Get Adobe Flash player
Тест: Citroen C5 2.0 HDI
30.10.2008
citroen-c5.jpgБез оглед на страната и аголот од каде се упатува погледот кон C5 заклучокот гласи: С5 е убав, настапува сериозно, има изграден стил и претставува гордост за својот сопственик.

Вака би звучел воведот во описот на новата лимузина што доаѓа од погоните на Citroen. Веројатно со истата реченица ќе почне и заврши секој кус разговор чив предмет на расправа е токму C5. Не станува збор за некаква опчинетост, туку за реална состојба во која французите конечно направија автомобил кој сериозно може да се фати во костец со неприкосновените германски конкуренти во сегментот.

Уште поважен е фактот дека Citroen не ги крие своите аспирации за зграбување на голем дел од колачот кого најчесто меѓу себе го делат германските производители.

Стајлингот кого во Citroen го нарекуваат Teutonic Air, а во слободен превод значи масивно, цврсто, луто, агресивно, но во исто време и лесно, воздушесто, комплетно го опишува С5. Масивните страници, високиот појас, долгата хауба и кусиот задник со интегриран спојлер делуваат како да се исклесани во гранит. Без ознаките С5 лесно може да се препознае како автомобил кој дошол од далечниот север, посебно ако се гледа одзади. Но, тоа воопшто не е лошо. Напротив. Citroen се воздигна од бледилото на претходната генерација и со цврст чекор граби напред.

citroen-c5-7.jpg










Ксенон светлата доаѓаат со доплата. Се вклучуваат кога ќе се сврти воланот и дополнително осветлуваат од страната под агол од 105 степени при брзини помали од 40 km/h

Каде е тука лесното и воздушесто? Така накусо се опишува чувството додека се вози С5, но за тоа ќе стане збор подолу во текстот.

Конечно Citroen кај своите големи лимузини се откажа од концептот на хечбек што личи на седан. Петата врата во С5 ја снема засекогаш, но сите оние што токму поради неа, односно лесниот пристап до багажникот го сакаа претходникот, не треба да очајуваат. Citroen не би бил Citroen кога не би вовел иновација. Задното конкавно или вдлабнато стакло не само што личи шик туку му дава и посебен шмек на С5, а има и практична примена. Поради обликот отворот на багажникот е значително поголем, а олеснет е и пристапот.

Втората значајна новина која прави С5 да се разликува од претходникот е одлуката на одговорните во Citroen да го понудат со два типа на амортизација. Покрај хидро-пенавматската или Hydroactive, која беше единствениот избор кај претходната генерација, новиот C5 доаѓа и со класичнa, метална амортизација. Воедно ова е и првпат во оваа класа Citroen да понуди класична амортизација.

citroen-c5-2.jpg










Практично: тркалезни читливи инструменти со дисплеј во средина. Финтата ја избутка Mercedes во S Класа.

Точно е дека еден ваков избор ја намалува индивидуалноста по која големите автомобили на Citroen се надалеку познати, но французите тука стануваат практични. Да се навратиме на целта за зграбување на што поголем дел од продажниот колач. Дел од целта е освојување не само на индивидуалниот пазар на автомобили, туку и на флотниот пазар. Компаниите водени чисто од финансиски аспект не гледаат зошто мора дополнително да платат за хидро-пневматика за своите вработени. Е тука настапува С5 со класична амортизација.

Потпирањето во целост е превземено од поголемиот С6. Нормално кога се знае дека С5 е поставен на истата платформа. Напред се поставени двојни попречни водилки врзани со вертикална пречка која дополнително ја зголемува крутоста на врската, додека одзади работи мултилинк оска.

Влегувањето во С5 е преку големи масивни врати кои се затвораат со уверливо: Буп! Како врата од сеф. Простор има во изобилие напред и назад. И по должина, и по ширина, и по висина. Ова последново изненадува пред се поради ниската линија на кровот. Објаснувањето лежи во ниското седење каде дебело поставените седиштата ве прегрнуваат и буквално ве опсипуваат со комфор. Местењето на седиштето и воланот во сите правци овозможуваат пронаоѓање на совршена возачка позиција без оглед на висината. Дури вреди да се напомене дека посебно високите возачи многу полесно ќе ја пронајдат својата идеална возачка позиција.

citroen-c5-3.jpg










Двозонски клима уред и радио со CD+MP3 доаѓаат во серија

Ентериерот е целосно поставен со пластика мека на допир која во комбинација со детали од четкан алуминум и богатство од опрема нагласува престиж дополнет со дебелиот теписон на подот. По затворањето на вратите се чувствува комплетна изолација од надворешните елементи. Меките материјали и дуплите ламинирани стакла го впиваат звукот. Без оглед дали стоите или возите со максимална брзина во кабината владее тишина.

Не е јасно само што бара пластиката имитација на карбон-фибер на дебело поставениот волан преслечен во кожа. Прво визуелно одскокнува од уредувањето на кабината, второ, раката знае да пролизга кога ќе дојде на неа што не е пријатно посебно ако треба да се сврти нагло.

