Get Adobe Flash player

Тест: Mitsubishi Lancer Sportback 1.5 Invite
25.02.2010

Со нетрпение очекувавме од Mitsubishi да го испрати Lancer Sportback на македонскиот пазар и откако пристигна со уште поголемо нетрпение чекавме да седнеме зад волан.

lancer-sportback-vozi-1

Зошто толкаво нетрпение? Затоа што Lancer Sportback направи вистински бум од појавувањето на европскиот пазар на почетокот од минатата година и од главна тема на денот во салоните на Mitsubishi го симна својот постар брат Lancer Sedan.

Ставањето на акцентот на спорт при дизајнирањето на петвратниот хечбек, или ако некој милува лифтбек, заради големата накосеност на петата врата, со впечатлива и агресивна муцка која во профил потсетува на ајкула и маската Jet Fighter, Lancer Sportback освојува од прва. И уште кога ќе се слушне неговата цена и нивото на опрема која доаѓа сериски тогаш влегува во списокот на бестселери. Нешта што купувачите посебно во овие кризни времиња знаат да ги ценат.

Lancer Sportback несомнено е допадлив автомобил. Споредбата со авион ловец во текот на маркетинг кампањата пред да се појави на пазарот води корени од решенијата превземени од авионската индустрија и применити во дизајнот на Lancer Sportback. Формата на каросеријата во стил на купе е дел од предизвикот да се создаде автомобил со низок отпор на воздух и елегантни линии, а притоа да не се наруши волуменот на багажникот и практичноста. Извлечените задни крила кои остро преминуват во задни светла и врата на багажникот всушност се аеродинамички трик за да се намали вртложењето на воздухот во задниот дел на автомобилот. За разбивање на вртлозите и да се зголеми потисокот врз подлогата служи и внимателно изведениот заден спојлер. Некому ова парче дизајнирана и обоена пластика која штрчи можеби и нема да му се допадне, но во нејзиниот случај формата ја следи функцијата. Голема улога во залепувањето на автомобилот кон асфалтот има и спојлерот на предниот браник кој наликува на брада.

lancer-sportback-vozi-2

Oстриот раб околу задниот дел на автомобилот го разбива вртложењето на воздухот и ја подобрува аеродинамиката

Но, доста теорија. Да видиме како сето ова функционира. Mitsubishi тврди дека Lancer Sportback има одлична аеродинамика во ред. Доколку се откачи бучниот моторт при возење со притискање на спојката, дури и со максимална брзина Бучавата престанува. Lancer Sportback лизга низ воздухот, непријатни звуци не допираат ниту од големите ретровизори, ниту од тркалата. Патем на нив беа поставени зимски гуми. Внатре е тивко и ќе се разберете со шепот. Муабетот околу авионската аеродинамика функционира.

Дефинитивно пријатно е да се престстојува во кабината на Lancer Sportback се додека на сцена не настапи моторот, но за него подоцна. Свртувањето кон авиоиндустријата за Mitsubishi има подолги корени и подеднакво се однесува на креирањето на возачкото окружување. Целта е управувањето со сите системи да биде едноставно за да се минимизираат операционалните грешки и целиот фокус на возачот да биде насочен кон возењето, а не дали е кое копче да го притиснам.

Минималистичкиот дизајн на арматурата и централната конзола го докажуваат овој стремеж. Се е на дофат на рака, секое копче има една, евентуално две лесно препознатливи и раздвоени функции. Минимализмот на Mitsubishi ни се допаѓа. Сепак, не е се толку ергономично колку што во Mitsubishi сакаат да го претстават. Што бара копчето со кое се регулира интензитетот на осветлувањето на инструментите да биде „збрцано” во обрачот на бројачот на вртежи, па да протнувате рака низ волан за да дојдете до него. Или, копчето за сурфање низ менијата на патниот компјутер десно од брзиномерот. Зарем неможело да се постави на подостапно место? Уверувањето дека тоа е направено така за возачот да не си игра додека вози и да се фокусира на возењето не држи вода. Плус воланот се мести само по висина.

lancer-sportback-vozi-4

Вртливото копче за поддесување на интензитетот на осветлувањето на инструментите е поставено на лошо место. Потребни се акробации да се стигне до него

Голема предност на Lancer Sportback во однос на Lancer Sedan е варијабилноста добиена од петата врата и можноста за преклопување на задната клупа. Тука Mitsubishi применува паметна конструкција autofolding. Едноставно повлекување на рачката (лево или десно) е доволно за целосно преклопување на секција од поделената задна клупа. Дводелниот под формира рамна површина со преклопената задна клупа и по потреба го менува волуменот на багажникот од 288 на 344 литри. Lancer Sportback не е мал автомобил токму затоа неможе да се најде замерка на просторот во кабината и напред и назад. Место има и за колената и за рамениците. Можеби натпросечно високите ќе се пожалат дека одзади удираат со глава во кров.

Евидентно е вниманието посветено на изработка на секој детал. Пластиката е квалитетна и секое парче е одлично прицврстено. Заради подигнувањето на чувството на квалитет во Mitsubishi покрај воланот и рачката од менувачот, со кожа ја обложиле и рачката од рачната сопирачка. Детал што малку чини, но многу значи. Арматурата делува солидно, а пластиката би можела да биде мека како кај европските конкуренти. Но, тогаш најверојатно и цената би отишла угоре, а тоа  Mitsubishi не го сака. Се заштедило и на осветлувањето кај копчињата за управување со електриката на стаклата и ретровизорите. Дење се е в ред, но ноќе треба да се пребарува на слепо и често се случува да се отвори погрешен прозор.

