Get Adobe Flash player
Тест: Fiat Punto Evo 1.4 Racing
11.05.2010

Fiat уште со претставувањето на Grande Punto најави менување на филозофијата на градба на мали автомобили и ги постави премисите за новите генерации кои послужија како основа за надминување на кризата.

fiat-punto-evo-vozi-1

Факт е дека со самото појавување Grande Punto според сите карактеристики освен по димензиите се доближи до повисоката компактна класа, а сега неговиот еволутивен наследник со уште позвучно име Punto Evo сака да задре уште подлабоко во класата во која настапува неговиот поголем брат Bravo.

Новото име јасно говори дека се работи за еволуција не револуција и дека Punto Evo е една освежена приказна на зададена тема. Свежината доаѓа однадвор во облик на новиот преден браник, предната маска, задниот браник и новата оптика на предните и на задните светла.

Кај Punto Evo италијанските дизајнери си поиграле со формите следејќи го новиот дизајнерки печат на Fiat со ретро примеси кој стартуваше со Fiat 500. Играта со форми е проследена и внатре со новодизајнирана арматура, инструменти, седишта, материјали, панели на вратите. Нив нема да ги опишуваме тука се фотографиите. Останатиот дел од автомобилот е ист. Не се сменети ниту димензиите. Пардон. Punto Evo нараснал само во должина неколку сантиметри и тоа заради новата форма на браниците.

Просторот во кабината е на ниво на претходниот модел. За класата во која припаѓа место има и напред и назад без забелешки. Багажникот со волумен од 275 литри и правилна форма исто така ги задоволува потребите на класата. Она што боде очи од прво, во позитивен контекст, е квалитетот на употребените материјали во кабината.

fiat-punto-evo-vozi-2

Новата оптика на задните светла и браникот го издаваат Evo. Задната врата е идентична како на претходникот, а спојлерот е дел од сериската опрема

Седиштата се преслечени со нова ткаенина која делува солидно и убаво за око. Истата се користи и за обложување на панелите на вратите заради еднообразност. Арматурата има нов релјеф и во средина е боложена со мек перфориран полиуретан кој на допир личи како да е еколошка кожа. Инструментите имаат нов привлечен дизајн во ретро стил и се убави на поглед. Централната козола добива лак пијано финиш кој продолжува и околу отворите за проветрување. И додека ова личи убаво оздола вртливите копчиња се поставени на евтина платика која отскокнува од вкупниот впечаток и делува грдо. Продолжување на темата пијано финиш, или пак, евентуално финиш на четкан алуминиум би била повкусна варијанта.

Сепак, вкупниот печаток е позитивен и ретко кому Punto Evo не би му се допаднал. Љубовта понатаму ја развива содржината што не се гледа, но се чувствува. Модернизираниот бензинец од 1.4 литри иако не е опремен со системот од најновата генерација Multiair со своите 77 КС (Multiair 105 КС) ги задоволува основните потреби. Не и тркачките аспирации. Убаво повлекува од ниски вртежи и нема потреба да се цеди за да вози пристојно. Лесно оди и во степен повисоко и штеди гориво.

Кому штедливото возење му е предизвик Fiat сериски му го поклонува Blue&Me. Системот ги бележи информациите од начинот на возење и по желба ги пренесува директно на мемориски USB Stick. Потоа со помош на софтвер кој доаѓа со автомобилот информациите се прикажуваат на PC каде сопственикот го следи својот начин на возење и може да увиди каде греши, односно како да стане подобар во заштедата на гориво. Па дури и да ги поднаучи своите домашни откако по проверката ќе му се крене коса на глава бидејќи неговата трпелива заштеда некој упорно ја троши со сласт. Уште поштедливата комбинација е кога моторот е опремен со системот Start&Stop и ги задоволува нормите Euro 5. Кај нас оваа опција не се нуди па така се задоволени само нормите Euro 4.

fiat-punto-evo-vozi-3

Инструменти во ретро дизајн. Вистинско задоволство е да се следи играта на стрелката кај бројачот на вртежи

Моторот нема да ги разочара и сите што сакаат силно да притиска на педалот за гас. Ги следи барањата, сака да се врти и непопушта до граничното подрачје. Тогаш се јавува и изразена буџава која не е пријатна на долги релации. Всушност буџавата си седи таму некаде во подрум до 4.000 врт/мин и одеднаш како со нож пресечена почнува да ја исполнува кабината. На автопат ова значи почитување на ограничувањето. Над тоа мора да се помирите со изразената звучна кулиса.

