Get Adobe Flash player
Тест: Toyota Prius Sol
29.06.2010

Ајде сите да возиме хибриди! Можеби оваа покана нема да наиде на масовен одговор, а ќе се најдат и многу контра аргументи, но идејата не е само заштеда на гориво туку и единствено чувство да се вози на струја.

toyota-prius-sol-test-2010-1

Ова последново го тврдевме и за претходникот. Настрана математиките околу исплатливоста кои сите ние толку многу сакаме да ги практикуваме секојдневно, посебно сега со користените возила. Задоволството да се вози на струја е неспоредливо чувство кое со третата генерација на Prius уште повеќе доаѓа до израз.

Денес батериите на Prius, иако сеуште никел-метал хидрид, нудат повеќе џус за подолго возење на струја. Електромоторот со своите 60 kW е два пати помоќен од претходникот и дополнително го продолжува електричното искуство зад волан. Дури и кога ќе се стартува малку поостро бензинецот не почнува веднаш да бучи во обид да помогне да го истурка 1.370 kg тешкиот хибрид. Prius сега вози и побрзо и подолго на електрика. Кусите растојанија низ град, посебно во утринскиот и попладневниот метеж, без проблем може да се истуркаат само на струја доколку стартувате со полни батерии. Фабриката вели дека само во електричен модус може да се извозат до 2 km и може да се заклучи дека податокот не е напумпан. Тогаш кога ќе се потсетите дека потрошувачката на гориво е 0 L/100km и емисијата на издувни гасови исто така бележи вредност 0, станувате горди бидејќи седите во автомобил којшто ја чува животната средина. Отсуството на бучава претставува единствено доживување додека седите во удобните седишта, а околу вас баботат бројните дизели и бензинци.

Како ли само ќе биде кога ќе пристигне верзијата plug-in која ќе се полни приклучена на стандардна електрична мрежа и кога Toyota ќе ги вгради најавуваните литиум-јонски батерии кои подолго држат струја.

toyota-prius-sol-test-2010-2

Задникот задржал најмногу сличности со претходникот и ги носи препознатливите обележја на еден Prius. Острите рабови се данок на подобрата аеродинамика

Третата генерација на Prius сé прави многу подобро од претходникот. Основните поставки на хибридниот погон на Toyota остануваат исти, но помоќниот бензинец од 99 КС и спрегнатиот електромотор многу полесно ги исполнуваат желбите на возачот благодарение на заедничката моќност од 136 КС. Дури и менувачот со континуиран варијабилен пренос реагира побрзо. Изразената бучава кога нагло ќе се притисне врз педалот за гас сега трае многу покусо бидејќи Рrius многу побрзо ја набира брзината. Единствено од бучавата нема бегање додека се качувате на планина. Можеби некому ова ќе му пречи, но проблемот, ако воопшто може да се нарече проблем, е системски. Односно станува збор за особина на менувачот, а не за недостатокот. На отворено целата работа се смирува кога ќе се постигне бараната брзина и притисокот врз педалот за гас ќе попушти. Тогаш Prius е изненадувачки тивок. Дури и кога се крстари со максимална брзина.

Оптимизирањето на соработката на бензинецот и електромоторот најдобро се постигнува со темпомат. Покрај тоа што го прави возењето порелаксирано темпоматот игра значајна улога и во заштедата на гориво. Сепак, негова задача не е и да учи како се вози штедливо. Тоа задоволство му припаѓа само на сопственикот кој обилна помош добива од централниот дисплеј преку кого Prius постојано информира за токот на енергијата. Односно дали електромоторот е тој што не движи, или пак, му помага на бензинецот кој воедно дел од енергијата троши и за полнење на батериите. Или пак, при сопирање и забавување електромоторот ја превзема улогата на генератор и тој ги полни батериите.

