Создавањето фамилијарни превозници од докажаните товарни
верзии е честа пракса меѓу производителите на автомобили. Fiat
негува традиција во оваа сфера и товарниот Fiorino го претвори во патнички Qubo.
За разлика од останатите фамилијарни комерцијалисти во
гамата на Fiat кои носат исти имиња, најмалите и најновите, сепак, имаат различни имиња, Fiorino и Qubo. Одговорните во Fiat повеќе не сакаат поистоветување на комерцијалната и патничката верзија. Иако
во основа дизајнот е идентичен, покрај името разликата јасно ја докажуваат и
разиграните дизајнерски детали со кои Qubo привлекува.
Fiat
Qubo весело поздравува со широка насмевка. Црната решетка го
обезбедува потребниот контраст
На прв поглед дури можете и да се прелажете дека можеби
сепак станува збор за малку поразличен автомобил. Подножјето на страничните
стакла, линијата која стрмо се издига кон задниот дел му дава доза на динамика
на инаку коцкестиот облик на комбито. Qubo можеби е единствениот автомобил на светот кого името јасно без двојби го
опишува во целост. Браво за идејата.
Најголемите измени во однос на Fiorino се кабината и багажникот. Сличностите завршуваат кај дизајнот на
арматурата. Вградените материјали се различни и поквалитетни, фиоката пред
совозачот се затвора, се нудат детали како кожен волан и рачка на менувач, висинско
местење и греење на седишта, електрика и греење на ретровизори, патен компјутер
кој дава подетални информации, аудио систем... Кабината и багажникот се
поставени со тепих место со гума, одзади има две лизгачки врати кои го
олеснуваат пристапот до задната клупа.
Споредено со Fiorino,
внатре Qubo
делува како од друг свет. Не треба да чуди. Во Fiat
одлично си ја завршиле работата. Fiorino е наменет за товарање, а Qubo
за патување. Она што е идентично и проблематично е
високото седење кое ги заморува нозете. Местењето на возачкото седиште по
висина малку ја поправа работата, сепак, не чини чуда. Но, високо седење е
единствен начин во кус автомобил да се добие простор по должина.
Профилираното предно крило го нагласува разиграниот
дизајн и личи како да се претопува во браникот
Кубичната форма на Qubo
е основа за многу простор во кабината. Место има во
изобилство,
и по должина, и по ширина, и по висина. Доколку зад волан
седи човек висок 1,90 m зад него удобно патува човек од 1,85
m. Проверено. Заради рамните и високи страници одзади
комфорно патуваат тројца без да гужваат раменици.
Во Qubo посебно уживаат најмалите. Првенствено затоа што разиграниот дизајн и не
случјно избраната светло зелена метална боја мамат насмевка на нивните лица, второ
затоа што за нив одзади има место во изобилсто и трето затоа што со себе можат
да ги земат омилените играчки. Без тато да додева дека токму таа играчка мора
да остане дома бидејќи нема место.
Но, не само тие. Qubo e измислен за протнување низ
градски метеж и тесни паркинзи, идеален е за сите они кои воедно имаат потреба
од комерцијален и фамилијарен превозник, сите оние кои сакаат да патуваат,
имаат хоби кое бара поголем автомобил со поголема носивост, а сепак, сакаат да
бидат шик и да бидат забележани. Со Qubo основните потреби и афирмацијата на идентитетот се загарантирани.
Обложен со кожа и профилиран воланот убаво лежи во рака.
Кожата и командите доаѓаат со доплата. Blue
& Me функционира едноставно. Податоците од патувањето снимете
ги на USB
memory stick и читајте ги од PC.
Внимателното анализирање може да научи да се штеди повеќе
кога се вози
Дизајнот и практичноста се едната страна од медалот
наречен Qubo. Возењето е другата која е подеднакво светла.
Под хаубата работи проверениот трубо дизел 1.3 Mjet кој
кон предните тркала испраќа 75 КС и поважното вртежен момент од 190 Nm
расположиви при 1.750 вртежи. Ако се суди според бројките вистиснкиот удар од
снага треба да се почувствува при ниски вртежи. Во пракса работите стојат малку
поинаку. Доколку сте за штедливо возење и доколку стрелката на бројачот на
вртежи игра околу бројката 2 перформансите се далеку од експлозивни, а ударот
во грб отсуствува нешто што би се очекувало од современ дизел. Моторот дава
доволно џус за да се совладаат стрмните делници но не клоца. Да не заборавиме
се работи за 1.3 литарец.
