|
Duster e директен одговор на Dacia, односно на групацијата Renault – Nissan, на барањето на ново растечките пазари за преку потребно комфорно, робусно и достапно возило со погон на четири тркала.

Барањето кое до сега ниту еден производител не се обиде да го исполни, на Dacia и успеа од прва. Би рекле прво па машко бидејќи станува збор за прв теренец на романскиот производител и прв теренец којшто покрај во Романија во фабриката во Питешти, ќе се произедува и во Бразил, Русија и Колумбија.
Важно е да се напомене и дека Duster дава директен одговор и на барањата на клиентите во Западна Европа за евтин, практичен, робусен и комфорен теренец нешто што ниту од далеку не е за занемарување.
Иако беше пласиран во април годинава Duster се појави само на одредени пазари. Заради големата побарувачка, презентацијата за пазарите во регионот се одржа дури на почетокот на летото со очекување првите модели да се испорачаат на есен.
Регионаланата презентација на Dustеr беше одржана на падините на Мокра Гора, планина сместена меѓу Тара и Златибор, позната по ридот Мечавник каде Емир Кустурица го смести славното етно село, Дрвен Град, изградено за потребите на снимање на филмот „Животот е Чудо”.

Токму падините на Мокра Гора и бројните планински патчиња со кои е прошарана беа совршено место да се почувствува сето она што го нуди Duster. Од Dacia милуваат Duster да го нарекуваат теренец иако тој во суштина е SUV. Но, за волја на вистината, SUV со поголема наклоност кон теренот отколку кон асфалтот како останатите возила од овој тип.
Својата теренска способност Duster му ја должи на Nissan X-Trail и неговиот прославен погон на четири тркала поткрепен со неколку иновации својствени само за романскиот SUV.
Секако истиот погон го носи и помалиот Qashqai, но за разлика од неговите урбани предиспозиции Duster е нешто сосема поинакво. Поставен е на издржливата предимензионирана платформа на Logan и дополнително има зајакнато подвозје за да се носи со предизвиците на терен.
Се нуди во две изведби 4х2 или само со погон напред и 4х4 со погон на четири тркала. Изведбата 4х2 назад носи иста полукрута оска како Logan и Sandero, додека изведбата 4х4 носи мултилинк задна оска превземена од X-Trail и Qashqai. И кај двете изведби предната суспензија конструкциски е иста како кај Logan.
Под хаубата на Duster работат 1.6 литарскиот бензинец со 105 КС кој се нуди во двете изведби и две варијанти на турбо дизелот 1.5 dCi со 85 и 110 КС. Послабата верзија се нуди само во Duster 4x2, а посилната исто како и бензинецот во двете изведби 4х2 и 4х4.

Погонот на четири тркала нуди три модуси на работа кои се избираат преку вртливо копче на централната конзола:
2WD - во погон се само предните тркала;
AUTO - системот со електромагнетен претворувач на вртежниот момент сам бира кога да ги вклучи во погон задните тркала и како да го распореди вртежниот момент предна/задна оска во зависност од тракцијата. Во овој модус при нормални услови на возење снагата се префрла само на предна оска, а ког некое од предните тркала ќе пролизга тогаш електромагнетен претворувач префрла дел од вртежниот момент на моторот кон задните тркала;
Lock – претставува електронска блокада која нуди постојан погон на четири тркала со рамномерно распоредување на вртежниот момент предна/задна оска. При избор на овој модус системот автоматски го прилагодува и одзивот на педалот за гас и сопирањето, односно системот ABS за возење на терен.
Она што е интересно и значајно кај Duster е како конструкторите успеале значително да ги подобрат/подигнат теренеските способности и да ги стават безмалку на рамниште на вистински теренец без да користат редуктор и масивни диференцијали кои ја поскапуваат изведбата и ја зголемуваат тежината.
Трикот е во креирање на нова менувачка кутија кај која првиот степен на пренос има кус преносен однос кој функционира како да е редуциран и со негова помош Duster успева лесно да повлече голем терет и да совлада голема нагорнина.

Токму заради конструкцијата дури и најтешката изведба на Duster на вага мери помалку од 1.300 kg што претставува одличен резултат. Ова значи подобри перформанси и пониска потрошувачка во секојдневието, но и полесно совладување на препреките на терен.
Тука не застануваат иновациите во Duster. Инженерите се послужиле со уште еден трик. Во модусот Lock електронската контрола го ремапира одзивот на педалот за гас. Тоа значи дека се појавува мало доцнење во одзивот на моторот по притискање или отпуштање на педалот за гас.
Личи чудно, но има логика. Колку пати кога се вози на терен се случува она непријатно сецкање кое е директна последица на одзивот на моторот на педалот за гас. Педалот се притиска или отпушта во зависност од теренот, моторот реагира веднаш и како реакција се јавува надолжното нишање на возилото – сецкање.
Е тоа кај Duster го нема. По долги тестирања спроведени на терен инженерите успеале да ја ускладат контролата меѓу моторот и педалот за гас која ја пегла несовршеноста на реакцијата на возачот до тој степен што кај Duster непријатното нишање на терен е комплетно елиминирано.
Рутата по која возевме на Мокра Гора со бројни стрмнини, превалци и премини низ река беше како создадена за да можат да се забележат сите предности на погонот 4х4 на Duster и на модусот Lock.
Иако на поголемиот дел од планинската рута работа ќе завршеше и изведбата 4х2, сепак во неколку ситуации погонот 4х4, кусиот прв степен и одложената реакција на моторот се покажа како вистинска вредност. Duster течно и без силно притискање врз педалот за гас и поголемо напрегање ги совладуваше предизвиците.

За да нема двојба дека станува збор возило со сериозни теренски способности Duster најавува уште при првата средба. Робусноста е истакната преку набабрените крила, големите арки над тркалата, големата артикулација на оските и кусите превиси кои овозможуваат агол на пристап од 30 степени и агол на напуштање од 36 степени и високиот клиренс од 210 mm со агол на прекршување од 23 степени.
И она што доаѓа како шлаг на тортата наречена Dacia Duster е цената. Домашниот застапник на Dacia на чија покана присуствуваме на презентацијата најавува ценовен старт од околу 11.500 евра за верзијата 4х2 со 1.6 литарскиот бензинец.
Додека за најскапата верзија 4х4 со 1.5 литарски dCi со 110 КС се очекува цена од помалку од 16.000 евра. Списокот со нарачките веќе е отворен, а испорката на првите модели треба да се случи на есен.
|