BMW се пробива напред. Поточно надолу. Со дволитарецот возењето дизел во X3
станува поевтино за 12.900 евра. А тоа воопшто не му пречи на уживањето зад воланот
Да се најде празнина на пазарот, која уште и му носи добивка на
производителот, денес се чини речиси невозможно. Но, тој што ќе ја пронајде, ќе
го собере сиот ќар - барем додека не пристигне конкуренцијата. BMW верува дека
пронајде таква празнина. Спортски луксузен теренец со компактна големина.
Убавината во сето тоа е што ќар ќе имаат и купувачите. На прв поглед се чини
дека X3 е премногу блиску до поголемиот брат X5, но кога ќе се разгледаат
цените и ќе се земе предвид дека новото теренче стартува со дволитарски мотори,
на уживањето во возењето ќе му нема крај - секако, под услов да се биде
расположен за четириесет илјади евра да се инвестираат во возило. А, кај BMW,
буквално, се инвестира бидејќи, сепак, се работи за марка премиум, која
задржува повеќе од вредноста како користено возило.
Разликата што ја регистрира окото во споредба со попретставителниот X5 не е
вредна за споменување: за десет сантиметри помала надворешна должина.
Просторната понуда на X3 не го одзема здивот, но речиси е иста како на
поголемиот брат. Дури и одзади возрасните уживаат во доволно простор да си ги
протегнат нозете. Единствено, во внатрешната ширина и во просторот над главата
новиот X е поскромен.
Со својата надворешна појава, малиот брат не натежнува врз патот толку
силно колку X5. И вагата го потврдува визуелниот впечаток. Таа покажува дека X3
е за речиси триста килограми полесен, со трилитарски бензински мотор. Со тежина
на празно возило од 1.820 килограми дволитарскиот X3 воопшто не е лесен како
пердув, но килограмите што недостигаат брзо се забележуваат при возењето. Многу
повеќе отколку со перформансите, овој BMW одушевува со возните својства. Не се
чувствува ни најмала трага од инертноста што сме навикнале да ја среќаваме кај
традиционалните теренски возила.
Факт е дека нема друг автомобил со погон на сите тркала замислен за движење
по терен што се движи толку спортски колку овој BMW. Во целост ја постигнува
високата динамичност кон која тежнее марката, кога послушно и очигледно, без
какво било напрегање прошишува низ свијоците. Со лесниот и чувствително дотеран
(со доплата) инстинктивно се погодува вистинскиот курс. Тука ниту возачите на
спортски автомобили не мораат да се навикнуваат на начинот на терање на
возилото што BMW го смета не за вообичаен SUV, туку за SAV - Sports Activity
Vehicle.
Секако дека лесната управливост е купена со спортско подвозје. И покрај тоа
овој BMW нуди удобна, смирена алтернатива на спортски автомобил. Само по
повисокото седење во споредба со автомобил и големата прегледност во
сообраќајот, се чувствува дека се седи во теренец.
За да се постигнат овие динамични возни својства не е доволно само педантно
дотерано подвозје и пониска тежина. BMW посегна длабоко во сандакот со трикови
за погон на сите тркала за да мобилизира дополнителни резерви. Со варијабилниот
погон на сите тркала BMW сакаше да постави нова димензија на возната динамика.
Погонот на сите тркала со варијабилна распределба меѓу предната и задната
оска не е ништо ново. Техничарите во Грац, каде што X3 се произведува кај Magna-Steyr,
и во Минхен, го комбинираа овој погон од ново. Срцето на погонот на сите тркала
на X3 е ламеласта спојка во маслена средина. Моќта од моторот се пренесува
директно на задната оска преку карданско вратило. До предната оска моќта
достигнува преку споменатата ламеласта спојка.
И тоа не е ново. Новитетот е мудрото активирање и техниката на регулирање
на оваа спојка. BMW сакаше да го надмине досегашниот недостиг на ваквите
системи: доста инертното, често пребавно вклучување на погонот на сите тркала.
Кај теренците со такви системи најчесто прво пролизгува примарната погонска
оска, пред, конечно, да пристигне на помош втората оска.
Кај BMW X3 не се случува тоа. Електрониката, на пример, дури и посилното
притискање врз гасот го смета за повод да го вмеша предниот погон. Притоа,
задните тркала воопшто не мора да пролизгаат. На асфалтиран пат системот не
може да се надмудри со зла волја. Дури и турбополначот реагира за миг побавно
на притискањето на педалот за гас отколку погонот на сите тркала.
X3 и на влажно тргнува енергично од место, без колебање. Брзиот компјутер
и, исто така, брзиот електромотор што ја отвора и затвора ламеластата спојка на
погонот на сите тркала го овозможуваат тоа.
Сепак, оваа спојка може уште многу повеќе. BMW ја користи во свијоците со
фино чувство да го сопре X3 во намерата да загуби стабилност - и со тоа често
го прави непотребно непријатното вклучување на ESP. Поради тоа X3 вози побрзо
во свијоците.
При возење по терен со мека подлога системот во неколку ситуации се
покажува немоќен. Точно е дека BMW и тука солидно тргнува од место бидејќи
погонот на сите тркала се активира веднаш по додавањето гас. Но, по неколку
метри компјутерот се обидува да го поштеди дополнителниот преден погон и ја
отпушта централната спојка за погонската спрега да не се скрути.
Но, ако подлогата на ова место с¢ уште е премека, тогаш постојаната
погонска задна оска за миг се заринува во длабочините, по што компјутерот
повторно наредува полн погон на сите тркала - но, понекогаш предоцна. BMW тогаш
запира и со мака поаѓа од стартните дупки. Се чини дека BMW свесно го оставил
тоа. Предноста на така воздржаното проектирање на погонот на сите тркала е што
апсолутно никогаш не доаѓа до скрутување на погонската спрега и не мора да се
прават компромиси во комфорот и возната динамика.
Баварците, навистина, затвориле празнина на пазарот - меѓу „3 touring” и X5.
Почит: марката успеа и во овој сегмент да направи вистински BMW. X3 се
истакнува со неочекуван темперамент и одушевувачка агилност - а, сепак, се
работи за теренец. Тоа е веќе висок спорт.
Технички податоци
BMW X3 2.0d
Турбодизел R4, Common-Rail · четири вентили по цилиндар, dohc · зафатнина
1.995 cm3 · моќ 110 kW (150 КС) при 4.000/min · вртежен момент 330 Nm
при 2.000/min · шестостепен менувач · погон на сите тркала, xDrive, автоматска
блокада на диференцијал ADB-X · празно возило 1.820 kg · носивост 500 kg ·
приколка со сопирачки 1.700 kg · гуми 235/55 R 17 · багажник 480/1.560 литри ·
д/ш/в 4.565/1.853/1/674 mm · резервоар 67 литри · забрзување до 100 km/h за
10,2 s · Vmax 198 km/h · еластичност: 80 до 120 km/h (во IV/V степен) за
8,3/10,3 s · потрошувачка (град/отв./просек) 9,6/5,9/7,2 s
|