Get Adobe Flash player
Тест: Citroen C3 1.4 HDi Attraction
19.07.2010

Мал голем автомобил е овој Citroen C3. Преку него Citroen се обидува да докаже дека технологијата на градба на автомобили напреднала толку што разликата меѓу малите и големите е се помала.

citroen-c3-attraction-test-2010-1

Со големи помпи Citroen го претстави својот нов адут како ултимативен наследник на првата генерација на C3 која прерасна во вистински бестселер. Инженерите на Citroen се обидуваа да ја убедат светската јавност дека новиот C3 е светлосни години понапред од моделот што го заменува. Според нив идејата водилка при развојот на С3 била да се создаде мал автомобил кој на сопственикот ќе му понуди сосема поинакво доживување и по својот квалитет ќе биде многу близу до автомобилите од премиум сегментот.

Бурните најави предизвикаa нетрпение. Да се види, да се допре, да се почувствува новиот С3 и со сопствени сетила да се потврдат, или отфрлат наводите на инженерите на Citroen одговорни за проектот. Првиот контакт со С3 открива дека има голема разлика во уредувањето на кабината меѓу моделите од основната понуда и моделите од врвот во понудата кои го носат звучното име Visiodrive. Односно, во Citroen понудиле за секого по нешто или колку пари толку музика. Но, да видиме колку музика се добива за 12.100 евра колку што чини дизелот HDi од 1.4 литри и 70 КС во основното ниво на опременост Attraction.

Од надвор С3 е допадлив автомобил, дури и ако го нема Zenith панорамското стакло, хромирните лајсни и леснометалните бандажи со голем дијаметар обуени во гуми со низок профил. Новиот С3 ја наследува куполестата форма од својот претхоник, но дизајнерите во Citroen го нашминкале и го детерале така за да залепи од прва. Без оглед дали се гледа однапред во огромните светла, засеците во браникот и трапезниот отвор за водзух, или одзади во набабрените крила и арки над тркалата и светлата во облик на модификуван заб од запченик.

citroen-c3-attraction-test-2010-2

Одзади C3 делува обично, предницата е таа што го краси стилот на новата „тројка" од Citroen

Инспирација не недостасувала ниту кога се креирала кабината, посебно арматурата чив облик исто така залепува од прва. Внатрешноста е олицетворение на модерното. Волан со рамно дно, релјефната арматура и централна конзола и материјали пријатни на допир. Без оглед што во нивото Attraction за поставување на арматурата не се користени меки материјали и горниот дел е излеан во едно парче, тврдата пластика е пријатна на допир и делува квалитетно. Истото може да се заклучи и за пластиката на централната конзола, но и за остатокот од кабината. Практичен детал е повлекувањето на касетата пред совозачот што го опишавме при преставувањето. Ни се допадна и ткаенината на седиштата и вниманието посветено за изработка на багажникот.

Производителите токму тука потфрлат заштедувајќи на квалитетот на употребените материјали и изработката што го расипува впечатокот. Тоа не е случај со C3. Квалитетна ткаенина на задниот дел од потпирачот на задната клупа, убаво изработени страници, дебела ткаенина на подот оздола залепена со полиуретанска пена која придушува вибрации. Рамки од стиропор околу резервното тркало и филц залепен на калниците од внатре за придушување на резонанцијата која се создава во затворената кутија. Ова е видлив доказ за добро изолираната кабина во која владее тишина.

Во град С3 е на свое. Сеуште помал од 4 метри со леснотија се пробива низ градскиот метеж, а кога ќе затреба паркинг се спровира и во најтесниот простор. Рационалната градба условила кабината да нуди многу повеќе отколку што прикажуваат надворешните димензии, а во приказната за просторот е сокриен и багажникот од 300 литри, најголем во класата. Волуменот и правилниот облик  проголтуваат се што може да се купи во целодневен шопинг, дури и ако некој е зависник од талкање по продавници, а собира доволно и за на подолг пат. Мноштво практични фиоки, полици, долапи го олеснуваат распоредувањето на дребулии низ кабината, па така своето место ќе го најдат и паричникот, и очилата за сонце, и мобилниот и шишето со вода...

citroen-c3-attraction-test-2010-3

Патникот зад совозачот ужива во раскош од простор. Тука ги собира и колениците на „двометраш", но исто така им се олеснува на родителите при седнување и вадење на детето од детско седиште. Операција која и не е толку едноставна во тесно

Комфорното подвозје типично за Citroen го наследува и С3. Пружините и амортизерите одлично си ја вршат работата и на време ги придушуваат ударите од патот, така што тие остануваат далеку од возачот и патниците. Кај C3 се е во знакот на комфорот. Иако влегува во сегментот на градски возила долгите тури не заморуваат. Возачот го напушта свеж дури и по повеќечасовно возење. Совозачот го дели истото искуство, а ниту патниците на задната клупа нема да замеруваат. Како на комфорот при возењето така и на просторот кого го има доволно, но само ако одзади се возат двајца, од кои, поголемиот зад совозачот.

