Get Adobe Flash player
Тест: SsangYong Actyon 2.0 Xdi
07.02.2008
ssangyong-actyon-1.jpgКај нас SsangYong е познат по издржливите теренци Musso и Korando, кои после долги години сеуште возат по патиштата и беспаќата оддавајќи впечаток како да се во цутот на младоста.

Ова несомнено говори за квалитетот на секој теренец што излегува од погоните на SsangYong. Дополнителен мотив за вербата во SsangYong е механичката основа која се темели врз искуствата на Mercedes. Но, не само механиката. Корејците со гордост ќе ви потврдат дека квалитетот на нивните возила и завршната контрола се базираат на стандардите предвидени од германскиот проиводител.

Хм... Интересeн факт што би требало да ги привлече купувачите. Пред се оние што сакаат да се разликуваат и оние што знаат да препознаат „добра роба” кога ќе ја видат. Исто така познато е дека SsangYong од секогаш екпериментирал со дизајнот и дека нивните возила или ги сакате, или, не. Тука нема средина. Но, без оглед, се допаѓа или не, имајте на ум дека секогаш ќе бидете видени. Анонимност нема кога е во прашање Ssangyong, посебно неговото најмало чедо Actyon.

Теренецот што носи епитет на SAV - Sport Activity Vehicle одушевува, изненадува и затекнува. Главите на минувачите некако природно се свртуваат кога Actyon ќе се најде во близина, устата е подотворена и погледот полн прашалници: Што е пак сега ова?

Тука зборовите не се доволни за да се опише појавата на Actyon и да се дискутира околу дизајнот. Actyon треба да се види.

ssangyong-actyon-2.jpg










Описот, дека однапред личи како птица грабливка што пикира кон својот плен, одзади огромна метална површина заокружена со големи светла со раменици на спортист, страничната линија со кров што паѓа косо назад личи на купе со четири врати, не кажува многу.

Повторуваме, Actyon треба да се види и да се почувствува.

Изненадувањето продолжува и во кабината. Многу простор по висина, ширина, и должина. И напред и назад. Удобни, големи и цврсти седишта, со можност за прецизно местење. Преградни мрежи на потпирачите од предните седишта и задниот дел од централната конзола. Потпирачот на задната клупа се накосува наназад за дополнителен комфорот, а се преклопува и нанапред во однос 2 : 1 и формира пространа рамна површина со подот од багажникот каде без проблем може да се превезува и велосипед.

Багажникот заслужува критики. Не изработката туку концептот. Подот е поставен високо, па така товарењето ги тренира муксулите. Плиток е, последица на огромното резервно тркало во полна димензија сместено внатре. Доколку би било закачено оздола или на задната врата тогаш не би имало замерки. Вака мора да се прави ригорозна селекција кога се оди дури и на викенд, за годишен одмор да не зборуваме. Во SsangYong имаат одговор:Actyon цели на млади слободни луѓе, а за оние со семејство тука е поголемиот Kyron.” Очигледно и затоа не даваат податок за неговиот волумен.

ssangyong-actyon-4.jpg










Добро тогаш.      

Изработката и квалитетот на материјалите е за пофалба. Малку изненадува пластиката, која на прв поглед личи дека е мека, а всушност е тврда на допир. Нејасно. Зошто толку напор да се направи квалитетна пластика, а фалело уште малку за таа да биде мека. Високите стандарди при изработка гарантираат отсуство на лоши звуци во кабината дури и кога се вози по макадам. Дизајнот на арматурата се потврдува како успешен. Централна конзола свртена кон возачот, големи вртливи кочиња за избор на погонот, се е на дофат. Интересно: две групи копчиња сместени во кругови лево и десно од воланот каде се вклучува/исклучува магленки, греачи на предно и задно стакло, се манипулира со ретровизори...

