Новиот Ford Focus доаѓа токму на
прославата од 10 годишнината од претставувањето на првиот Focus во 1998
кој уште тогаш го сврте вниманието со својот кинетички дизајн.
Од тогаш до денес само во Европа се произведени преку 5
милиони примероци што го прави најпродаван модел на Ford. Воедно Focus беше
првиот и сеуште е единствениот автомобил на светот кој ја освоил престижната
награда Автомобил на годината и во Европа и во Америка. Новиот модел кој
претставува рестајлинг на претходникот од 2004 ќе остане на пазарот се до
појавувањето на третата генерација на Focus во 2010.
Во Ford истакнуваат дека измените го опфаќаат секој дел од
каросеријата. Од предниот дел, преку вратите од каде се тргнати страничните ленти,
до новиот заден браник и задна врата обрабена со LED светла. Производството на верзиите
со 3 и со 5 врати, но и на караванот стартуваше уште кон крајот на минатата
година. Годинава стартува производството на седанот со 4 врати, а наскоро се очекува
од производна лента да се симнат и спортската версија Focus ST и
Focus Coupe-Cabriolet. Ford наскоро ќе го претстави и Focus Econetic со 1.6
литарскиот TDCi со ултра ниска емисија на СО2 од 115 g/km и просечна
потрошувачка од 4,3 литри.
Најважно од се е што новиот Focus веќе се
наоѓа во продажните салони во Македонија и се нуди по цена идентична како и
претходната верзија, секако за соодветно ниво на опременост Ambiente,
Trend, Ghia и Titanium и соодветна моторната понуда. Со еден ваков потег Ford
дополнително им се доближува на купувачите.
Новините што ги носи новиот Focus се
подобрување на квалитетот на материјалите во внатрешноста и зголемување на нивото
на опременост уште од серија. Внатре е квалитетна пластика мека на допир која
сега покрај арматурата ја има и на облогите на вратите. Но, само напред. На
задните врати останува пластиката од претходникот која би можела да биде
подобра. Инструментите се нови и изработени во стил на Mondeo со
инфо-дисплеј во средина. Исто така сменети се и копчињата за управување со вентилацијата
и аудио системот.
Понатаму за истакнување и новиот централен потпирач за
раце со волумен од 4 литри, приклучок за струја од 230 V за
правосмукалка, принтер, лаптоп или друг потрошувач со моќност до 150 W и конектор
за iPod.
Дополнително во Focus сериски
доаѓа и системот за предупредување во случај на пад на притисокот во гумите. Верзијата
со повисоко ниво на опременост како Titanium, каква што имавме
прилика да возиме на претставувањето на новиот Focus во
Македонија, носи автоматско вклучување на светлата, сензор за дожд, аудио
систем со врвен квалитет од Sony со дигитално DAB радио и Bluetooth
конекција за мобилен телефон.
Во новиот Focus е вграден и првиот
менувач на Ford наречен PowerShift кој е многу сличен на познатиот DSG на VW. Тој исто
така користи две спојки и работи со пред селектирање на степенот на пренос за
побрзо менување. Се работи за шест степен менувач кој може да работи во
потполно автоматски модус, но дозволува и рачно менување со помош на палки
монтирани на воланот. Доплатата за PowerShift е 1.200 евра.
Чувството зад воланот останува неизменето во однос на
претходникот. Се седи малку повисоко, но седиштето се мести по висина и воланот
по висина и длабочина и возачката позиција лесно се наоѓа. Со свртување на
клучот во бравата се буди познатиот 2.0 литарскиот бензинец со 145 коњски сили.
Моторот е несменет, повлекува одлично и лесно ја одржува патната брзина. Убаво
е што останува тивок и при релативно високи вртежи па не ги оптоварува ушите, а
нема потреба ниту да се повишува тонот при разговор. Звукот се јавува дури кога
стрелката од обртомерот ќе почне да се врти околу бројката 6.000 кога и ги остварува максимланите 145 КС, но тогаш
јасно е дека намерата на возачот не е удобно патување туку бришкање по свијоци
кога звучната кулиса што доаѓа од под хаубата само го надополнува уживањето.
Моторот тогаш дише со полни плуќа, а за одржување на високото темпо потребно е
постојано да се работи со менувач пред се поради вртежниот момент од 185 Nm кој се остварува на високи 4.500. Честото префрлање воопшто не претставува
проблем. Напротив. Благодарение на новото масло во менувачот со помал
викскозитет. Според фабриката забрзувањето до 100 km/h изнесува 9,2 секунди, максимлната брзина е 206 km/h, а просечната потрошувачка е 7,1 литри.
Држењето на патот е една од посилните страни на Focus. Од првата
генерација па до ден денес. Сега доаѓа со фин тјунинг на суспензијата со нови стабилизатори.
Focus кога станува збор за возни својства го носи епитетот
предводник во класата. Со право. Подвозјето зрачи со гипкост, подеднакво е
цврсто и комфорно, управувањето е прецизно, а воланот нуди доволно отпор и
чувство и полни со повратни информации за сето она што се случува под тркалата.
Focus e агилен автомобил и напросто мами да се притиска педалот
за гас. Иако многумина ќе го користат како фамилијарно возило сепак, Ford
Focus е возачки настроен автомобил. И бара да се вози.
|