Get Adobe Flash player
Тест: Mitsubishi ASX 4WD 1.8 DI-D Invite+
06.09.2010

Mitsubishi уште при претставувањето најави дека очекува многу од ASX. Иако изјавите од ваков тип секогаш се земаат со резерва во случајот на ASX се потврдува дека тие не се залудни.

mitsubishi-asx-test-2010-1

Потврдата за успешно завршената работа на развојните инженери и дизајнери на Mitsubishi пристигнува во возило кое заедно со Lancer и неговиот Sportback треба да го понесе главниот товар на продажбата на марката. Прво честитки до дизајнерите. Тие успеале ликот Jet Fighter да го прилагодат кон новото време. Ги ублажиле острите линии без да го нарушат препознатливот агресивен настап. Така ASX личи луто, но сепак со одредена мекост во ликот.

Токму заради заоблените линии маската Jet Fighter делува понагласено и одлично се надополнува со грпката на веќе впечатливо профилираната хауба. Јасен печат на мускулестиот дизај ставаат и набабрените крила, профилираните страници и кусиот задник на кого доминираат лутите задните светла и петата врата со вкомпониран спојлер.

Препознатливот дизајн со нов печат продолжува и во кабината. Инструментите се исти како во поголемиот Outlander со новиот централен дисплеј во боја на кого се отчитуваат сите потребни податоци вклучувајќи го и индикаторот за навремено менување на степените. Меѓутоа арматурата иако ја носи основата од дизајнот во Lancer, Sportback и Outlander нуди одредена свежина. Површините се заоблени, а монотонијата ја растура прекршувањето во горниот дел. Арматурата делува помасивно посебно со испакнатата централен конзола кој се слева во централниот гребен и со него како да сочинува едно парче.

Сликата ја пополнуваат новодизајнираните панели на вратите и материјалот на седиштата со нов дезен. Квалитетот на изработка и употребените материјали оставаат силен впечаток при првиот контакт со кабината. Тука ASX предничи во однос на Lancer, па дури и во однос на Outlander иако нема елементи од кожа. Автомобилот што го имавме на тест дополнително беше опремен со нова топка на менувачот која ја земенува сериската од кожа и рачна сопирачка излиена во солидно парче алуминиум и надополнета со кожа, замена за сериската пластика. Овие два детали заедно со рамките на звучниците, вметоците во централната конзола и централниот гребен го потполниваат пелеменитиот изглед на кабината на ASX.

mitsubishi-asx-test-2010-2

Впечатлив задник со изразено профилирана задна врата во која е интегриран спојлер под стаклото. Имитацијата на дифузор е дел од пакетот за персонализација. Поставен е ниско и лесно може да настрада. Иако со него задникот на ASX личи поспортски, не се препорачува за на терен

Покрај убавото визуелно доживување патниците во ASX уживаат и во комфор. За простор напред не треба да се трошат зборови. Со возачко седиште кое се мести по висина и волан кој се мести по висина и длабочина возачката позиција се наоѓа лесно. Одзади клупата е поставена релативно високо. На тој начин се обезбедува убаво налегнување на долниот дел од бутината на седечката површина па така и по долги тури нозете на патниците одзади нема да почувствуваат замор. Воедно поголемата висина обезбедува добар поглед на патот, а потпирачот со можност за менување на аголот во две положби дополнително допринесува за удобност.

Место назад има и по ширина. Високата кабина обезбедува доволно волумен и воздух во каросерија со должина од неполни 4,3 m што е на ниво на компактен автомобил. Сепак, внатре останало доволно простор и за пристоен багажник со правилен облик и волумен од 442 l во кого собира многу. Кому и тоа му е малку може да го собори потпирачот од задната клупа кој формира рамен под и го зголемува волумен до максимални 1.219 литри. Низ кабината има доволно прегради за сместување дребулии. Отворите во вратите имаат место за шише, фиоката пред совозачот по потреба се разладува, а касетата под потпирачот за раце делува како бункер.

Mitsubishi го поставува ASX на платформата на Outlander и од старт ги решава возните карактеристики и погонот. Тука нема грешка. Безмалку она што важи за Outlander важи и за ASX, но со малку поизразен тален за совладување свијоци. Полесниот автомобил со покуси превиси и исто меѓуоскино растојание уште посупешно излегува на крај со амбициозните желби на возачот.

