Get Adobe Flash player
Тест: Honda CR-V 2.0 Executive
08.12.2008
honda-cr-v-2.0-exe-1.jpgИако на пазарот е веќе две години легендарниот SUV на Honda, CR-V како да минува незабележано, привлекувајќи ги најчесто вљубениците во марката. Но, ....

Работите се менуваат, па така за CR-V се одлучуваат оние што знаат да препознаат квалитетен производ скроен од инженерите на една од технолошки најнапредните автомобилски марки. Воедно сакаат да се разликуваат и да отскокнуваат. Едноставно да бидат посебни.

Honda со последната генерација на CR-V како да цели токму кон нив. Со својот облик, но и со димензиите CR-V отскокнува од конкурентите. Оптичката лага лежи во заоблените линии на горниот дел од каросеријата која повеќе го претставува CR-V како голем караван отколку како SUV. Всушност каросеријата како да е споена од два дела, а пресекот е во појасот. Заоблен и мазен горен дел е насаден врз тело од масивни браници и прагови обвиткани со црна заштитна пластика и испакнати арки над тркалата. Дел од причината зошто телото на CR-V личи дека е од два дела лежи и во предницата каде маската се слева од хаубата како јазиче кое нагло е пресечено и со пластична решетка одвоено од браникот.

honda-cr-v-2.0-exe-7.jpg


 


 


 


 


Печатот на теренец CR-V го добива преку масивните облоги од црна пластика која го штити подвозјето и лакот. Хром на предната маска, рачките на вратите и хромираните лајсни околу стаклата откриваат ексклузивност

Токму предницата буди измешани чувства и не е јасно дали е чудна, грда или можеби привлечна. Или пак, можеби се одеднаш. За вкусовите не вреди да се расправа, но личи како дизајнерите да снемале сили токму кога требале да дадат најмногу и да се доискажат. Без оглед на се носот на CR-V е препознатлив и го прави значително поразличен од конкуренцијата.

Honda вели дека CR-V на нишан ги држи комби верзиите на седаните од средната класа не сличните SUV модели. Оттука и комплетно новата стратегија во создавањето на актуелниот модел. CR-V лежи релативно ниско, примарниот погон е напред – задните тркала помагаат само кога ќе се јави потреба, а неговата основна намена е удобно совладување на километрите на пат, не надвор од него.

honda-cr-v-2.0-exe-5.jpg


 


 


 


 


Пластична полица го дели големиот багажник. Практично кога треба да се одвои товарот. Полицата е цврста и може да издржи товар тежок до 10 kg.

Сместувањето зад волан не бара алпинистички вештини, сепак, се седи малку повисоко, доволно за чист преглед на патот. Возачката позиција се наоѓа лесно и е одлична. Високо поставената рачка од менувачот ја олеснува работата на десната рака. Седиштата се цврсти и комфорни. Грбот нема да почувствува замор дури и ако се заборавите од возење. Простор во кабината има во изобилство. Подот е рамен и дополнително ја нагласува пространоста. Дури и кога напред седат натпросечно високи луѓе патниците одзади сеуште можат да ги прекрстат нозете. Задната клупа лизга по должина, потпирачите го менуваат аголот, а доколку затреба преклопувањето е лесно и отвора голем товарен простор.

honda-cr-v-2.0-exe-4.jpg


 


 


 


 



Просторот меѓу предните седишта го окупира практична кутија која собира многу ситни потребштини, ги чува пијалоците и ја сместува рачната сопирачка. Обликот на рачката бара навикнување.


Квалитетот се препознава во секој квадратен сантиметар од внатрешноста на
CR-V. Прецизни споеви, квалитетни материјали, пластика убава за око и на допир и обработка каква што само може да се очекува од Honda. Замерките одат до бледиот дизајн. Тука нема ништо впечатливо. Вината лежи во потребата да се задоволи вкусот на американските купувачи. Сепак, се функционира беспрекорно.

Под хаубата преде познатиот 2.0 литарски атмосферски бензинец
i-VTEC со 150 коњски сили кој примарно преку шест степен мануелен менувач снагата ја испорачува на предни тркала се додека се е во ред со тракцијата. Кога тие ќе почнат да пролизгуваат задните тркала ведаш минуваат во акција стабилизарајќи го возилото со подобрување на тракцијата.

Моторот добива чиста петка. Работи мирно, спремно одговара на педалот за гас без оглед на режимот на работа и постојано ја нагласува жедта за вртежи. Тука се препознава инженерингот на Honda. Колку повисоки вртежи толку подобро. Вистинскиот полет се чувствува дури кога стрелката на бројачот за вртежи ќе се сврти преку 4.500 врт/мин. Ова го потврдува максималниот вртежен момент од 192 Nm кои се остваруваат при високи 4.200 врт/мин.

honda-cr-v-2.0-exe-2.jpg


 


 


 


 



Воланот и рaчката од менувачот се типични за Honda. Практично пакување без екстраваганција толку посакувана од Honda. Идеална возачка позиција, се е на дофат и се функционира беспрекорно.

Но, ова повеќе би одговарало за автомобил со спортка нота, отколку за
SUV каков што се стреми да биде CR-V. За да се вози динамично педалот за гас мора да се притиска посилно и постојано мора да се работи со менувачот. Што само по себе претставува задоволство, бидејќи прецизноста и кусиот од дури и при брзо префрлање функционираат беспрекорно и мамат. На високите вртежи им се радува и увото, моторот има полн звук кој преку 6.000 врт/мин се претвора во метално крешендо кое наежува. Чисто задоволство.

