Alpina e најзвучното име во светот на тјунираните модели на BMW кое се
препознава по вкусните стилски доработки и модификуваните мотори што
испорачуваат салви моќност.
Најновото чедо на престижната тјунерска куќа почива врз
основата на новата Серија 7 на BMW и го носи карактеристичното име за Alpina,
B7.
Четвртата генерација на В7, премиерно, на светот му е
прикажана во Женева, а под агресивната, но сепак, не премногу со аеродинамички
додатоци накитена каросерија се сокрива голема моќ.
Големиот 4.4 литарски бензински V8 битурбо е способен преку шест степениот автоматик на ZF, SwitchTronic, кон
задните тркала да испорача 507 КС при 5.500 врт/мин и максимален вртежен момент
од мрсни 700 Nm расположиви од 3.000 до 4.750 врт/мин.
Оваа моќност е доволна за да ја катапултира лимузината
долга 5.087 mm, широка 1902 mm, висока 1.484 mm и тешка
2.040 kg до 100 km/h за 4,7 секунди и да ја дотера до максимална брзина од
280 km/h.
И покрај наведените атрибути Alpina B7 не е
премногу растрошна. Во град троши 17,7 L/100 km, на отворено
8,6 L/100 km, во просек 11,9 L/100 km и има
емисија на СО2 од 286 g/km.
Но, ова важи само ако максимално не се искористуваат
раскошниот потенцијал на моторот и на подвозјето и суспензијата со динамичка
контрола на придушување која нуди од апсолутно спортско поддесување,
до комфорно погодно за релаксирано минување на километрите на автопат.
Аеродинамичките додатоци за кои многумина сметаат дека се
дело на добар вкус и дека само ја зголемуваат атрактивноста на основниот дизајн
на BMW се скроени под главното мото на Alpina „Формата
ја следи функцијата”.
Дополнителните отвори во предниот браник се тука за да
доведат доволно свеж воздух за разладување на големиот мотор, додека предниот и
задниот спојлер и каналите под подот го зголемуваат потисокот врз подлогата за 30%
на предна и 15% на задна оска.
Alpina B7 лежи на леснометалните бандажи со
уникатен и препознатлив дизајн на куќата со димензии 8,5 х 21 инчи напред и
10х21 инчи назад обуени во RunFlet гуми Michelin со димензии 245/35 и 285/30.
Внатрешноста е преслечена со исклучително квалитетна и мека
кожа Lavalina шиена рачно. И украсена е со детали изработени од
парчиња Ловорово дрво, кое расте на брегот
на Соединетите Американски Држави што излегува на Тихи Океан. Парчињата се посебно бирани и
сечени на начин за да бидат полни јазли.
Со вакво уредување е добиен топол и традиционален амбиент
во кабината за кој според одговорните во Alpina се
одлучуваат најголемиот дел од клиентите на куќата.
Во Alpina нудат и модернистички алтернативи со детали обоени во Пијано
лак финиш, или пак, алуминиумски сребрен финиш со површина обработена во форма
на дијагонално распоредени ромбови.
Цената не е објавена бидејќи како што велат во Alpina таа
никогаш не е фиксна и се формира во зависнот од желбите на клиентот.
|