Под хаубата на автомобилот што го возевме работи 2.0 HDI со 138 КС. Без оглед дали се вози низ град, на автопат или по планински пат полн свијоци, врзан со шест степен мануелен менувач, моторот секогаш е подготвен да повлече дури и кога рачката од менувачот не го одбрала соодветниот степен. Воопшто не чувствува дека на своите плеќи влече тежина поголема од 1,5 тони. Но, ништо помалку не се ни очекува од прославениот 2.0 HDI на PSA.

citroen-c5-4.jpg










Воланот се врти околу фиксен столб, конструкција позната од
C4. Копчињата се прекриени со гумена мембрана. Пластиката со имитиацијата на карбон-фибер е вишок

Сознанието за голем Citroen со класична амортизација предизвикува одредена доза на скептичност. И го наметнува прашањето дали Citroen во занесот на борбата за освојување купувачи го сменил правецот и направил тврда амортизација. На размислувањето се надоврзуваат и леснометалните бандажи од 18 инчи обуени во гуми со висина 45 за кои се доплаќа. Сепак, не. Дури и со класични амортизери С5 останува достоен на своите корени.

Вози како на мачкини шепи, лесно, воздушесто. Тркалата како да прелетуваат преку ударните дупки, додека ситните нерамнини повеќе се доживуваат визуелно, отколку како сила која делува врз телото. Важно е што и покрај меко поддесената амортизација се чувствува цврстината на подвозјето. Квалитетот на суспензијата и моќниот мотор убедуваат и тераат да се сознае и другата страна на С5. Неговото однесување надвор од автопат и град.

Иако С5 не е скроен за да го бркаат по планиснки пат полн свијоци изненадува со својата агилност и смиреност. Да не заборавиме станува збор за колос долг безмалку 4,8 m, широк малку под 1,9 m и тежок преку 1,5 тони. Обидите да се исфрли од рамнотежа најчесто остануваат безуспешни, доколку вистински се претера С5 минува во подуправување кое лесно се става под контрола со подигање на стапалото од педалот за гас. При ваква промена на оптоварување очекувано е да реагира задникот и да прејде во надуправување. Но, тоа не се случува. Toj секогаш останува мирен. Сепак, постојано треба да се има на ум големината и тежината на автомобилот.

citroen-c5-5.jpg










Масивен и впечатлив задник
: знакот го открива потеклото

Ниту нерамнините во свијок не можат да го изместат С5 од зададената патека. Ударот не се чувствува ниту на волан, но затоа не се чувствуваат ниту тркалата.

Управувањето, подржано од електрична асистенција е комплетно дигитализирано. Возачот не добива никаква повратна информација од тркалата, како С5 постојано да вози на мраз. Многу малата сила потребна да се сврти воланот е иста без оглед дали се пробивате низ град или крстосувате на автопат.

Олку мекото управување годи низ град, но на автопат и на пат со свијоци е најблаго речено непријатно. Притоа не е доведена во прашање прецизноста. Значи управувњето е прецизно, а постои и прогресивност. Со зголемување на брзината управувањето станува подиректно, но, чувството како да возите по мраз и многу малата сила потребна да се сврти воланот остануваат.

Можеби ова својство на управувањето е комплетно поинакво кај верзијата од врвот на понудата 2.7 V6 HDI. Овој модел место електрична асистенција на управувањето добива класична хидраулична. Можеби таму улога игра и хидро-пневматската амортизација Hydroactive 3+, но за ова доживување ќе чекаме некоја друга прилика.

citroen-c5-6.jpg










Конкавно задно стакло го раширува отворот на багажникот и го олеснува пристапот
. Близу до еден хечбек

Јасно е дека С5 не е создаден за спровирање низ град и бришкање по свијоци. Автопат е средината во која се снаоѓа совршено. Удобен, тивок, вистински адмиралски брод. Автомобил создаден за долги патувања во полн комфор и брзина. Згора на тоа е привлечен и нуди чувство на луксуз по прифатлива цена. Атрибути доволно силни да привлечат купувачи што не робуваат на стереотипи.

Основна цена: 26.990 евра

Сериска опрема: ABS + EBD, ESP, 7 воздушни перници, автоматски двозонски клима уред, централна брава со далечинско, радио со CD + МР3, светла за магла, темпомат + ограничувач на брзина, електрика на стакла, седишта преслечени со велур, кожа на волан + рачка од менувач + рачна сопирачка.

Дополнителна опрема: метална боја - 590 евра, леснометални бандажи 18 инчи со гуми 245/45R18 – 510 евра, ксенон светла – 760 евра, паркинг сензори назад – 340 евра.

Citroen C5 2.0 HDI
 Мотор  Дизел
 Распоред на цилиндри   Реден
 Број на цилиндри   4
 Вентили  4 на цилиндар
 Брегасти вратила   2 во глава на мотор
 Зафатнина (cm3)  1997
 Моќност kW (KS)/вртежи  100(138)/4000
 Вртежен момент Nm/вртежи  320 - 340/2000
 Менувач  6-степен мануелен
 Погон  Напред
 Сопирачки напред
 Вентилиран диск
 Сопирачки назад   Диск
 Гуми   245/45R18
 Багажен простор (l)  470
 Резервоар (l)  71
 Д/Ш/В (mm)  4779/1860/1458
 Меѓусокино растојание (mm)   2815
 Тежина на празно возило (kg)  1550
 Носивост (kg)   2050 
 Максимална брзина (km/h)    204
 Забрзување 0-100 (km/h)
 11.6 sec. 
 Забрзување од место 1 km
 34 sec.
 Потрошувачка (l)  7.9/4.9/6.0
 Емисија СО2 (g/km)  157 
 Цена  29.190 евра


 

 

 

 

Facebook