Кога сме кај штедењето на Mitsubishi голема замерка оди до изолациските материјали кои го спречуваат продорот на бучавата од моторот во кабината. Се е во ред до околу 3.000 врт/мин. Моторот преде и вистинско задоволство е да се престојува во кабината на Lancer Sportback. Од 3.000 до околу 3.500 врт/мин бучавата полека продира но сеуште е подносливо. Меѓу 3.500 и 4.000 врт/мин звучната кулиса веќе почнува да пречи, а над 4.000 врт/мин иритира. Не е пријатно кога се патува на долги патеки.

lancer-sportback-vozi-3

Лута предница е олицетворениe на спортскиот карактер на Mitsubishi

Моторот со неговите 109 КС од 1.5 литри зафатнина се одлична мерка за сите што Lancer Sportback ќе го користат како семеен превозник. Иако вртежниот момент својот максимум го остварува на 4.000 врт/мин повлекува пристојно од ниски вртежи, но не треба да се очекуваат чуда. Мирното десно стопало наградува со релативно пристојна потрошувачка. Сепак без грижа дури и тогаш не сте последни на семафор, ниту на пат. Доколку некој сака потпирачот од седиштето да притиска врз грбот треба да го сврти моторот. Вистинската снага доаѓа кога стрелката од тахото ќе заигра над бројот 5. Тогаш и звукот се менува и мами од Lancer Sportback да се извлече сето она што му служи како основа на спортската и рели икона Evo X.

Заради релативно малата снага и вртежен момент Lancer Sportback има добра тракција. Одлично избалансираното подвозје очигледно е димензионирано да се носи со многу повеќе понија. Дури и системот за контрола на тракцијата ретко чувствува потреба да интервенира. Оние што не сакаат електрониката да им го попречува уживањето со едноставно притискање и задржување од неколку секунди на копчето ASC OFF можат да и кажат збогум и да уживаат во квалитетите на шасијата.

Тешко е Lancer Sportback да се исфрли од ритам. Подеднакво му годат и спори куси и долги брзи свијоци. Неутралното однесување мами во секој следен свијок да се биде побрз. Предните тркала не попуштаат и треба навистина да се претера во кус свијок за Lancer Sportback да мине во подуправување. Задната оска е залепена за подлогата, но не е инертна. Одлично соработува со предната и секогаш го мести автомобилот на вистинската линија за напуштање на свијокот. Тоа го прави толку добро што нема потреба од корекции со волан. Дури и кога се очекува задникот да мине во надуправување се случува само контролирано поместување. Тука нема изненадување и бесно ритнување. Однесувањето е предвиливо и лесно се става под контрола и повикува да се вози уште подинамично.

Управувањето е прецизно и испраќа доволно повратни информации за сето она што се случува со предните тркала надополнувајќи ја суспензијата. Сервото не е ревносно, воланот има доволно отпор иако би посакале тој да е поголем посебно при повисоки брзини. Менувачот е бучен префрла со јасно клак и има тврдо одреден одови. Иако не е пример за прецизност не запнува при брзо префрлање.

lancer-sportback-vozi-5

Командите од радиото се на воланот обложен со кожа кого го красат препознатливите три дијаманти на Mitsubishi

Доколку се тргне настрана бучавата на моторот Lancer Sportback е еден добро опремен, функционален, комфорен и практичен пакет со добра цена. Ако некој автомобил максимално го исполнува соодносот вложено добиено тоа сигурно е Lancer Sportback.

Основна цена: 13.980 евра.

Сериска опрема: ABS + EBD, BAS, ASC + TCS, 7 воздушни перници, автоматски клима уред со моќност за ладење на фиоката пред совозачот, електрика на стакла, електрика на ретровизори со греење, сензор за дожд, сензор за светла, централна брава со далечинско, радио со CD + MP3 и 6 звуници со контрола на волан, кожен волан рачка од менувач и рачна сопирачка, патен компјутер, светла за магла, леснометални бандажи од 16 инчи со гуми 205/60, ретровизори и кваки во боја на каросерија, никлувани лајсни околу страничните стакла и предната маска.

Дополнителна опрема: метална боја 300 евра.

Mitsubishi Lancer Sportback 1.5 Invite
Мотор Бензин
Распоред на цилиндри Реден
Број на цилиндри 4
Вентили 4 на цилиндар
Брегасти вратила 2 во глава на мотор
Зафатнина (cm3) 1499
Моќност kW (KS)/вртежи 80(109)/6000
Вртежен момент Nm/вртежи 143/4000
Менувач 5-степен мануелен
Погон Напред
Сопирачки напред
Вентилиран диск
Сопирачки назад Диск
Гуми 205/60 R16
Багажен простор (l) 288/344 до 1349
Резервоар (l) 59
Д/Ш/В (mm) 4585/1760/1515
Меѓусокино растојание (mm) 2635
Тежина на празно возило (kg) 1345
Носивост (kg) 455
Максимална брзина (km/h) 181
Забрзување 0-100 (km/h) 12 sec. 
Забрзување од место 1 km
- sec.
Потрошувачка (l) 7.9/5.3/6.3
Емисија СО2 (g/km) 147
Цена на тест возило
14.280 евра


 
Get Adobe Flash player