Зрел автомобил за малку пари - гласи
понудата на Chevrolet. Ако притоа носи шик дизајн и се вика Aveo, е уште
подобро
Формулата за постигнување големи
продажни резултати гласи: многу автомобил за малку пари. Според оваа формула
корејскиот Chevrolet направи семеен носач, кој технолошки и дизајнерски е
прилично солиден, а, од друга страна, пак, ценовно е прилично достапен. Само
три години од воведувањето на продажниот хит Kalos во Chevrolet се решија за
негова замена. Наследникот носи ново име, Aveo, и наспроти својот претходник
нацртан од големиот Џуџаро е дело на анонимни корејски дизајнери. А, купувачите
едногласно избираат: Aveo е поубав автомобил. Ако се мери атрактивноста, тогаш
многумина би ставиле рака в оган дека токму Џуџаро се потпишал под дизајнот на
Aveo. Но, не е така.
Со должина од 4,31 метар Aveo е џин во
класата и драстично отскокнува од другите мали автомобил. Со просторната
внатрешност и потполно искористливиот бункер од 400 литри што се крие под
задниот капак Aveo се претвора во вистински семеен транспортер. Место не
недостига ниту на задната клупа со потпирачи што се соборуваат во сооднос 60:40
и дозволуваат превоз и на долги предмети. Внатрешноста остава впечаток на зрел
автомобил. Тука во споредба со претходникот е направен чекор од седум милји.
Квалитетна пластика на арматурната табла и грижа за детали.
{shsmoothslideshow chevroletaveo}
По влегувањето ве пречекува големото
тркало од управувачот каде што монотонијата е разбиена со вметнати делови како
имитација на алуминиум. Не е благородно, но е убаво. Секако, од Aveo не се бара
благородност, тој е, пред с¢, практичен. Затоа, пак, средишната конзола со
вграденото радио со цеде, кое доаѓа сериски, и со убавите тркалезни регулатори
на проветрувањето свети со убава зелена боја и е мевлем за очи. Заедно со
инструментите земени на заем од Lacetti. Корејците се потрудиле и околу
ергономијата. Aveo од прво седнување се чувствува како веќе да сте минале многу
километри зад управувачот. Богато димензионираните седишта се добар придружник
во патувањето, но страничното држење е слабо. Ова се однесува и на задната
клупа каде што има доволно место и за рамената и за нозете. Дури и кога одзади
ќе се сместат три патника. Aveo покрај со дизајнот и со просторот освојува и со
опременоста. Електрика на предни прозорци, затемнети стакла, сервоупрвавување,
управувач со местење по висина, радио со цеде…
Малиот мотор од 1.150 cm3 и
72 КС при пријатно возење никогаш не нервира иако со себе треба да влече
каросерија тешка 1.135 kg. Данок на безбедноста. Тие што сакаат да стискаат на
педалот на гас нека се обратат на друга адреса. Тогаш се засилува бучавата и
покрај звукот на моторот во кабината се мешаат и звуците од струењето на
воздухот околу каросеријата и од тркалата. Но, моторот не се буни, сака високи
вртежи и произведува убав звук. Тоа што пречи е потрошувачката. Заклучок:
умереното возење е поудобно и го штеди џебот. Со ова Aveo како да предупредува
за својата намена. Управувањето работи прецизно, а менувањето на степените не
оди секогаш мазно. Рачката знае да запне посебно при префрлање од трет во втор
степен. Не е загрижувачки, но е непријатно. Менувачот остава простор за
подобрување. Ова не важи за подвозјето, кое се грижи за безбедни возни
својства. Aveo тивко ги пегла нерамнините, а наведнувањето на каросеријата во
куси свијоци не влијае врз безбедноста.
Европските конкуренти го прават тоа
подобро. Можеби и не само тоа. Но, кога станува збор за нив се јавува една
пречка. Сепак, мора да се има на ум дека тие чинат и до 50 % повеќе. Затоа
младите семејства го обожуваат Aveo. Бидејќи нуди многу, а со цената малку го
оптоварува и така скромниот семеен буџет.
Технички податоци
Chevrolet Aveo 1.2 Direct
Мотор R4 • 2 вентила по цилиндар • брегаста оска во глава •
зафатнина 1.150 cm3 •
моќност 53 kW (72 КС) при 5.400/min •
max. вртежен момент 104 Nm при 4.400/min • погон напред • петостепен
менувач • напред/назад независна суспензија • багажник 400 l • резервоар 47 l •
д /ш /в 4.310/1.710/1.505 mm • меѓуоскино растојание 2.480 mm • гуми 185/55 R15
• тежина на празно возило 1135 kg • Vmax 157 km/h • 0-100 km/h за 13,7 s •
потрошувачка 6,4 l/100 km
|