Get Adobe Flash player
Тест: Mitsubishi Outlander 2.0 DI-D Intense +
25.07.2010

Mitsubishi конечно на својот Outlander му поклонува дизајн којшто лагодно може да им конкурира на близнаците од Citroen и од Peugeot и да им земе убаво парче од пазарниот колач бидејќи сега е шик.

mitsubishi-outlander-test-vozi-2010-1

Корпоративниот имиџ на Mitsubishi со лутата, агресивна маска Jet Fighter одлично оди со техниката што се сокрива под ламарината на Outlander чија круна е одличниот погон на четири тркала. Тој доаѓа како директен продукт на сознанијата со децении печалени онаму каде што за возилата е најтешко, на грубите патеки од релијата ширум светот. Бројните победи на најбруталното рели на издржливост Дакар се потврда за експертизата што Mitsubishi ја вградува во своите модели со погон на четири тркала без оглед на намената.

mitsubishi-outlander-test-vozi-2010-2

Приказната околу техниката е во ред, но треба да се намамат купувачите да ги почуствуваат вредностите на Outlander. Исплакнатиот дизајн покажа дека за борба на пазарот треба нешто ново, а ликот Jet Fighter е погодок во центар. Направените модификации не се однесуваат само на маската. Сменети се хаубата, крилата, страничните прагови излиени во отпорна пластика во црна боја и украсени со хромирана лајсна, ретровизорите со интегрирани трепкачи од светлечки диоди, а поставена е и хромирана лајсна во подножјето на страничните стакла. Модификациите најдобро ги прикажавме при претставувањето со низа фотографии извлечени директно од каталогот на Mitsubishi.

Голем напредок е постигнат во уредувањето на кабината. Задржани се дизајнот и функционалноста кои ги опишавме во тестот за Citroen C-Crosser. Меѓутоа содржината што ја нуди кабината на Outlander е доволна за да се наполнат очите. Нивото на опременост е на завидно ниво посебно кај тестираната верзија Intense +. Дефинитивно вака опремен Outlander има што да понуди. Во кожа поставена арматура, панели на вратите, страници од седиштата, волан, рачка од менувачот и рачна сопирачка. Кожата е прошиена со дупли шевови со бел конец кои го даваат потребниот контраст и племенит изглед на кабината. На сето ова покрај вообичаените ставки од опрема се надополнува и премиум аудио системот Rockford Fosgate со 9 звучници и моќност од 700 W. Нов е и централниот дисплеј сместен меѓу бројачот на вртежи и брзиномерот кој сега е во боја и нуди значително повеќе информации од претходниот. За жал практичниот долап со капак сместен на врвот од арматурата повеќе го нема.

mitsubishi-outlander-test-vozi-2010-3

Outlander ја задржува функционалноста со деллива задна клупа која лизга по должина и има можност за менување на аголот на потпирачите. Се преклопува автоматски со притискање на копче во багажникот. Просторот е умно искористен со сместување трет ред седишта сокриен во подот на багажникот. Долниот дел од дводелната задна врата сеуште се преклопува хоризонтално и носи 200 kg што е исклучително практично при товарање или може да користи за седнење додека се обуваат кондури за скијање или се собува мокар комбинезон или калливи чизми. Outlander ги задржува повеќенаменските аспирации и привлекува активни луѓе кои имаат потреба од возило што добро се однесува на пат, може да се вози низ град и има пристојни теренски карактеристики.

Погонот е веќе познат. Outlander во идеални прилики дали во град или на пат може да вози само со погон напред, додека во посложени патни услови погонот на четири тркала е најпримерен. Покрај автоматското префрлање на вртежениот момент на предната и задната оска кое е варијабилно во зависност од нивото на тракција, инженерите ја поставиле и опцијата за заклучување на централниот диференцијал кој во случајот е повеќеламелна вискозна спојка. Тогаш вртежниот момент се пренесува 50:50 предна/задна оска и Outlander e способен за поголеми предизвици. На терен погонот може да проголта многу, но го ограничуваат долгите превиси поради што се бара зголемено вниманиие.

mitsubishi-outlander-test-vozi-2010-4

Токму на терен доаѓа до израз една карактеристика на 2.0 литарскиот турбо дизел кој доаѓа од Volkswagen. Дизелот и припаѓа на постарата генерација и снагата ја испорачува нерамномерно. До 2.000 врт/мин e инертен, а потоа доаѓа наплив од снага и брутално повлекување. Иако моторот има доволно моќност дури и кога Outlander e под полно оптоварување со седум патника и багаж, повлекувањето од ниски вртежи претставува проблем. Со него секогаш треба да се предвидува и постојано да се работи со менувачот што само по себе причинува задоволство. Степен пониско и силно притискање на педалот за гас е приоритет. Сепак, би сакале под хаубата да преде 2.2 литарскиот турбо дизел на PSA.

Споменавме дека карактеристиката на моторот најмалку одговара на терен, кога се вози споро и се совладуваат сложени препреки. Тогаш моторот мора да се држи на високи вртежи за да има снага да повлече и постојано да се балансира со спојката која притоа трпи најголемото оптоварување и лесно прегрева. Со ваков мотор решение е или редуктор, или прв степен со кус преносен однос, или пак, дизелот од PSA, што во Mitsubishi најлесно можеле да го решат. А тоа евентуално и ќе се случи.

mitsubishi-outlander-test-vozi-2010-5

Заклучокот е дека Mitsubishi го скроил Outlander како вистински десетобоец. Добар на пат и надвор од него. Способноста за совладување свијоци е завидна без оглед на високото тежиште (приказната за C-Crosser). Практичен пред се ќе го ценат семејствата, но и хобисти кои талкаат преку беспаќата. Во него ќе уживаат и сите оние што бараат престиж и сакаат да бидат забележани. Едноставно Outlander е спремен да исполнува сечии желби и потреби.

Основна цена: 29.980 евра

Сериска опрема: ABS + EBD + BAS, ASC, TCS, 6 воздушни перници, автоматски клима уред, аудио систем Rockford Fosgate, Bluetooth, електрика на стакла, електрика на ретровизори со греење, централна брава со далечинско, патен компјутер, темпомат, светла за магла, затемнети стакла, леснометални бандажи од 18 инчи, кожен ентериер, ксенон светла, кровни носачи, паркинг сензори.

Mitsubishi Outlander 2.0 DI-D Intense +
Мотор Дизел
Распоред на цилиндри Реден
Број на цилиндри 4
Вентили 4 на цилиндар
Брегасти вратила 2 во глава на мотор
Зафатнина (cm3) 1968
Моќност kW (KS)/вртежи 103(140)/4000
Вртежен момент Nm/вртежи 310/1750
Менувач 6-степен мануелен
Погон На четири тркала
Сопирачки напред
Вентилиран диск
Сопирачки назад Диск
Гуми 225/55 R18
Багажен простор (l) 771 до 1691
Резервоар (l) 60
Д/Ш/В (mm) 4665/1800/1720
Меѓусокино растојание (mm) 2670
Тежина на празно возило (kg) 1690
Носивост (kg) 640
Максимална брзина (km/h) 187
Забрзување 0-100 (km/h) 12.3 sec. 
Забрзување од место 1 km
- sec.
Потрошувачка (l) 8.7/5.8/6.8
Емисија СО2 (g/km) -
Цена на тест возило
29.980 евра

 

 

 

Facebook