Get Adobe Flash player
Тест: Fiat Linea 1.3 Mjet Dynamic
04.10.2007
linea-13-mjet-dynamicНе е тајна дека Linea е уште еден важен модел за Fiat. Италијанскиот производител верува дека на глобален план Linea ќе биде најдобро продаван автомобил покрај Grande Punto.

Во случајот на Linea станува збор за импресии. А во Fiat се потрудиле првата импресија да биде добра. Уште повеќе што станува збор за мал седан чив дизајн понекогаш знае да биде неблагодарен. Тука нема ништо од багажник кој делува како да е закован на сила врз основниот хечбек и кој повеќе му пречи отколку што му годи на автомобилот. Напротив. Linea има елегантни пропорции, низок задник, дополнително странично стакло и заоблено задно стакло. Значи името не е избрано случајно.

Ови две стакла во комбинација ја подобруваат видливоста на назад што е недостаток кај повеќето конкуренти. Всушност Linea и покрај должината од нешто преку 4,5 метри, многу лесно се врти низ град. Дури ниту нашите претесни паркинзи не претставуваат проблем. Маневрирањето е уживање уште повеќе поради двостепеното серво каде во модусот City воланот може да се врти со мал прст.

Изненадувачки, но повеќе внимание треба да посветите за да навикнете до каде досега муцката, место задникот.

Што се случува кога ќе се отворат вратите? Изобилие од простор „данок” на растегнатото меѓуоскино растојание кое во споредба со Grande Punto нараснало за безмалку 10 сантиметри и сега мери 2.603 милиметри. Од ова профитираат патниците напред, но во случајот на Linea повеќе се водело сметка за тие што ќе ја делат задната клупа. Место за нозе има за расфрлање. Единствено натпросечно високите ќе се „пофалат” дека таванот нежно ги гали по глава.

Како дополнување на димензиите во кабината е багажникот кој се перчи со масивни 500 литри. Бункеров благодарение на преклопливата задна клупа може да се растегне до максимални 870 литри. Откако ќе се наполни багажникот, се седнува зад воланот каде ве пречекува окружување познато од Grande Punto. Позната арматура, прекинувачи, волан, рачка од менувач, радио со CD. Иако Fiat сака да ја претстави Linea како автомобил од класа повисоко, сепак, факт е дека станува збор за автомобил поставен на основата на Grande Punto. Од каде е позајмена и моќната моторна понуда. Погодувате станува збор за 1.3 литарскиот турбо дизел Mjet кој преку петстепен мануелен менувач на предните тркала испорачува 90 коњски сили и максимален вртежен момент од 200 Nm при 1.750 вртежи во минута.

Овој вртежен момент знае да биде брутален кога ќе се стисен педалот за гас малку подлабоко. Доколку имате тешка нога задолжително ќе стартувате со пролизгување. Затоа пак престигнувањето завршува дур трепнеш. Забрзува до 100 km/h за 13,8 секунди и постигнува максимални 170 km/h. А на крајот од патувањето ќе се радува и вашиот џеб со просечна потрошувачка од неполни 5 литри.

Додека моторот мами насмевка, менувачот мурти, па можете да замислите каков е ликот на возачот на чие лице се мешаат овие две емоции. Првиот степен е прекус. Моторот брчи, а автомобилот не мрда. Стискајте на гаста колку сакате тоа само ќе ги дразни вашите уши без соодветна реакција што треба да ја почувствувате врз грбот.

Чаре. Тргнете и веднаш префрлање во втора. Дури тука автомобилот зема залет и моторот почнува полесно да дише. Понатаму низ степените нема проблеми иако постојано се наметнува чувството дека шести степен би бил вистиското решение барем за на автопат.

Во Fiat уверуваат дека мааната на менувачот постои кај пробните серии на која и припаѓаше и тестното возило. Забелешката е прифатена од страна на Fiat, а проблемот ќе биде решен софтверски со ремапирање на ECU кај моторот.

Додека возите јасно е дека инженерите за суспензија во Fiat сакале да направат комфорна лимузина. Без сомнеж успеале во тоа. Возењето е одлично посебно на нашиве излокани улици. Суспензијата е олицетворение за гипкост, а надополнета со добра изолација го брка звукот од ударните дупки од увото на патниците и нуди безбедни возни својства.

Сепак, меко поддесеното подвозје значи: Доколку сакате да бидете „Фанџо” зад воланот ќе мора да прифатите дека автомобилот во остро одвозени свијоци ќе лизга преку сите четири тркала. А лесното управување дополнително ќе ве потсети зошто сте го купиле автомобилот. Но, за да не дојде до забуна. Linea носи италијанска крв и со неа свијоците сеуште можат да се совладуваат многу побрзо од очекуваното. Накај Стража ќе ги престигнувате и оние со многу помоќни автомобили. Ваквата реакција треба да се очекува само при претерување.

Уште една работа што одушевува е ниската бучава во кабината. Благодарност до подебелото предно стакло кое го елиминира звукот од ветрот, a кога на ова ќе се додадат и удобните седишта со голема потпора за грбот Linea се претвора во еден комфорен и да потсетиме уште еднаш штедлив крстосувач.

Практична, пространа, комфорна, опремена и со цена од 14.290 евра Linea лесно може да се претвори во урнек.

Fiat Linea 1.3 Multijet Dynamic
 Мотор  R4 дизел
 Вентили/брегасти оски  4 на цилиндар/1
 Зафатнина (cm3)  1248
 Моќност kW (KS)/вртежи  66 (90)/4000
 Вртежен момент Nm/вртежи  200/1750
 Менувач  5-степен мануелен
 Погон  напред
 Сопирачки  дискови/барабан
 Багажен простор (l)  500/870
 Резервоар (l)  45
 д/ш/в (mm)  4560/1730/1490
 Тежина на празно возило (kg)  1185
 Потрошувачка (l)  6,5/4,0/4,9
 Цена  14.290 евра


 

 

 

Facebook