Get Adobe Flash player
Тест: Fiat Bravo 1.4 Dynamic
20.09.2007
bravo-1Fiat со новото Bravo се враќа на стилски извонредниот модел од средината на деведесетите од минатиот век. А со тоа го заменува прозаичниот Stilo кој за малку ќе ја банкротираше марката.

Пораката што ја испраќа Fiat со името на својата нова надеж е изразување благодарност и почит посебно кон артист кој одушевил со својата изведба или дело. Bravo би требало да биде билет на Fiat за извлекување од кризата и во Торино тоа не го сокриваат.

Но, ова не е единственото значење на зборот. Bravo се однесува и на атентатор или платен убиец. И ова не е избрано случајно. Уште со појавувањето на првиот модел на Bravo, Fiat сакаше да им стави на знаење на своите ривали дека неговиот автомобил, најблаго речено, ќе ги смете и ќе владее на пазарот. Fiat го посакува истото и со новиот модел.

Со својата ниска муцка и кренат задник, Bravo никого не го остава рамнодушен. Во неговиот случај дизјанот направен од Fiat повторно пали. Уште ако е обоен во црвена боја и ги носи оние црни 17 инчни бандажи, кои кога се вртат изгледаат уште подобро отколку кога стојат, не сомнено е дека италијанциве повторно погодиле во центар.

Не постои човек што нема да се сврти по ова парче метал извајно како скулптура и изведено на улица. Љубов на прв поглед и прв коментар: Лудило!

bravo-vnatre-2

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Лудило него што? Стилот во моментов е фактор број еден кај повеќето купувачи, а токму тоа е најсилната страна на Bravo. Сега поткрепена и со доброто чувство за квалитет, посебно во кабината. Мека пластика, прецизни споеви, отсуство на звуци во возење. Прво што паѓа во очи е арматурата преслечена во имитација на карбон, убаво на допир убаво за око. Вака би требало да личи некој супер спортист. Инструменти со графика од минатото, логично распоредени копчиња и убаво чувство при допир.

Воланот е приказна за себе. Не постои човек што нема да посака да го врти што подолго низ раце. Обложен со мека кожа и порабен со црвен конец и со погодено здебелување каде што треба да лежат палците. Дизајнерските детали се префрлени и на рачката од менувачот и рачната сопирачка. Чувството е единствено, како да седите во автомобил од повисока класа. Сето ова е дел од пакетот Sport за кого треба да се доплатат 650 евра.

Но, Fiat не би бил Fiat ако се е погодено. Веднаш под арматурата работите стануваат малку поинкви. Средишната конзола носи тврда пластика, а појасот што ги заокружува, рачката од менувачот и вртливите копчиња од системот за проветрување и клима уредот, стои разлабавен. Можеби ова не е генерална појава туку станува збор за изолиран случај бидејќи ова е тест возило кое минало низ многу раце. Но, сепак, забелешката стои.

bravo-vnatre-1

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Се седи спортски ниско, а погледот лизга преку набабрена хауба што е данок на заштитата за пешаци. Портокаловото осветлување на инструментите треба да го нагласи спортскиот карактер. Дури и погледот од возилото ги следи истите напатствија. Високо подигнати страници и дебели задни носачи кои повеќе скриваат отколку што октриваат. Прегледноста не е посилна страна на Brаvo, но како помош на располагање ви стојат опционалните сензори за паркирање.  

Простор напред има доволно, а и возачката позиција се наоѓа лесно со волан и седишта што се местат во сите правци. Комфорните седишта со одлична странична потпора цврсто го држат телото и во свијоци.  

Истата приказна за жал не се повторува и од зади. Таму е тесно, со ниско поставена задна клупа каде на долг пат нозете лесно се вкочануваат. Тука има место само за деца. Затоа пак багажникот со своите 400 литри е меѓу врвот во класата.

Електричното серво кај Brаvo е доволно прецизно, но не испраќа доволно информации за патот. Со притискање на копчето City воланот станува уште полесен при ниски брзини и разбирлво чувството е уште понеприродно.

Сепак, Bravo е еден послушен автомобил. Носот не бега, а кога ќе влезете поостро во тесен свијок задникот се поместува таман за да ве постави на вистинската линија за излегување од својокот. Се на се без премногу драма зад воланот дури и кога притискате силно врз педалот за гас.

Примерокот што го возевме и покрај спортските додатоци е далеку од еден спортист. Оваа карактеристика не може да му се препише на 1.4 литарецот со 90 КС кој треба да излезе на крај со автомобил тежок 1.205 килограми. За да се извлече малку повеќе моторот треба да се врти, а со шест степениот менуелен менувач да се работи. Тоа воопшто не му пречи, но дури и тогаш не треба да се очекува експлозија од моќ. Во тој случај единствено што одговара на вашите спортски афинитети ќе биде потрошувачката. Кој сака повеќе од 1.4 литарскиот бензинец нека ги почека турбо верзиите со 120 и 150 КС.

Со забрзување до темпо 100 за 12,5 секунди и максимални 178 km/h, Bravo 1.4 е повеќе семеен автомобил за луѓе кои сакаат да бидат шик со разумно оптоварување на домашниот буџет.

Fiat Bravo 1.4 Dynamic
 Мотор  R4 бензин
 Вентили/брегасти оски  4 на цилиндар/1
 Зафатнина (cm3)  1368
 Моќност kW (KS)/вртежи  66 (90)/5500
 Вртежен момент Nm/вртежи  128/4500
 Менувач  6-степен мануелен
 Погон  напред
 Сопирачки  дискови/дискови
 Багажен простор (l)  400/1750
 Резервоар (l)  58
 д/ш/в (mm)  4336/1792/1498
 Тежина на празно возило (kg)  1205
 Потрошувачка (l)  8,7/5,6/6,7
 Цена  15.280 евра

 

 

 

Facebook