Get Adobe Flash player
Тест: Fiat 500 1.4 Lounge
26.06.2008
fiat-500-1.jpg500 е најважниот модел во историјата на Fiat. Ова не се однесува само на модерниот 500 по кого лудува современиот свет, туку и на оригиналот од 1957 кој стигна до безмалку 4 милиони купувачи.

Одлуката на Fiat да го оживее миленикот на публиката по цели 33 години не е случајна. Светот сака ретро. Ретро се носи, ретро се вози, докази има насекаде, а највеќе меѓу автомобилите. Современите изведби на ретро автомобили уште повеќе ако дизајнот е скроен како што треба, како што е во случајов, соборуваат од нога и освојуваат на прв поглед.

На прашањето зошто некој би купил Fiat 500 се одговара кратко и јасно. Затоа што е убав! Точка.

fiat-500-2.jpg


 


 


 


 



Секоја полемика завршува тука. Доколку само некој и помисли да става на кантар и да бара одговори расправајќи за „Смисолот на животот” ќе го пресечеме веднаш. Кога се работи за едно вакво згодно парче смисолот на животот е неважен. Убавината на животот е тоа што проаѓа тука.
La Vita e Bella!

Да, животот е убав, посебно кога се наоѓате зад воланот на 500. Малечково дури не веруваме и дека сопствениците ќе го чуваат во гаража. Нему местото му е во дневна соба. Така не само што ќе уживате милувајќи го со поглед, туку и ќе бидете кул.

Да не се разбреме погрешно. Факт е дека со него нема да минете незабележано на улица, но поентата не е во тоа да бидете виден – иако многумина можат да го разберат тоа така. Поентата е вам да ви биде убаво. Да се возите убаво и тоа чувство на исполнетост да биде ваше и само ваше.

fiat-500-3.jpg


 


 


 


 



Малечкиот шармер ги буди сетилата и руши бариери. По него лудува цел свет, јапонците го мерат со скапоцен камен и не е чудно што во светот се чека за испорака.
Fiat 500 нуди стил, индивидуалност, можност за персонализација, можност да бидете уникатни и препознатливи во морето на секојдневното сивило. Комбинирањето на дванаесетте бои на каросеријата од кои шест се исти како кај оригиналот од педесетите, боите и опремата во внатрешноста, налепниците, леснометалните бандажи... му овозможува на секој потенцијален купувач да го добие својот кастом автомобил. Во Fiat биле трудољубиви и пресметале дека со комбинирање, 500 доаѓа во 550.000 различни варијанти.

Расчистивме дека Fiat 500 е убав автомобил кој совршено ги претопува дизајнерските елементи на оригиналот во модерна интерпретација.

Стилот со кој настапува Fiat 500 е беспрекорен, но главниот предмет на  интерес е дали целокупниот пакет, односно содржината оди под рака со стилот. Прашање на кое никогаш не е лесно да се даде одговор и никогаш одговорот не едноставен. Иако во случајот на 500 работите му одат во прилог.

fiat-500-4.jpg


 


 


 


 



Приказната продолжува внатре. Кабината е извонредно скоцкана. Арматурата ја наследува бојата на каросеријата, во случајов бисерно бела. Финишот е одличен. Пред возачот се наоѓаат шик инструменти. Тахото, бројачот на вртежи и
LCD од патниот компјутер се е сместени во еден круг. На средина е радио со CD + МР3, верзијата Lounge го носи и системот Blue&Me развиен во соработка со Microsoft, Bluetooth, вграден микрофон и приклучок USB. Под него е мануелен клима уред, a најздола се истопорува огромната топка од рачката на менувачот чија големина е погодена и вистинско задоволство е да се посега по неа, посебно поради шест степениот менувач со тесно распоредени преносни односи.

fiat-500-5.jpg


 


 


 


 



Простор напред има многу, возачот и совозачот се возат удобно. Проблемот е одзади, но тоа е очекувано во автомобил од 3,5 метри.
Fiat 500 е градски автомобил. Наменет е да биде мангуп на градските улици, а не да го води семејството на одмор. На тоа упатува и багажникот. Сепак, со соборување на потпирачите од задната клупа се отвора доволно простор за багаж на млад пар кои одлучиле да кинисаат кон омилената летна дестинација.

fiat-500-6.jpg


 


 


 


 



Одушевува завршната обработка и вниманието посветено на детали. Во кабината ништо не крцка, нема непријатни звуци дури и кога се минува по улиците полни со ударни дупки нешто што до сега не се сретнуваше во еден мал автомобил. Ова се должи на цврстата каросерија, главен виновник за 5. ѕвезди за безбедност на EuroNCAP. Безбедноста ја дополнуваат 7. воздушни перници кои доаѓаат сериски уште од основното ниво на опрема.

Богатството на опрема е уште еден елемент со што 500 освојува. Изобилството од хром, аудио систем со еден куп додатоци и можности, клима уред, воздушни перници и стаклен кров во Lounge верзијата која беше на тест. Плус ABS, систем за динамичка стабилност VDC со Hill Holder, електрика на стакла и ретровизори со греење, светла за магла, затворена кутија за дребулии до која се доаѓа со подигање на седалото на предното седиште. И сето ова во серија. Актуелниот 500 дополнително беше оплеменет со кожен ентериер, трислојна бисерна боја и налепници со знамето на Италија. И толку.

fiat-500-7.jpg


 


 


 


 



Сепак
, не. Со Fiat 500 не завршуваме тука. Битно е како изгледа малечково и каков впечаток остава, но исто така битно е и како вози.