Тука би спасил шести степен на пренос, но Punto Evo 1.4 има само пет. Менувачот ќе мами насмевки со мекиот од се додека со него се работи полека. Брзо префрлање при остро возење го вади од колосек. Тогаш знае да запне при префрлање од петта во четврта и од трета во втора и веднаш го уништува меракот за бришкање по свијоци косејќи се со исполнувањата на подвозјето.

Тоа во верзијата Racing е постегнато. Нуди поцврсти пружини кои Punto Evo го држат залепен за подлогата, ја креваат границата за брзо минување низ свијок и нудат безбедни возни карактеристики. Притоа однесувањето е безбедно. Задникот останува мирен, но затоа кога ќе се претера носот бега кон надворешниот раб. Ова делумно се должи и на гумите кои со димензии 185/65 R15 се многу високи. Број пошироки и пониски дополнително би ја смириле предницата и би допринеле за поголема прецизност во водењето на автомобилот.

Управувањето не е најпрецизно, но повратната информација од тркалата го поправа впечатокот. Тука се препознава Fiat. Во град на помош доаѓа DualDrive системот познат од порано. Има мал отпор на воланот во град и го зголемува со раст на брзината. Но, зголемувањето на отпорот не е прогресивно тука се одвива во два степени. При повисоки брзини би годело кога отпорот на воланот би бил поголем.

fiat-punto-evo-vozi-4

Арматура со изразени релјефни форми. Отворите за проветрување имаат прстени од имитација на четкан алуминиум, а мекиот полиуретан се протега по цела ширина

Punto Evo несомнено е успешен еволутивен проект со сите свои предности и недостатоци. Свежиот шик дизајн, новите квалитетни материјали, збогатената опрема, употребливоста и соодветната цена привлекуваат широка публика и не е случајност што побарувачката за него е голема. Честото запирање на улица со поставените прашања: „Дечки ова е новото Punto? Може да го разгледам? И колку чини сега ова?” исто така не е случајност.

Основна цена: 12.400 евра

Сериска опрема: ABS + EBD, 4 воздушни перници, клима уред, електрика на предни стакла, електрика на ретровизори со греење, централна брава со далечинско, висинско местење на возачко седиште, серво DualDrive управување, патен компјутер, радио со CD + МР3 со Aux и USB и команди на волан, Blue&Me, светла за магла со функција за осветлување во свијок, леснометални бандажи од 15 инчи.

Дополнителна опрема: метална боја 350 евра, доплата за пет врати 500 евра.

Fiat Punto Evo 1.4 Racing
Мотор Бензин
Распоред на цилиндри Реден
Број на цилиндри 4
Вентили 2 на цилиндар
Брегасти вратила 1 во глава на мотор
Зафатнина (cm3) 1368
Моќност kW (KS)/вртежи 57(77)/6000
Вртежен момент Nm/вртежи 115/3250
Менувач 5-степен мануелен
Погон Напред
Сопирачки напред
Вентилиран диск
Сопирачки назад Барабан
Гуми 185/65 R15
Багажен простор (l) 275 до 1080
Резервоар (l) 45
Д/Ш/В (mm) 4065/1687/1490
Меѓусокино растојание (mm) 2510
Тежина на празно возило (kg) 1040
Носивост (kg) -
Максимална брзина (km/h) 165
Забрзување 0-100 (km/h) 13,2 sec. 
Забрзување од место 1 km
- sec.
Потрошувачка (l) 7.5/5.0/5.9
Емисија СО2 (g/km) 139
Цена на тест возило
13.250 евра

 

 

 

Facebook