Задоволство што нема да го цени џебот на сопственикот. Динамичното возење драстично ја зголемува потрошувачката која не оди на рака со практичната намена на CR-V. Тогаш која е потребата еден SUV да се вози динамично. Прво не оди со карактерот на возилото, а второ со есапот за бензин.

Доколку само малку се опушти десното стапало и се подразмисли за карактерот на CR-V тогаш се отвора сосем нова димензија. CR-V се претвора во совршен партнер за долги опуштени патувања каде бркањето на брзински просек нема поента.

honda-cr-v-2.0-exe-6.jpg


 


 


 


 



VSA - Vehicle Stability Assist: кратенка на Honda за електронска контрола на стабилност. По потреба се исклучува, пресудно за возење на чакал и лизгав терен. Американизирани команди за ретровизорите.

На нагорнина и под оптоварување моторот се мачи. Дури кога менувачот ќе се префрли во степен пониско и стрелката на бројачот за вртежи ќе заигра над бројката 4, тогаш почнува да се случува нешто, но ова ниту од далеку не е експлозија на сила што би се добила на пример од извонредниот турбо дизел на
Honda 2.2 i-CDTi.

Најдоброто што може да го понуди CR-V е опуштено возење. Тогаш се чувствува како безшумно лизга по асфалтот, а патниците уживаат во патувањето. Патем и сметката за бензин е значително пониска и во просек се движи до 20% над рамките наведени од производителот.

Не треба да се очекуваат чуда надвор од пат. Малиот клиренс дозволува возење по чакал колку да се стигне до омиленото излетничко место. Теренските предизвици треба веднаш да се исфрлат од глава. Подвозјето одлично ги впива нерамнините. Минувањето преку удрани дупки не се чувствува, ниту се слуша. Одлично се изолирани и воланот и менувачот. Вибрациите отсуствуваат дури и кога се вози надвор од асфалт. Ова од една страна е добро. Од друга страна отсуството од повратни информации како да го дигитализира воланот и возачот незнае што се случува со предните тркала.

honda-cr-v-2.0-exe-3.jpg


 


 


 


 



Спортското наследство на Honda го издаваат инструментите: бројачот на вртежи стои лево. Патен компјутер со детални информации за патувањето. Непрактично: копчето за пребарување по менијата е на таблата со инструменти и се досега кога раката ќе се протне низ волан

Секако овие карактеристики на управувањето заедно со меката суспензија не им одат во прилог на возачите што сакаат остро да влегуваат во свијоци. Тогаш носот потонува и
CR-V лизга преку предните тркала со изразено подуправување. Тука дел од вината носат и гумите со висок профил. Кај еден SUV и не би било практично ако е поинаку. Доколку се притисне сопирачката тогаш се јавува реакција при промена на оптоварување и задникот минува во благо надуправување кое лесно се контролира. Кусото одземање гас и тешкиот SUV се враќа на зададената линија.

Јасно е дека поради високата каросерија и тежината од преку 1.7 тони полн, CR-V не е автомобил кој може да се форсира на змијулест пат со нагли менувања на правецот. Но, и бездруго тоа не е неговата основна намена. Сепак, не значи дека со CR-V неможе брзо да се напредува по свијоци. Тој не сака нагли менувања на правецот. Доколку возачот го води флуидно тогаш работите се менуваат и CR-V може да приреди позитивно изненадување.

Во секој случај CR-V победува кога е потребен брз и удобен превоз на патници и нивниот багаж. Заминувањето на викенд, годишен одмор или скијање, CR-V ќе го претвори во релаксирачка авантура. Него ќе го обожуваат и децата и возрасните. Посебно ако се земе предвид дека со својата појава игра на карта на подигнување на имиџот на својот сопственик.

CR-V е избалансиран автомобил со безбедни возни својства при чие создавање во Honda се откажале од перформансите и се определиле за практичност и комфор. Нуди многу простор, богатство од опрема (на Executive му недостасува стаклен кров и кожа на седишта), висок квалитет на обработка и имиџ кои ја оправдуваат цената.

Основна цена: 30.990 евра

Сериска опрема: ABS + EBD,  електронска контрола на стабилност VSA со можност за исклучување на терен, 6 воздушни перници, автоматски двозонски клима уред, централна брава со далечинско, радио со CD + МР3, светла за магла, темпомат, електрика на стакла, електрика на ретровизори со греење и склопување, кожа на волан + рачка од менувач, леснометални банадажи со дијаметар од 17 инчи и гуми 225/65.

 Honda CR-V 2.0 Executive
 Мотор  Бензин
 Распоред на цилиндри   Реден
 Број на цилиндри   4
 Вентили  4 на цилиндар
 Брегасти вратила   2 во глава на мотор
 Зафатнина (cm3)  1997
 Моќност kW (KS)/вртежи  110(150)/6200
 Вртежен момент Nm/вртежи  192/4200
 Менувач  6-степен мануелен
 Погон  На четири тркала
 Сопирачки напред
 Вентилиран диск
 Сопирачки назад   Диск
 Гуми   225/65R17
 Багажен простор (l)  524 до 1532
 Резервоар (l)  58
 Д/Ш/В (mm)  4525/1820/1675
 Меѓусокино растојание (mm)   2630
 Тежина на празно возило (kg)  1569
 Носивост (kg)    481
 Максимална брзина (km/h)    190
 Забрзување 0-100 (km/h)
 10.2 sec. 
 Забрзување од место 1 km
 -
 Потрошувачка (l)  10.4/6.7/8.1
 Емисија СО2 (g/km)  192 
 Цена  30.990 евра

 

 

 

Facebook