Get Adobe Flash player
Тест: Volkswagen Touareg 3.0 V6 TDI
19.07.2007
volkswagen-touareg-1Времињата за луксузните теренци никогаш не биле потешки. Грижата за животната средина ги става овие растрошни колоси под лупа повеќе отколку било кога досега.

Затоа претставува голема тешкотија да се одржува актуелноста на еден ваков теренец. Токму од тие причини Volkswagen неодамна го рестилизираше Touareg подарувајќи му нова младост иако пустинскиов талкач никако да се симне од листата на бестселери.

Сега Touareg може да се пофали со дизел кој помалку загадува, работи уште помазно и што е најважно штеди. Со куп дополнителна опрема тестното возило остава силен визуелен печат. Хромирана маска, светла за магла, нови бандажи од 17 инчи и валци 255 и кровни шини е само дел од опремата која VW му ја подарил на своето чедо за на терен.

volkswagen-touareg-3

 

 

 

 

 

 

 

 


Но, тоа не е се. За да може Toureg да остави уште поголем впечаток кога ќе го здогледате во ретровизор дизајнерите се погрижиле маската да ја пресликаат од купето со метален кров Eos од каде е позајмен и дизајнот на предните светла. Touareg профитира и од ниската каросерија која служи како визуелен трик за да се намалат неговите големи пропорции својствени за секој сериозен 4х4. Можеби оптичката лажга ги наведе одговорните во Vokswagen да уверуваат дека Touareg „пред се има перформанси на агилен спортски автомобил.” Но, кога би било така тогаш што ќе му се на концернот VAG автомобили како Audi TT или пак Lamborghini Murciélago? Сепак, да не го обвинуваме VW за изјавите од ваков вид бидејќи тие само се обидуваат на купувачите да им претстават дека Тоuareg ќе предизвика задоволство додека седите зад управувачот без оглед дали се наоѓате на градскиот сафалт, кривулест пат или надвор од пат. Што не сомнено им годи на современите авантуристи. А во нивен прилог одат и факти кои велат дека пазарот на SUV е во постојан раст, а луксузниот сегмент од оваа ниша на SUV расте уште побрзо. Дури и кога би ги занемариле предскажувањата и статистиките едноставно луѓето сакаат сигурност, зголемена видливост, безбедност и можност да се вози секаде и секогаш што им ја пружа еден голем теренец. Значи логиката е тука и VW упорно ја следи. И тоа како.


volkswagen-touareg-2

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Со комфорот што го нуди Touareg може да му се спротивстави на секој ликсузен автомобил, па дури и на теренци полуксузни и од него како на пример еден Range Rover. Посебно голема улога за удобноста при возење има пневматската суспензија која комбинира суптилност при минување преку дупки и одлична контрола врз масивната каросерија. И најважното може да се мести според желбите на возачот. Пневматиката во Touareg нуди три опции вообичаеното автоматско местење, програма комфор и спорт. Ви личи малку? Не грижете се тука не запираат маѓиите. Благодарение на пневматиката во Touareg патувате горе долу како во лифт дури во четири расположиви нивоа. Најниско за товарање, повторно модус Auto за возење на пат и две нивоа за на терен високо и екстремно високо. Затоа нека не ве зачуди желбата на вашето дете кога на цел глас ќе каже: „Татооо, ајде да одиме да си играме лифт во автомобилот!” 

Кога сме веќе кај лифтовите кабината на Touareg може да се пофали со волумен на еден теретен лифт. Место има во изобилство дури и на задната клупа каде комотно можат да се сместат три патника и притоа да не се допираат ниту со рамења. Задната клупа се преклопува на напред во размер една третина/две третини, но не може да се лизга напред назад и не може да се отстрани. Ниту пак може да се добијат екстра седишта во багажникот кој повеќе наликува на длабок бункер со рамен под и е спремен да биде сериозно наполнет.

Дури и во основната верзија Touareg нуди солидно ниво на опременост клима уред, радио со CD, електрика на прозори и ретровизори со греење... Понатаму VW ги исполнува сите желби секако во зависност од длабочината на џебот.

volkswagen-touareg-4

 

 

 

 

 

 

 

 

 
Со воздушната суспензија која доаѓа со доплата, освен во V10 TDI, Touareg управува лесно и прецизно на начин каков не би очекувале од еден теренец. Лесно е да се постави овој мрсен автомобил на замислената линија и подеднакво е лесно да се вози флуидно со прогресивните сопирачки и автоматика која менува меко и без трзаи. Таа во Touareg ја потврдува теоријата дека на теренците им е подобро со автоматика. Сепак, постојат ситуации кога мануелниот мод помага пред се при спуштање на надолнина и при теренско возење. За што Touareg е посебно опремен: блокада на средишниот диференцијал со доплата и на задниот, редуктор и постојан погон на четири тркала. Може да се качи и спушти по стрмнина од 45 степени и може да вози по косина од 35 степени без опасност да се преврти. Изборот на степенот на редукција и блокаа на диференцијалите кога ќе стана исклучително лизгаво оди преку вртливо копче. Поедноставно не може. Единствено проблем создава ниската возачка позиција која е супер за на пат но проблем за на терен кога возачот неможе да види подалеку од хаубата кога пристапува на некаква пречка. Тогаш помага само кревање на седиштето и на воланот.

Моќниот 3.0 V6 TDI е совршен избор за Touareg. Неговите 225 КС и вртежен момент од 500 Nm како да си поигруваат со гломазното тело додека забрзувањето до 100 km/h трае само 9,2 секунди, а стрелката од брзиномерот се закотвува на максимални 202 km/h.

Можеби потрошувачката од преку 10 литри во просек и емисијата на CO2 од 278 g/km не го прават Touareg зелен колку што комисиите на европскиот парламент би посакале. Сепак, тој останува да биде еден практичен, луксузен и посакуван сетеренец.

Volkswagen Touareg 3.0 V6 TDI
 Мотор  V6 дизел
 Вентили/брегасти оски  4 на цилиндар/2x2
 Зафатнина (cm3)  2967
 Моќност kW (KS)/вртежи  165 (225)/4000
 Вртежен момент Nm/вртежи  500/1750
 Менувач  6-степен автоматски
 Погон  на четири тркала
 Сопирачки  дискови/дискови
 Багажен простор (l)  500/1525
 Резервоар (l)  100
 д/ш/в (mm)  4755/1980/1705
 Тежина на празно возило (kg)  2310
 Потрошувачка (l)  14,4/8,5/10,7
 Цена  49.483 евра

 

 

 

 

Facebook