Секако за бркање во свијоци не се препорачува поставување на вртливото копче во 2WD. Тогаш ASX бега преку нос и јавува проблеми со тракција уште повеќе и заради гумите чија намена е да штедат гориво. Меѓутоа кога ќе се одбере опцијата 4WD работите добиваат нова димензија. Дури и со All-season гумите на Yokohama, ASX покажува дека влече корени од светот на релито. Навалувањето на каросеријата не е изразено без оглед на висината. ASX цврсто го зграпчува асфалтот и при претерување изразува желба за контролирано надуправување. Бегањето преку сите четири тркала пред да мине во надуправување, карактеристика на Outlander, кај ASX e помалку изразено.

mitsubishi-asx-test-2010-3

Длабока фиока пред совозачот со разладување. Во неа собира документи, но и шише од 1.5 l. Ставени заедно веројатно е документите да се намократ. Решението со одделна фиока како кај Outlander е попрактично, а место има

Покрај изблансираното подвозје втор елемент од техниката кој мами насмевки кај ASX е моторот. Вистински бисер конструиран во Mitsubishi. Се работи за новиот 1.8 литарски турбо дизел со варијабилно управување на всисните и издувните вентили MIVEC. Технологијата која што до сега Mitsubishi ja користеше за бензинците конечно ја примени и кај новата генерација дизели. Моторот е олицетворение на рафинираност. Течно ја развива снагата низ целтото работно подрачје без нагли напливи на моќ. Повлекува силно од ниски вртежи и ја задржува снагата дури и кога стрелаката од бројачот на вртежи длабоко ќе завлезе во црвеното поле кое почнува од 4.500 врт/мин.

Дијаграмот на развој на вртежниот момент кој вели дека максималната вредност од 300 Nm стои на располагање меѓу 2.000 и 3.000 врт/мин го потврдува наведеното. Максималната снага што ја испорачува овој 1.8 литарец е заокружена на 150 КС. Тие доаѓаат при 4.000 врт/мин, но моторот не сопира тука. Моќно влече се додека електроника не почне да потсетува дека се претерува со вртежите, а тоа е некаде околу 4.800 врт/мин. Големо задоволство при возењето причинува и привлечниот звук на турбината. Нејзиниот свиреж фиуу, фиуу... ги милува ушите и заедно со секое отворање на оддушниот вентил на турбото wastegate со јасно чуфф, мамат да се притиска педалот за гас.

Без оглед колку е тешко десното стопало на возачот 1.8 литарскиот DI-D се покажува како исклучителен штедливец. А доколку се внимава и се следат упатствата од индикаторот на патниот компјутер за менување на степените може да се мине и со просек од 4,3 l/100 km. Но, не веруваме дека некој би се откажал од задоволствата што ги нуди моторот само за патниот компјутер да покаже литар или два пониска потрошувачка.

Звуците кои ги милуваат ушите и возбудуваат сепак се доволно тивки за да не го нарушат комфорот. Рафинираниот мотор и добрата изолација условуваат во ASX да се патува во тишина. Дури и кога моторот се врти при крајни вртежи и брзината е висока во кабината владее тишина. Секако во Mitsubishi се погрижиле доволно изолација да постават и во подот за да ја елиминираат бучавата од патот, а постигнале и оптимална аеродинамика за елиминирање на звукот од воздухот.

mitsubishi-asx-test-2010-4

Десно од возачот на дофат на рака се прекинувачите за исклучување на контролата на тракција, системот AS&G и сензорите за паркирање. Опција практична на терен. Тука е и копчето за пребарување по менијата на патниот компјутер

Шест степениот менувач е одлично вкомпониран со моторот. Преносните односи се добро одмерени со долг шести степен на пренос кој допринесува за ниска бучава и мала потрошувачка при совладување на големи дистанци со висок брзински просек. И додека шестиот степен е долг инженерите одлучиле на првиот степен да му поклонат покус преносен однос. Идејата била ASX полесно да ги совладува предизвиците на терен со цел да се исполнат барањата што се поставуваат пред еден кросовер, односно пред едно повеќенаменско возило.

