|
04.05.2007 |
Тјунерот на Alfa Romeo познатата Autodelta
ќе го искористи настанот „Пролет на Италијанските автомобили” во музејот
Бруклендс, за да ја претстави својата досега најпотентна изведба.
Autodelta GT 3.7 Super, како што ја
нарекуваат компресорската Alfa GT ги доведува познатиот V6 и подвозјето до
екстрем. Постигнати без да се наруши практичноста и возните својства, барем
така тврдат во Autodelta. Прилично смела изјава кога предните тркала на подлогата
треба да пренесат моќност од 405 КС. Да, убаво прочитавте ергела од 405 моќни
коњи.
Зафатнината од серискиот 3,2 литарски V6 е
зголемена на 3,7 литри и во комбинација со центрифугалниот компресор на Rotex
C38-81 е постигната горе наведената максимална моќност и вртежен момент од
508 Nm. Податоци за забрзувањето и максималната брзина Autodelta сеуште не
објавува. Сепак, она што треба да ги интересира потенцијалните купувачи е дали
и како моќните коњи се држат под контрола, отколку колку и треба на Autodelta
GT 3.7 Super да фати стотка.
Најубавото е оставено за на крај. Англискиот understatement
кај Autodelta GT 3.7 Super доаѓа до полн израз. Додека автомобилот однатре врие,
однадвор безмалку воопшто не се разликува од сериската GT. Совршено
за прикриените тркачи за кои правилото, грам имиџ вреди повеќе од килограм
вистински вредност, не држи.
|