Качувањето во кабината бара тренинг, но кога ќе се закуткате во седиштето се открива еден нов свет. Се седи високо, чист поглед напред, задниот дел бара привикнување. Воланот природно легнува во рака. Возачката позиција е добро одмерена, па така, местењето на воланот по длабочина, кое го нема, воопшто не е потребно.

За удобно патување се грижи меката суспензија, добро на правец и на терен, лошо за свијоци. Actyon лизга преку сите четири тркала и бара привикнување. Подоцна станува јасно дека двојните попречни водилки напред, мултилинкот назад го прават изненадувачки способен за совладување на свијоци. Без претерување. Тука се надополнува и управувањето со пристојна прецизност, но без повратен одговор за она што се случува со тркалата. Дел од вината лежи и во гумите на Kumho. Летниот модел Solus 15 со димензии 255/60 поставен на леснометални бандажи од 18 инчи дефинитивно не е добра комбинација посебно за на терен за снег да не зборуваме. Плус за нив се доплаќа. Сметаме дека подобри гуми со димензија 225/70 поставени на тркала од 16 инчи кои доаѓаат во серија ќе бидат поуспешна комбинација.

ssangyong-actyon-3.jpg










Actyon вози со постојан погон на задна оска, но кога се напушта патот или за во тешки патни услови со помош на вртливо копче погонот се префрла и на предната оска. Згора на тоа како помош доаѓа и редуктор. Тракцијата кога е вклучен погонот на сите тркала е одлична и Actyon на надвор од пат е добар играч и никого нема да го остави во густо. Сепак, блокада барем на централниот диференцијал би значела многу во критични ситуации. Иако овој недостаток во SsangYong го пеглаат со ESP, но само во поопремените верзии.

2.0 литарскиот четирицилиндричен турбо дизел во основа е дериват на CDI од Mercedes. Остварува 141 КС и максимален вртежен момент од 310 Nm, доволни за лесно задвижување на теренецот од безмалку 2 тона. На старт се јавува со груб звук кој по загревањето се смирува. Сепак, при забрзување останува гласен се додека не се достигне саканата брзина, потоа се стишува и мирно преде. Кабината е добро изолирана и при повисока патна брзина внатре е тивко. За тишината заслуга има и менувачот со добро одмерени степени на пренос. Менувачот има строго одредени одови, прецизен е и задоволство е да се работи со него и бара малку сила при префрлање. Многу повеќе сила е потребно за да се притисне спојката што во градски метеж ќе ве натера да помислите: Зошто не се одлучив за пет степениот автоматик? Но, ова е теренец нели? Затоа пак сопирачките заслужуваат пофалба и на нив би можеле да се угледаат и некои поизвикани производители. Прецизно се дозираат, прогресивни се и имаат доволно моќ за да ја сопрат грдосијата.

Производителот не кажува колку време трае забрзувањето до 100 km/h, додека максималната брзина изнесува пристојни 173 km/h.

Моторот, менувачот, подвозјето и сите механички компоненти се поставени на класична шасија врз која почива каросеријата. Затоа Actyon носи печат на класичен теренец кој заведува со стил.

Или ако ја преформулираме реченицата во интерес на одговор на поставеното прашање на почетокот од текстот, тогаш би рекле: Невообичаен заводник со печат на класичен теренец.

SsangYong Actyon 2.0 Xdi
 Мотор  R4 дизел
 Вентили/брегасти оски  4 на цилиндар/1
 Зафатнина (cm3)  1998
 Моќност kW (KS)/вртежи  104(141)/4000
 Вртежен момент Nm/вртежи  318/1800
 Менувач  5-степен мануелен
 Погон  Четири тркала
 Сопирачки  дискови/дискови
 Багажен простор (l)  -/-
 Резервоар (l)  75
 д/ш/в (mm)  4455/1880/1740
 Тежина на празно возило (kg)  1881
 Потрошувачка (l)  9,9/6,3/7,8
 Цена  23.700 евра

 

 

 

Facebook