Дали најмоќниот, најбрзиот и
најопремениот Citroen C4 е вистинскиот билет за влез во престижниот клуб?
Спортскиот карактер на C4 Coupe VTS се
забележува на прв поглед. Со големи 17-инчни тркала од лесен метал, одзади
пресечен како со нож и накитен со мал спојлер што се издига над задното стакло,
недвосмислено ја кажува својата намера. Мускулестиот задник на купето е чиста
спротивност на елегенцијата од братот со пет врати. Настапува како чист
адреналин и тука нема место за двоумење. Автомобилов мора де е лут.
Својата лутина C4 Coupe VTS ја
потврдува со дволитарскиот четирицилиндарец со моќни 180 КС. Можеби моторот не
е најсилен во својата класа, но не му недостасува моќ. Citroen реши својот
компакт да го опреми со атмосферски мотор наспроти конкурентите, кои
настапуваат со турбо. Французите веруваат во добар инженеринг и во високи
вртежи. Воедно, се потпираат на искуства од светот на релито. Моторот е
вистински технолошки бисер. Целосно направен од алуминим, со шупливи брегасти
оски во глава и лесен замавник. Ги обожува вртежите и без противење оди во
црвено. Кое „случајно” почнува над 7.500 вртежи. Кога поголемиот дел од
моторите се на крај од работното подрачје овој тукушто земал залет.
Моторот се врти, но и бучи. Над 4.000
вртежи бучавата почнува да пречи. Во Citroen велат дека тоа е направено
намерно, за да се стави акцент на спортскиот карактер на автомобилот. Денес,
кога и звукот од издувот се дизајнира, инженерите можеле да се потрудат повеќе.
Можеби за бучавата на пат придонесува и големото панорамско стакло на покривот.
Кое ви овозможува да уживате со поглед кон ѕвездите.
Место во Citroen, за звукот подобро се
погрижиле во JBL. Пречистениот звук од едно од петте цедеа наредени во полначот
се разлева низ кабината преку 10 звучници и еден сабвуфер сместен во
багажникот. Навистина исплатлива инвестиција. За доплата од 840 евра добивате
звучна кулиса посебно дизајнирана за кабината на C4.
Првиот допир со внатрешноста на C4 не
остава простор за коментар. Кожен ентериер од посебно обработена кожа „алезан”.
Благородниот материјал покрај седиштата го има и на арматурната табла и на
облогите на вратите. Дизајнерите во Citroen не застанале тука. Вистинско
надополнување на кожата се детали од четкан алуминиум. Не станува збор за
евтина имитација на овој лесен метал, тука се работи вистинско нешто. Екранот
од системот за навигација NaviDrive и централните отвори за воздух се вметнати
во едно големо парче метал, кое при допир пријатно ја лади раката. Вистински
алуминиум е користен и за изработка на топката од рачката на менувачот.
Полирана, одлично лежи в рака и дополнително го нагласува спортскиот штит на
автомобилот. За опуштеност при патување се грижи наголемо фалениот парфем, кој
со мирисот на свежо цвеќе постојано ја исполнува внатрешноста. Секако,
интензитетот се мести според желбите на патниците, а по потреба може и целосно
да се исклучи. Луксузната внатрешност ја штитат волуметрички аларм и зацврстени
ламинирани стакла отпорни на кршење. Радуваат и фиоките за дребулии под
страничните отвори за воздух. Обложени со мека ткаенина го придушуваат
тропкањето на предметите и ја откриваат својата содржина откако ќе бидат
притиснати, за што треба да се употреби невообичаено голема сила.
Разиграноста на кабината со инструменти
расфрлани насекаде е во манир на Citroen. Па дури и управувачот со неподвижен
централен дел веќе не е мистерија. Практичен, со мноштво команди, кои секогаш
се во иста положба и се користат на слепо дури и за тие што не поминале стотици
километри зад управувачот. Единственото нешто што се разликува од другите
верзии на C4 е бројачот на вртежи. Завршува со бројката 8 и открива дека под
предниот капак се крие мотор попогоден за тркачка писта отколку за на пат.
Волк во јагнешка кожа
Штом ќе се сврти клучот во бравата
моторот се буди со рапав звук и веднаш открива дека не станува збор за обичен
бензински четирицилиндарец. При тргнување бара повисоки вртежи. Причина е
лесниот змавник и недостигот на вртежен момент при ниски вртежи. На хартија
вртежниот момент од 202 Nm не е мал, но се остварува при релативно високи 4.750
min. Ова се чувствува посебно при ниски вртежи. Но, без очајување. С¢ што треба
е да се почека мерачот да покаже дека моторот достигнал работна температура и
играта може да почне.
Ниските вртежи стануваат неважни.
Моторот, просто, мами да се притиска педалот за гас и лесно се врти с¢ до
граничното подрачје, кога за претерување ве опоменува црвената боја и екранот
на бројачот на вртежи, кој трепка. Префрлете во повисок степен на пренос и го
скартувате времето до следниот свијок. И повторно нагло сопирање, понизок
степен, максимален број на вртежи и новиот свијок е минато. При брзо
префрлување менувачот знае да запне и тоа најчесто тогаш кога е најпотребно.
Без паника, сопирачките се моќни и го сопираат автомобилот многу порано од
очекуваното. Сепак, при престигнување непрецизниот менувач задава главоболка.
C4 цврсто вози преку нерамнините, но не
е неудобен. Да не заборавиме, станува збор за Citroen. Вибрациите се придушени
и не се пренесуваат во внатрешноста, па патувањето е удобно. Подвозјето е
стегнато и е во хармонија со директното, но бесчуствително управување.
Освојувањето на свијоци со C4 е вистинско задоволство. На моменти се чувствува
како да возите со заден погон. Задникот сака да пролизга, но будното око на ESP
постојано го надгледува. Системот не е ревносен, остава време за реагирање и го
прави C4 исклучително забавен за возење. Ноќе уживањето во возење низ свијоци
го поткрепуваат активните биксенон светла, кои ја следат линијата на движење. Оваа
техничка итроштина, која Citroen ја има уште од легендарната „ајкула”, одлично
функционира и ја зголемува безбедноста.
Со C4 Coupe VTS Citroen сака да влезе
во светот на GT. Да се биде еден од избраните е престиж. Модерниот дизајн,
луксузната опрема, моторот што важи за технолошки бисер и, пред с¢, забавата
при возењето го заслужуваат тоа. Последниот збор, сепак, ќе го имаат
купувачите.
Технички податоци
Citroen C4 Coupe VTS
Бензински R4 · четири вентили по
цилиндар, dohc · зафатнина 1.997 cm3 · моќ 130 kW (180 КС) при
7.000/min · вртежен момент 202 Nm при 4.750/min · петостепен менувач · погон на
предни тркала · празно возило 1.337 kg · носивост 431 kg · приколка со
сопирачки 1.300 kg · гуми 255/50 R 17 · багажник 342 литри · д/ш/в
4.273/1.769/1.458 mm · резервоар 60 литри ·
забрзување до 100 km/h за 8,3 s · Vmax 227 km/h ·
потрошувачка (град/отв./просек) 11,7/6,5/8,4 s
|