Без оглед на талентот за придушување на ударите суспензијата кај С3 не делува разнишано. Сеуште е доволно стегната за да не дозволи изразено навалување кога се вози по вијугав пат. Постигант е добар баланс меѓу комфор и возни својства. Изненадува талентот за совладување свијоци. Задната оска со внимание ја следи предната и го мести С3 на линија на напуштање на свијокот. Својството доаѓа до израз во брзи свијоци и нема тенденција за надуправување. Ова годи и во куси свијоци бидејќи ја згаснува желбата на предната оска за подуправување, кое доаѓа до израз само ако возачот е преголем оптимиста.

Подвозјето на Citroen С3 мами да се вози поостро, но желбата најчесто ја загаснува управувањето. Препознатливата болка на бесчувствителност кај управувањето е повторно присутна. Иако нуди прогресивно серво управувањето сеуште делува дигитализирано, а и отпорот на воланот би можел да биде поголем.

citroen-c3-attraction-test-2010-4

Дури и кога седиштето на совозачот е турнато напред докрај место за колена има. Само на највисоките колената ја допираат арматурата

Моторот 1.4 HDi ослободува само 68 КС, но при возење се чини како да се многу повеќе. Повлекува од ниски вртежи, течно ја развива снагата и не застанува дури и кога стрелката на бројачот на вртежи ќе мине преку 4.000 врт/мин каде се остварува најголемата моќност. Сепак, не е умесно од 1.4 литарецот да се бараат чуда. Неговиот најголем талент е штедењето. Дури и во град, внимателните со полесно десно стапало со еден резервоар ќе можат да закрпат безмалку „илјадарка”.

Citroen C3 претставува една успешна комбинација, способен да ги задоволи дури и спротивставените барања на современиот човек. За него ќе се одлучат сите на кои им е потребен автомобил што се снаоѓа во град и е добар на пат. Има пристојна цена, нуди квалитетни материјали, штедлив е, просторен, тивок и комфорен. Не залудно во Citroen очекуваат мултиталентов да ја повтори приказната на својот претходник. Но, полека, запченициве не се сами на пазарот. А според соодносот вложено/добиено, многу поприфатлива опција е следното ниво на опременост Confort.

Основна цена: 12.100 евра

Сериска опрема: ABS + EBD, 4 воздушни перници, патен компјутер, варијабилно серво управување, електрика на предни стакла, централна брава со далечинско, електрика на ретровизори, висинско местење на возачко седиште, ISOFIX, и радио со CD - поклон од увозникот.

Дополнителна опрема: леснометални бандажи од 15 инчи 400 евра, мануелен клима уред 900 евра, метална боја 350 евра.

Citroen C3 1.4 HDi Attraction
Мотор Дизел
Распоред на цилиндри Реден
Број на цилиндри 4
Вентили 4 на цилиндар
Брегасти вратила 2 во глава на мотор
Зафатнина (cm3) 1398
Моќност kW (KS)/вртежи 50(68)/4000
Вртежен момент Nm/вртежи 160/2000
Менувач 5-степен мануелен
Погон Напред
Сопирачки напред
Вентилиран диск
Сопирачки назад Барабан
Гуми 185/65 R15
Багажен простор (l) 300 до 1000
Резервоар (l) 48
Д/Ш/В (mm) 3941/1728/1524
Меѓусокино растојание (mm) 2466
Тежина на празно возило (kg) 1065
Носивост (kg) 499
Максимална брзина (km/h) 163
Забрзување 0-100 (km/h) 13,7 sec. 
Забрзување од место 1 km
35,6 sec.
Потрошувачка (l) 5.2/3.7/4.2
Емисија СО2 (g/km) 110
Цена на тест возило
13.750 еврa

 

 

 

Facebook