Под хаубата работи познатиот 1.4 бензинец со 100 КС превземен од Panda 100 HP. Од него неможе да се очекува да го претвори 500 во вистински спортист, 100 КС сепак, се премалку за оваа работа иако го забрзуваат до 100 km/h за 10,5 секунди и остваруваат максимални 182 km/h. Неговата намена е да ви биде забавно додека возите кон посакуваната дестинација. Посебно ако делницата вклучува секција со свијоци каде 500 1.4 се снаоѓа како риба во вода. Плус на располагање е и програмата Sport со која се менува одзивот на моторот на педалот за гас и се врти поживо. Моторот не е единствениот превземен од спортската Panda. Тука е и стегнатото подвозје со за 25% поцврсти пружини и помасивни стабилизатори.

fiat-500-8.jpg


 


 


 


 



1.4 литарецот сака да се врти и ужива, со секое притискање на педалот на гас како да вели
: дај повеќе. Притоа звукот што го испушта од хромираната издувна цевка е оној вистинскиот „фиатовски”, полн, реже и наежува. Не јасно е само како полниот звук што го слушаме од надвор се изгубил внатре. Моторот се слуша и во кабината. Звукот не е изолиран, а во Fiat тврдат дека тоа е направено намерно за да се поткрепи сеќавањето на оригиналниот 500. Проблемот со бучавата не е во нејзинито интензитет, туку во нејзината боја. Внатре се слушаат неодреден длабоки тонови, а денес кога знаеме дека и звукот се дизајнира инженерите на Fiat можеле да се погрижат за овој детал, како што тоа го направиле дизајнерите. Сепак, ова се надминува со добриот аудио систем.

fiat-500-11.jpg


 


 


 


 



Но, сето ова паѓа во втор план кога возите. Одговорот на моторот на педалот за гас задоволува, но автомобилот не скока како што би очекувале од 100 КС и затоа веднаш се појавува љубопитноста и желбата за притискање на копчето
Sport. Тогаш се отвора нов свет. Одговорот е многу побрз, моторот поживо ја прифаќа командата од десното стопало и лесно оди во висок режим на работа. Вака добиениот темперамент совршено му одговара на стегнатото подвозје на 500. Тука се надополнува и управувањето, помогнато од електричното серво реагира доволно брзо принудувајќи го 500 да сврти во саканиот правец, иако не испраќа доволно информации до возачот.

Fiat 500 е исклучително агилен автомобил. Стегнатото подвозје и кусото меѓуоскино растојание дозволуваат да го фрлате во свијоци. Тогаш на видело излегува добрата тракција и покрај 100. коњи на предна оска на олку мал автомобил. Треба вистински да се претера за да се активира VDC кој е одлично поддесен и не го уништува задоволството при возење.

fiat-500-9.jpg


 


 


 


 



Сепак, брз влез во кус свијок иницира подупревување кое лесно се контролира, додека задникот скоро секогаш останува мирен. Мало изненадување знае да приготви доколку се налета на нерамнина. Тогаш поради цврстите пружини и малото меѓуоскино растојание, 500 потскокнува и се изместува од зададената траекторија, но лизгањето е преку сите четири тркала и автомобилот лесно се држи под контрола.

Ваквото однесување не е маана, туку е својство, условено од техничките решенија и откако ќе навикнете станува задоволство. Поради малото навалување на каросеријата, 500 попрво лизга преку сите четири тркала отколку да прејде во подуправување или надуправување. А дококу се почувствува дека сте пребрзи мало одземање на гаста и 500 се смирува. Fiat 500 нуди безбедни возни својства не скратувајќи му го на сопственикот задоволството. Секако за оние што сакаат повеќе тука е верзијата Abarth. Таа во понудата е од јули во Италија и секако по нарачка ќе може да се добие и кај нас.

fiat-500-10.jpg


 


 


 


 



Заклучокот е дека кај
Fiat 500 стилот е поткрепен од содржината. Сигурно многумина е забележат дека не е евтин. Нормално дека не е евтин. Но, никој не се труди да ве убеди во тоа. Fiat 500 не нуди сантиметри лим и трет ред седишта. Неговата намена не е да биде практично превозно средство. За така во Fiat ќе ви ја понудат Panda. Неговата намена е да плени секаде каде што ќе се појави. По него лудуваат подеднакво и момчињата и девојките и младите и старите. Fiat 500 е неповторлив стил, убавина, задоволство. Fiat 500 се купува со срце, се вози со срце и се чува со срце.

 Fiat 500 1.4 Lounge
 Мотор  R4 бензин
 Вентили/брегасти оски  4 на цилиндар/2
 Зафатнина (cm3)  1368
 Моќност kW (KS)/вртежи  73.5(100)/6000
 Вртежен момент Nm/вртежи  131/4250
 Менувач  6-степен мануелен
 Погон  Напред
 Сопирачки  дискови/дискови
 Багажен простор (l)  185/-
 Резервоар (l)  35
 д/ш/в (mm)  3546/1627/1488
 Тежина на празно возило (kg)  1083
 Потрошувачка (l)  8.2/5.2/6.3
 Цена  15.560 евра



 

 

 

Facebook