Меѓутоа не успеале потполно во намерата. Го скусиле преносниот однос на првиот степен, но не доволно. На чакал при тргнување на стрмнина механиката нема доволно снага да се избори со предизвикот. Заклучен диференцијал, вклучена или исклучена контрола на тракција, моторот бара одговарачко ниво на вртежи за да повлече, преносот не задоволува и ASX мора де се држи на спојка за да извлече. Со залет проблемот го нема, но квалитетот на подлогата не секогаш дозволува стрмината да се совладува со залет.

Вториот проблем е релативно ниската поставеност во однос на подлогата. Клиренсот мери 170 mm што е навистина малку за еден кросовер. Па дури и Outlander е за десетина милиметри повисок. Ниско поставената каросерија бара внимавање на терен дури и таму каде што очекувате дека ASX би минал без пробелм. Препорака е да се застане, да се излезе од возилото и да се извиди ситуацијата пред да се продолжи со авантурата.

Возењето по чакал претставува вистинско задоволство. Суспензијата покажува изразена „гипкост”. И додека на асфалт буквално го лепи автомобилот за подлогата и не дозволува навалување, на терен одлично ги впива нерамнините и не пренесува вибрации во кабината и на волан. Дополнително задоволство причинува управувањето кое е прецизно и при високи брзини доволно го скрутува воланот за подобро чувство за тоа што се случува со тркалата. Отсуството на помош кај управувањето при повисоки брзини се должи на пакетот ClearTec со системот AS&G кого подетално го опишавме при домашната премиера на ASX.

mitsubishi-asx-test-2010-5

Најголема пречка при совладување на непристапен терен е малиот клиренс

Можеби не е совршен и изразува одредени слабости, но ASX се наметнува како најкомплетен повеќенаманески модел во понудата на Mitsubishi. Со одлични возни карактеристики, бисер од мотор, просторна кабина, функционален багажник, одлична завршна обработка и изолација, квалитетни матерјали, високо ниво на комфор и опременост и не толку изразени теренски карактеристики. ASX е вистински кросовер наменет за активни луѓе, сами или со семејство, кои негуваат спортски стил и за кои и лошите временски услови и тешко пристапната дестинација не се причина да не се киниса на пат и да се стигне на одредиштето.

Основна цена: 22.980 евра

Сериска опрема: ABS + EBD + BAS, ASC, TCS, AS&G, Hill Assist, Follow Me Home предни светла, 7 воздушни перници, автоматски клима уред, радио со CD со 6 звучници + Aux + USB, електрика на стакла, електрика на ретровизори со греење, централна брава со далечинско, патен компјутер, темпомат, кожен волан и рачка од менувач, хромирани детали во кабина, предна маска и издув, светла за магла, леснометални бандажи од 16 инчи, сензори за дожд, сензори за светла и паркинг сензори.

Дополнителна опрема: топка на рачката од менувачот, рачна сопирачка од алуминиум и кожа, пластичен додаток на задниот браник во облик на дифузор и пластичен додаток под предниот браник во сива боја. Дополнителната опрема кај ASX е дел од програмата на Mitsubishi за персонализација и сите елементи се нарачуваат посебно по купувањето на возилото.

Mitsubishi ASX 4WD 1.8 DI-D Invite+ 
Мотор Дизел
Распоред на цилиндри Реден
Број на цилиндри 4
Вентили 4 на цилиндар
Брегасти вратила 2 во глава на мотор
Зафатнина (cm3) 1798
Моќност kW (KS)/вртежи 110(150)/4000
Вртежен момент Nm/вртежи 300/2000-3000
Менувач 6-степен мануелен
Погон На четири тркала
Сопирачки напред
Вентилиран диск
Сопирачки назад Диск
Гуми 215/65 R16
Багажен простор (l) 442 до 1219
Резервоар (l) 60
Д/Ш/В (mm) 4295/1770/1615
Меѓусокино растојание (mm) 2670
Тежина на празно возило (kg) 1460
Носивост (kg) 600
Максимална брзина (km/h) 198
Забрзување 0-100 (km/h) 10.0 sec. 
Забрзување од место 1 km
- sec.
Потрошувачка (l) 6.9/5.0/5.7
Емисија СО2 (g/km) 150
Цена на тест возило
22.980 евра

 

 

 

Facebook