Get Adobe Flash player
Возевме: Peugeot 308 THP 175
14.07.2008
308-gt.jpgАкцентирајќи се на својот фамилијарен превозник 308 SW, Peugeot патем одлучи да ја промовира и спортската верзија на 308 која го позајмува моторот од малечката бомба 207 GTi.

Повикувајќи се на своето богато тркачко наследство и на извонредните спортисти меѓу кои како икона стои непрежалениот 205 GTi во Peugeot одлучија да внесат доза лутина и во моделската понуда на 308. Под хаубата работи 1.6 литарскиот турбо бензинец кој испорачува 175 коњски сили и максимален вртежен момент од 240 Nm кои со помош на овербуст по потреба се искачуваат на 260 Nm.

Секако ова не е снага од која погонските тркала прштат во обид да ја пренесат на подлогата, но е сосема доволна за удобно и брзо патување на пат и за моменти на оддишка кога ќе се отвори змијулеста делница. Целта не е создавање на ракета на четири тркала, бескомпромисен спортист со ограничена употребна вредност, туку создавање на вистински Grand Turismo каде уживањето не се мери по црната леплива трага што ја оставаат гумите при остар старт.

308-gt-1.jpg


 


 


 


 



Од
надвор се распознава по хромираниот отвор за воздух напред, малку понискиот преден браник и спојлерот на кров. Внатре патниците уживаат во квалитетно обработена кабина исполнета со меки материјали, во многу простор, огромно панорамско стакло кое продолжува во стаклен кров, детали од четкан алуминиум, бела подлога на инструментите, педали до четкан алуминиум, плус алуминиумска топка на рачката од менувачот која угодно лежи и ја лади раката, удобни седишта со испакнати страници за солидно држење на телото во свијок и во прекрасниот звук, но не од аудио системот, тој се подразбира. Од моторот.

Создаден од соработката меѓу Peugeot и BMW напумпаниот 1.6 литарец нуди одлична звучна кулиса, трик што баварците го користат веќе подолго време и е дел од така нареченото дизајнирање на звукот на моторот. Поради оваа причина, но и поради гладта за вртежи вистинско задоволство е да се притиска педалот за гас и менувачот секогаш да се префлра степен пониско. Така се стигнува до темпо 100 за 8,3 секунди и се достигнуваат максимални 225 km/h. Но, бројките не можат да го доловат чувството зад волан.

Иако не е создаден да остава леплива гумена трага врз асфалтот овој 308 THP 175 е возбудлив автомобил. При исклучен ESP, на старт, тркалата скоро секогаш провртуваат пред гумите да го зафатат асфалтот и силно да повлечат напред. Долг на големиот вртежен момент чија максимална вредност се испорачува веќе при ниски вртежи 1.600 врт/мин, а вредноста останува констатна се до 4.500 врт/мин кога полека паѓа овозможувајќи му на возачот да избере дали ќе патува лежерно или ќе тргне со пожестоко темпо.

308-gt-2.jpg


 


 


 


 



Без оглед на опцијата што ќе се одбере
308 THP 175 е способен соодветно да одговори на барањата. Гладта на моторот за вртежи во симбиоза со новиот шест степен менувач чинат чуда. Тесно распоредените степени и прецизниот од, тераат постојано да се посега по алуминиумската топка и да се работи со менувачот. За одлично распоредените односи во менувачот говори податокот дека автомобилот одлично забрзува дури и во шестиот степен. Додека се вози чувството дека сте побрзи од она што го велат бројки следи постојано. Посебно при престигнување кога целата операција се случува за миг и оп, повторно сте во својата лента.

Стегнатото подвозје е за 10 mm пониско во однос на останатите модели од гамата 308 и покажува дека сепак, не седите во обичен автомобил. Поцврсто е и заедно со поголемите тркала и пониски гуми на нерамнини ја покажува својата намена. Нуди далеку помалку навалување на каросеријата низ свијоци и поголема контрола врз автомобилот. Тука се покажува неговата вистинска вредност. Секако удобноста не е тргната настрана. Точно дека подвозјето е стегнато, но сепак е гипко и нуди и доволна доза на комфор.

308-gt-3.jpg


 


 


 


 



Управувањето е прецизно, испраќа доволно информации за тоа што се случува со преднитер тркала, плус отпорот на воланот е одлично одмерен. Ова го почувствуваме возејќи го и 308
SW, но во 308 THP 175 е уште поизразено. Системот на Peugeot кој овозможува чувството на волан да биде подеднакво како да е во директна врска со тркалата без никакви помагала злато вреди посебно на пат полн свијоци.

Прецизното водење, мотор што се врти, одличните сопирачки кои имаат одлична моќ на сопирање и прецизно се дозират, стегнатото подвозје, одличниот звук како да сакаат на партнерскиот тим од Баварија да му го украдат слоганот „Задоволство при возење”. На ова се надополнува и одлично поддесениот систем за електронска стабилност. Веќе споменавме дека по желба може да се исклучи, но за сите оние што не сакаат да експериментираат, а сакаат да притиснат посилно на педалот за гас ESP нуди голема доза на резерва пред да се вклучи.

Тука нема кревање паника не потребно. Системот точно пресметува и го остава возачот да стигне далеку пред да му ја покаже границата. Брзо и безбедно се две работи кои ретко кога одат заедно. Но, 308 THP 175 исполнува желби и кај него може и тоа.

308 THP 175 е десетобоец со вкусно дизајнирани детали надвор и внатре и висок квалитет на материјали, одлично опремен, со добра механика, бисер од мотор, одлични возни својства, способен како фамилијарен превозник, шик парче за млади луѓе, погоден за секој дневно возење низ град, опуштено крстарење по автопат, бришкање по свијоци.

Едноставно 308 THP 175 со својот андерстејтмент не е автомобил кој открива само љубов на прв поглед. 308 THP 175 е автомобил кој воедно открива и љубов на прво возење.


 

 

 

Facebook