Сеедно е каде. Човек може да се загледа во муцката или во
техничките податоци на „407”, заклучокот секогаш ќе биде ист. Овој
Peugeot е создаден за престигнување.
Нема шега со лимузинава од Peugeot. Со раширената
лавовска муцка таа како да сака да проголта се што ќе најде пред себе
на лентата за престигнување. И, навистина, кога во ретровизорот ќе се
здогледа муцката на најновата лимузина на Peugeot, префрлувањето за
една лента надесно е најчестата реакција. Дизајнерите успеале да внесат
агресивност во појавата на „407”, блиска до суперспортските лимузини со
знак на Ferrari, но без притоа да се наруши елеганцијата со којашто
треба да се одликува лимузина од средната класа.
Впрочем, француската
марка веќе долго време избегнува да пресува здодевност во каросериската
ламарина. Како примери за успешниот дизајн на марката нека послужат
малиот „206” и компактот „307”. Од која страна и да се погледне
лимузинава, се препознава дека е „407”. Отстрана, нискиот и долг преден
дел, тркалезниот долен раб на задниот прозорец и суптилното втопување
на линијата на покривот во краткиот и висок заден капак создаваат
силуета на купе. На многу долго купе.
Кабината пречекува со допадлива внатрешност и
со пријатно просторно чувство. Заслуга за тоа има и рамното, далеку
напред поставено ветробранско стакло. Удобните седишта ветуваат солидна
поддршка на телото, а задоволува и вниманието посветено во завршната
обработка. Добро е што е така бидејќи во возилата од средната класа
купувачите веќе сакаат да почувствуваат квалитет. Оригинално изгледа
средишната конзола, која како своевиден водопад се слева по таблата. Јасните
инструменти на бела подлога, обрабени со хромирани прстени, внесуваат
извесна доза на луксуз во внатрешноста.
Има што да се прочита од
инструментите. Заедно со мерачот на температура на масло, ги има вкупно
пет. Меѓу нив е сместен и екранот за патниот компјутер. Пречи само
пренатрупаноста на средишната конзола со копчињата за радиото и за
климата. Затоа, пак, „407” се оддолжува со практичност на
комбилимузина. Со соборување на задната клупа, поделена и во горниот и
во долниот дел, се добива рамна товарна површина на која може да се
сместат предмети долги до 1,70 метри. Практично се решени и преградата
пред совозачот со место за шише од 1,5 литри и средишниот потпирач за
рака со висинско местење.
Радува сознанието за комплетноста на
опремата што се добива веќе во основната изведба на „407” со
дволитарски мотор HDI: прогресивно сервоуправување што „стврднува” при
повисока брзина, централно заклучување и електрика на сите четири
прозорци, автоматски клима-уред со филтер за полен и посебно местење на
температурата за левата и за десната страна на возилото, климатизирана
преграда пред совозачот, па дури и леснометални бандажи од 16 инчи.
Со
добиената безбедносна опрема може да се биде спокоен во возилово. Освен
однапред, отстрана и покрај главата, воздушна перница има и пред
коленото на возачот. И електронските уреди се добиваат во пристоен
број, од контрола на тракција до помош при сопирање. Купе-лимузинава
верно го исполнува тоа што се чита во изразот на предната маска. Го има
и соодветниот алат - дизелите во „407” се опремени со „overboost”.
Нешто слично како во „Ford Falcon Interceptor” на Лудиот Макс. Разликата е во тоа што
тука возачот не мора да посегнува по копчето кога ќе се налути.
Електрониката го препознава соодветното расположение и дозволува
поголем притисок на натполнење од турбината. Така се овозможува
краткотрајно зголемување на вртежниот момент, што кај дволитарецов и
без тоа е енормен. Кога посилно ќе се притисне педалот за гас во
подрачјето меѓу 1.750 и 3.200 min-1, вртежниот момент се зголемува од
320 на 340 Nm. Сосема доволно за безбедно да се престигне друго возило.
Дури, возачот често останува збунет од тоа колку лесно најмоќниов
дизелски „407” ја завршува постапката и единствено што му преостанува
по престигнувањето е ладно поттурнување на менувачот во шестиот степен.
Нели, создаден е да престигнува. Инаку, дволитарецот со модерна техника
ги ослободува своите 136 КС со пријатна хармоничност.
Без забележлива
турбодупка, четиривентилецот повлекува и прифаќа високи вртежи. Со
моторов, „407” сè уште не е страв и трепет на тркачките патеки, но оди
многу брзо. До стотка е за 10,8 секунди, а крајната брзина изнесува 208
km/h. И вредноста на потрошувачката на гориво заслужува внимание.
На тестот на AUTO BILD, 407 HDi потроши 7,2 литри. Може да се помине и
со уште помалку и податокот за потрошувачката да почнува со петка.
Спортските таленти на Peugeot заслужуваат почит.
Со цврсто подвозје и
прецизно управување, лимузината зачудувачки лесно ги совладува
свијоците и тврдоглаво останува залепена за линијата на движење што ја
замислил возачот. Притоа, само кратките нерамнини остануваат
непречистени од амортизацијата. Тоа ќе пречи ако „407” се користи само
за превоз до работа и назад и не £ се даде шанса да ги покаже сите свои
таленти на отворен пат. За лимузина од класава, сепак е многу
поверојатно дека километрите ќе ги собира по брзи автопати, отколку по
градски улички. Тогаш најмногу се чувствуваат лимузинските манири
на „407”.
Технички податоци
Peugeot 407 ST 2.0 HDI
Мотор
R4 • 4 вентили по цилиндар • зафатнина 1.997 cm3 • моќност 100 kW (136
КС) при 4.000/min • max. вртежен момент 320 Nm при 2.000/min. • погон
напред • шестстепен менувач • напред независна суспензија, назад
мултилинковска оска • гуми 205/60 R16 • резервоар 70 l • д /ш /в
4.675/1.810/1.445 mm • Vmax 208 km/h • 0-100 km/h за 10,8 s. •
потрошувачка на тест 7,2 l/100 km
|