила.

Ги има сите можности за дотерување. Ова е возило за „компјутер кид”, возило за виртуози на плејстејшн, конфигурабилно возило. Сигурно на некое копче може да се избере уште и бојата на каросеријата со која во моментот сака да се вози пилотот. Секвенцијалниот менувач М со Drivelogic е одушевувачко парче техника. Во положбата D незабележливо ги менува седумте степени на 2.000 вртежи. Може да се ракува и мануелно, преку рачката долу или преку свинските уши зад управувачот. Посебноста е тоа што пилотот може да избира со која острина да работи менувачот, место да и препушта на сe уште глупавата автомобилска електроника да решава кога ќе менува.

Најбруталната брзина на менување стои на располагање само при исклучен DSC. Како поинаку, електрониката веднаш би ја фатила паника. Уживање е кога ќе се помисли што сe се случува долу во погонската спрега, кога хидрауликата ги раководи запчениците, канџите и спојниците. Сето тоа под гневот на дебелиот вртежен момент од 510 њутнметри.
Во венецот прекинувачи околу менувачот има и еден за моќта на моторот. Ако некому му е дојдено за само 400 КС избира P400, а ако е „наапан” и ги сака сите 507 КС, тогаш се оди на P500. Или храбро се избира P500 Sport. Тука уште еднаш се заострува реакцијата на е-педалот за гас. За да збеснат коњите треба да се влезе во M Drive на екранот. Копчето Power покрај менувачот во овој случај е беспомошно.

И DSC, како што кај BMW се нарекува ESP, може да се програмира - од конзервативно ангажирање за спокојно секојдневие без спортски дух, преку MDM, M Dynamic Mode, кој дозволува пролизгување, но во итен случај ита да даде помош, до последната положба во која DSC е сосема исклучен. Уште една можност за конфигурирање нуди EDC, електронската контрола на амортизацијата. Тука може да се избира меѓу меко, спортски нормално подвозје и тврдо како камен, кога и пломбите испаѓаат од забите.
Кога сe ќе се дотера како што треба, што значи како за на патека, тврдо, брзо и со DSC-off, станува многу убаво. Прецизноста на управувањето е одушевувачка, а повратната информација е како кај го-карт. М5 е како продолжен нервен систем, кој се проширил низ целиот автомобил, сe до тркалата.

И над сe тронува оваа икона на машиноградбата, десетцилиндерскиот мотор. Со двоен Vanos, единечни придушници, подмачкување под дејство на попречна сила,  хиперелектроника и концепт со високи вртежи. 400 КС имаше уште стариот М5 со V8 и иста зафатнина. Дополнителните 107 КС потекнуваат, главно, од вртежите - 8.250 место 7.000 во минута. Специфичната сила сега е на ниво на болид од DTM.
И покрај сe, останува BMW, кога ќе се конфигурира комотно. И уште овој звуков. Ослободено преде при ниски вртежи, додека веќе при средни вреска како хистерично тркачко возило. Така и влече: 4,7 до 100, 13,5 до 200. Секунди и километри, ако некој се посомнева кои се мерите. Колку да не заборавиме: седиме во семејна лимузина. Трезнењето ќе се случи најдоцна на пумпа за точење гориво. Петнаесетина литри. При умерено возење. Околу 200.

Кога ќе се споредат бројките од пумпата покрај М5 и онаа на 535d, овој вториов почнува да станува интересен. Нема никакви спектакли при возењето. Култивирана и тивка работа, брзо качување вртежи и рамномерно ослободување на моќта - од 272 КС. Од три литри зафатнина. Забрзување до 100 соодветно на моќта - 6,6 секунди и брзина електронски ограничена на 250. Нема спектакли? Малото d во ознаката открива дека напред работи дизел! Со ништо друго (освен кога моторот работи во место) не може да се почувствува дека се вози дизел. Само ќе потсетиме дека во споредбениот тест 535d буквално го декласираше E 400 CDI. Кој сака нека бара контрааргументи, но 535d е најдобриот дизел со зафатнина до три литри. А, се задоволува со 8,2 литри.
Цените? Нека ви ги соопштат во Маккар. Ние ќе се преправаме дека не ги знаеме.

 

Технички податоци
Мотор V10 (90о) · 4 вентили по цилиндар · 2 x 2 брегасти оски (двоен Vanos) · зафатнина 4.999 cm3 · пречник и од 92 x 75,2 mm · силина 373 kW (507 КС) при 7.750/min · 520 Nm при 6.100/min · секвенцијален седумстепен менувач · погон назад · гуми п/з 255/40; 285/35 ZR 19 · д/ш/в 4.855/1.846/1.469 mm · празна тежина 1.830 kg · 0-100 km/h 4,7 s · 250 km/h · 1 km од мирување за 22,7 s · потрошувачка (град/отворено/просек) 22,7/10,2/14,8 l/100 km

 
Get Adobe Flash player

autofocus-baner
 

 

Facebook