При поставувањето на информацискиот дисплеј инженерите на Toyota направиле одредени измени во однос на претходникот. За да се подобри безбедноста при возење мониторот е поставен високо во центар на арматурата, не на централната конзола. Сега нема потреба да се сврти погледот од пат за да се следат параметрите. Дополнително Prius e опремен со Head-up дисплеј кој по избор може да ја покажува само брзината или и мерачот за колку економично возиме. Сета оваа модерна технологија функционира беспрекорно и човек толку лесно се навикнува што подоцна ја бара и во друго возило.

toyota-prius-sol-test-2010-3

Багажникот има двојно дно заради батериите сместени веднаш зад задната клупа. Пластичното корито е доволно длабоко и искористливо, а под него се сокрива резервното тркало. Ролетната знае да тропа

Приказната околу единственото чувство зад волан не застанува тука. Изборот дали ќе возиме напред или во рикверц повторно паѓа на терет на џојстикот кој сега штрчи од високо поставената централна конзола. На неа е поставен и touch screen екран од 7 инчи преку кого се управува со аудио системот, клима уредот, навигацијата..., а на него се прикажува и сликата што ја дава камерата за возење наназад. Овој мултимедијален систем располага со хард диск од 40 GB, Bluetooth и 8 звучници кои произведуваат звук посебно дизајниран за кабината на Prius. Управувањето со мултимедијалниот систем можат да го превземат и командите на волан кој сеуште е поставен прениско без оглед што сега може да се мести и по висина и по длабочина и бара навикнување.

Уште една работа на која се навикнувате во Prius е богатството од опрема и вниманието за детали. Јапонците и кај останатите модели важат за дарежливи, но кај Prius работите превземаат друга димензија. Кога сета опрема со која располага Prius Sol би се накрцкала во некој класичен автомобил тој би чинел баснословно.

Како што растат димензиите Prius така расте и неговата кабина и багажникот. Патниците ниту кај претходниикот неможеа да се пожалат на комфорот како на предните седишта така и на клупата одзади. Одзади патниците дури можат да ги прекрстат нозете што е реткост кај автомобилите покуси од 4,5 метри. Дури тројца нема негодуваат на долги патувања. Багажникот се перчи со искористливите 446 литри волумен плус двојното дно.

toyota-prius-sol-test-2010-4

Head-up дисплејот секогаш го задржува погледот на возачот на пат. На него лесно се навикнувате, а по желба може и да се исклучи што не е препорачливо

Иако не наменет за бришкање, Prius се вози изненадувачки брзо. Во комбинација бензинецот и електромоторот силно повлекуваат и тогаш грбот силно турка врз потпирачот. Стегнатото подвозје нема ништо сродно со лелејавата суспензија на претходникот. Новиот Prius е цврсто како камче и стои цврсто залепен за подлогата дури и кога се обидувате да го извадите од такт низ низа од свијоци. При претерување носот знае да избега, додека задникот заради тежината на батериите останува мирен. Кога ќе се прететра на сцена стапува програмата за стабилност која ги исправа возачките експерименти. ESP не реагира ревносно и дозволува мали поигрувања и остава простор за Prius да измами насмевка на лицето на возачот.

Третата генерација на Prius не нуди само единствено чувство и задоволство при возење на хибрид, туку задоволство при возење воопшто. Просторната кабина, богатата опременост, квалитетот на употребените материјали и вообичаено високото ниво на квалитет на Toyota кое кај Prius е подигнато уште едно скалило повисоко се доволни параметри за да го постават рамо до рамо со автомобилите од класа погоре. И тука застануваме. Како што ветивме на почеток нема да правиме математика и нема да навлегуваме во полемики дали има економска оправданост да се поседува Prius.

toyota-prius-sol-test-2010-5

Ергономијата во Prius е чекор пред останатите. Мултифункционлното копче на воланот управува со патниот компјутер, избира информација на централниот дисплеј и управува со клима уредот