За подинамично возење моторот треба да се врти. Дури кога
стрелката на бројачот на вртежи ќе ја надмине бројката 3 тогаш моторот
навистина почнува да дише со полни плуќа и е подговен за големи предизвици.
Лесно се справува и со тежината на возилото и товарот, но и со отпорот на
воздух при повисока брзина. Одржувањето на релативно високо темпо на автопат,
малку под максималната брзина не претставува проблем. Плус радува фактот дека
во кабината е тивко дури и кога моторот е во горно работно подрачје. Добро е
придушено и струењето на воздух, а изолирани се и звуците од патот.
Простор за ситници и во задните врати. И тука во Fiat не
се штедело. Отворот е обложен со ткаенина
Ново задоволство Qubo приредува кога се вози низ свијоци. Ако чекате високата коцкеста
каросерија да се навалува премногу следи разочарување. Навалувањето е
минимално, а брзината со која се совладува свијокот ќе изненади многу
автомобили. Qubo
мирно ја следи зададената линија. Тракцијата е одлична.
Во брзо одвозени свијоци задникот
се поместува кон надвор местејќи го Qubo за
излез од свијокот. Тука нема нагли реакци. Подуправување е изразено само во
куси свијоци кога ќе се претера со ентузијазмот. Дури и тогаш топката лесно се
симирува, кусо одземање на гас и Qubo
веднаш го вовлекува носот. Управувањето е прецизно,
тежината на воланот одмерена. Qubo
мами да се вози брзо низ свијоци, ги надминува
очекувањата и е далеку подобар од Fiorino
на ова поле.
Qubo вози постегнато од својот товарен брат. Во Fiat се колнат дека
подвозјето е идентично со Fiorino и дека нема промена во сетапот на суспензијата. Доколку е така тогаш
разликата во возните карактеристики се упатува до поголемите, пошироки и
пониски гуми на Bridgestone поставени на леснометални бандажи. За нив се доплаќа, но сметаме дека инвестицијата се исплатува.
Шик, допадлив, практичен, варијабилен, Qubo освојува.
Успешно го оскрива комерцијално потекло и наметнува нов идентитет. Полн опрема
во нашиот случај се прикажува како комплетен другар при патување, но и во
секојдневието на градскиот метеж. Спремен е да работи, да вози семејството, да
приредува задоволства и мами насмевка на лицето на возачот. Fiat Qubo е еден мал, голем комби.
Основна цена: 13.940 евра
Сериска опрема: ABS+EBD,
4 воздушни перници, клима уред, серво волан со местење по
висина и длабочина, електрика на предни стакла, централна браво со далечинско,
електрика и греење на ретровизори, висинско местење на возачко седиште, патен
компјутер, поделена задна клупа со можност за целосно отстранување, две задни
лизгачки врати, браници во боја на каросерија, светла за магла.
Дополнителна опрема: метална боја 280 евра, леснометални
бандажи од 16 инчи со гуми Bridgestone
Turanza 195/55 R16 400 евра, кожен волан и рачка од менувач 150 евра,
греење на возачко седиште 120 евра, радио со CD + МР3 340 евра, Blue & Me 250 евра, команди на волан 250 евра, мрежа во багажник 30 евра, кровни носачи
150 евра.
| Fiat Qubo 1.3 Mjet Elegant |
| Мотор |
Дизел
|
| Распоред на цилиндри |
Реден |
| Број на цилиндри |
4 |
| Вентили |
4 на цилиндар |
| Брегасти вратила |
2 во глава на мотор
|
| Зафатнина (cm3) |
1248 |
| Моќност kW (KS)/вртежи |
55(75)/4000 |
| Вртежен момент Nm/вртежи |
190/1750
|
| Менувач |
5-степен мануелен
|
| Погон |
Напред
|
Сопирачки напред
|
Вентилиран диск
|
| Сопирачки назад |
Барабан |
| Гуми |
195/55 R16
|
| Багажен простор (l) |
350 до 2.500
|
| Резервоар (l) |
45 |
| Д/Ш/В (mm) |
3864/1716/1721 |
| Меѓусокино растојание (mm) |
2513 |
| Тежина на празно возило (kg) |
1275 |
| Носивост (kg) |
425 |
| Максимална брзина (km/h) |
157 |
| Забрзување 0-100 (km/h)
|
- sec.
|
Забрзување од место 1 km
|
- sec.
|
| Потрошувачка (l) |
5.7/3.8/4.5 |
| Емисија СО2 (g/km) |
119 |
Цена на тест возило
|
15.910 евра |
|