Можеби бројките на крај нема да излезат во корист на Prius дури и ако се знае фактот дека кај нашите власти малку од малку проработи еколошката свест и одлучија да ги повластат хибридите со неплаќање акциза. Но, ако се земе предвид дека не е само потрошеното гориво тоа што го прави Prius еколошки, тогаш работите лесно се свртуваат во негова корист. 37% пониската емисја на СО2 во однос на класичен бензинец од 2.0 литри, 47% пониската емисија на канцерогени азотни оксиди NOx од 2.0 литарски дизели, можноста за обновување на 95% и рециклирање на 85% од деловите на автомобилот кажуваат многу за еколошката трага на Prius. И доколку сето ова не е доволно за да се стане горд жител на планетата земја кој преку своето возило јасно покажува во колкава мера е свесен за нејзините проблеми, тогаш останува само единственото чувство да се вози на струја.

Основна цена: 29.490 евра

Сериска опрема: ABS, EBD, BA, VSC +, TRC, 7 воздушни перници, ISOFIX, централна брава со далечинско, Head-up дисплеј, аудио со CD со 8 звучници, MP3 и WMA, навигација со хард диск од 40 GB и touch screen од 7 инчи, Bluetooth, патен компјутер, информациски дисплеј за следење на начинот на возење, команди на волан, автоматски клима уред со филтер за полен, темпомат, предни седишта со местење на лумбалниот дел, електрика на стакла, сензор за дожд, електрични греени ретровизори со автоматско преклопување, електронско регулирање на предни светла, камера за возење во рикверц, сензори за паркирање, кожа на волан, тонирани повеќе слојни стакла со дополнителна термичка изолација и изолација против ултравиолетово зрачење, предно стакло на кое не се задржува вода, предни светла за магла, автоматско вклучување на светла, леснометлани бандажи од 17 инчи.

Toyota Prius Sol
Мотор Бензин/Електромотор
Распоред на цилиндри Реден
Број на цилиндри 4
Вентили 4 на цилиндар
Брегасти вратила 2 во глава на мотор
Зафатнина (cm3) 1798
Моќност kW (KS)/вртежи 73(99)/5200
Вртежен момент Nm/вртежи 142/4000
Електромотор со Моќност kW 60
Вртежен момент Nm 207
Вкупна Моќност КС 136
Менувач CVT
Погон Напред
Сопирачки напред
Вентилиран диск
Сопирачки назад Диск
Гуми 215/45 R17
Багажен простор (l) 446
Резервоар (l) 45
Д/Ш/В (mm) 4460/1745/1490
Меѓусокино растојание (mm) 2700
Тежина на празно возило (kg) 1370
Носивост (kg) 425
Максимална брзина (km/h) 180
Забрзување 0-100 (km/h) 10,4 sec. 
Забрзување од место 1 km
- sec.
Потрошувачка (l) 3.9/3.7/3.9
Емисија СО2 (g/km) 89
Цена на тест возило
29.490 евра

Основна цена: 29.490 евра

Сериска опрема: ABS, EBD, BA, VSC +, TRC, 7 воздушни перници, ISOFIX, централна брава со далечинско, Head-up дисплеј, аудио со CD со 8 звучници, MP3 и WMA, навигација со хард диск од 40 GB и touch screen од 7 инчи, Bluetooth, патен компјутер, информациски дисплеј за следење на начинот на возење, команди на волан, автоматски клима уред со филтер за полен, темпомат, предни седишта со местење на лумбалниот дел, електрика на стакла, сензор за дожд, електрични греени ретровизори со автоматско преклопување, електронско регулирање на предни светла, камера за возење во рикверц, сензори за паркирање, кожа на волан, тонирани повеќе слојни стакла со дополнителна термичка изолација и изолација против ултравиолетово зрачење, предно стакло на кое не се задржува вода, предни светла за магла, автоматско вклучување на светла, леснометлани бандажи од 17 инчи.   

 

 

 

Facebook